Слични главоболки, различна терапија

250

Тешкотиите што се јавуваат со практикувањето на принципот на владеењето на правото очигледно не се ендемски вид маки само на земјите како Македонија туку од оваа главоболка страдаат и државите на Европската Унија. Од друга страна, се добива впечаток дека за иста или слична главоболка, од аспект на владеење на правото, секогаш постои и различна терапија. Сѐ зависи и од тоа дали сте внатре или надвор, дали сте земја-членка на Унијата, земја-кандидат или нешто трето. Се разбира, не е за занемарување и тоа кој ја одредува терапијата

„Не може проблемите да ги решиме со истото размислување со кое сме ги создале“. Ова е една од познатите реченици на светски познатиот научник Алберт Ајнштајн, на која можеби треба да се потсетат во моментот политичарите во Европа и во Македонија, каде што владеат сериозни но и слични проблеми, поврзани со (не)владеењето на правото и функционирањето на правната држава.
Да почнеме прво од дома. Токму изминатиот период нашите политички лидери мака мачат како да се усогласат различните позиции во врска со носење на новиот закон за јавното обвинителство, судбината на СЈО и изборот на идниот шеф на Обвинителството за организиран криминал и висока корупција. Изминатиот период ова е клучна тема околу која се кршат копјата меѓу партиите од власта и од опозицијата, што резултира со неуспешен состанок по седумчасовно преговарање меѓу СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ за овие крупни прашања за дејствување на правната држава.

Сепак, ова не е прва ваква ситуација на која ние, граЃаните, веќе и отрпнавме. Политичките структури во државата некако како по навика се научија со месеци и до недоглед да глумат „решавање“ на крупните проблеми во правосудството, како клучен предуслов за членство во ЕУ.

Притоа, наместо сериозна потрага по решенија, најчесто се користи веќе проверениот метод за сите слабости и за неуспехот да се обвини политичкиот противник.
Во меѓувреме, она што е чудно е што може да се заклучи дека тешкотиите што се јавуваат со практикувањето на принципот на владеењето на правото очигледно не се ендемски вид маки само на земјите како Македонија, туку од оваа главоболка страдаат и државите на Европската Унија. Имено, на ваквите состојби предупреди правниот експерт на Европската комисија (ЕК), Рајнхард Прибе, кој посочи дека ЕУ има сериозни проблеми со државите-членки за владеењето на правото кај нив, па токму поради тоа Брисел ќе бил построг кон оние држави што сакаат да влезат во Унијата. Дека состојбата на ова поле е навистина исклучително комплицирана во Европа можеби може да се воочи и од дејствувањето на новиот состав на ЕК, кој на чело со претседателката Урсула фон дер Лејен првпат отвори сосема нова канцеларија наменета за „надгледување на развојот и спроведувањето на владеењето на правото и законите внатре во земјите на Унијата“. Ова тело е новитет во Унијата и на негово чело застанува довчерашната европска комесарка за правосудство Вера Јурова, која ќе се справува со проблемот на (не)владеењето на правото во европските држави.
За жал, иако навидум маките изгледаат исто, сепак познавачите на состојбите на ова поле во Македонија и во ЕУ тврдат дека тие на крајот од денот не се толку слични, а случувањата не можат да се перципираат од иста диоптрија.

Тоа е така бидејќи ЕУ со овие изјави на нејзините политичари и со формирањето на стручното тело се обидува да подобри кај одредени држави веќе постигнато ниво на дејствување на правната држава. Но во Македонија состојбите се сосема поинакви од оние во ЕУ, нема задоволително ниво на дејствување на правната држава, а правосудниот систем е очигледно зависен од политички влијанија. Токму поради тоа кај нас политичките партии пуштиле длабоки корени во правната држава и во дејствувањето на правосудниот механизам. За тоа има редица примери во минатото, за негативно дејствување на судскиот систем, квалификации за сваровски-судство, тврдења за заробена правна држава, па до последниот случај „Рекет“, каде што постојат индиции за вмешаност на обвинител во незаконски дејства. За да се променат овие штетни состојби, нашите политичари треба да сфатат дека, според законите, судската власт е одвоена од законодавната и од извршната власт и треба да дејствува без какво било влијание од страна. Тоа подразбира нејзина целосна независност и самостојно носење на одлуките во сите сегменти на судската власт. Од друга страна, со самото тоа што на лидерски средби и на политичко ниво се одлучува за нешта што се во делокругот на судската власт, па дури и за кадровски решенија, на одреден начин се девалвира правосудниот систем. Оние што раководат со земјата мора да разберат и дека на сите им е во интерес нашата земја да има функционален правен систем, бидејќи тој е еден од основите врз кои се гради напредокот на земјата, се подобрува дејствувањето на економијата и се забрзува развојот на сите општествени сфери на живење.

Сепак, за одбележување е и појавата кога токму ЕУ со различни очи гледа кога станува збор за владеење на правото. Па, така, во минатото имаше примери кога токму Брисел премолчуваше, па дури и поттикнуваше одредени противправни мерки во државата или премолчуваше пред газењето на меѓународното право. Оттаму, се добива впечаток дека за иста или слична главоболка, од аспект на владеење на правото, секогаш постои и различна терапија. Сѐ зависи и од тоа дали сте внатре или надвор, дали сте земја-членка на Унијата, земја-кандидат или нешто трето. Се разбира, не е за занемарување и тоа кој ја одредува терапијата. Зашто таа може да доведе до брзо закрепнување, но исто така и до понатамошно заболување, ако е погрешно пропишана или несоодветно се аплицира.

[email protected]