Скалила за угоре

212

По најновиот извештај на Репортери без граници, уште долга е листата со домашни задачи што треба да се сработат. Но тоа што особено треба да ги загрижи сите што го јадат новинарскиот леб и по рангирањето на Македонија на 90-то место на табелата во светот, се состојбите со непрофесионалноста и односот кон оваа значајна и важна професија. Непрофесионалноста, особено на социјалните мрежи и интернет-просторот, се шири како пандемија. Слободата во новинарството можеби ќе ја освоиме, но битката против непрофесионалноста и лажните вести не смееме да ја загубиме

Во последниот Извештај на Репортери без граници за слободата на медиумите, Македонија се најде на 90-то место во светот. Тоа е напредок за две места во однос на минатата година и највисоко рангирање од 2013 година досега. Од земјите во регионот, пред Македонија се Словенија, Хрватска, БиХ, Албанија и Косово, додека зад нес се најдоа Унгарија, Србија, Црна Гора и Бугарија. По ваквиот „лет во место“ и „пласман“ на листата на земјите за слободата на медиумите, човек не знае што да мисли, дали да се радува или, пак, да се загрижи. Подобрувањето на нашето рангирање на оваа листа секако дека е охрабрувачко, но далеку е од доволен индикатор дека работите во медиумската сфера во земјава се добри. Иако секој напредок на листата на земјите за слобода на медиуми треба да нѐ радува, сепак пласманот на 90-то место на „табелата “ не само што не треба да нѐ радува туку треба да нѐ замисли. Од друга страна, познавајќи ги начинот и критериумите по кои асоцијацијата на Репортери без граници ја мери слободата на новинарите или медиумите, пласманот на 90-то место е релативна работа. Кога станува збор за новинарството, старо и непишано правило е дека новинарот е слободен колку што се чувствува слободен. Во Македонија имало новинари што биле слободни и размислувале со своја глава и во т.н. едноумие, а многумина не биле слободни ни тогаш ни сега. И во времето на т.н едноумие имало новинари што мислеле и пишувале слободно и, преземајќи го ризикот да бидат и кривично санкционирани, со секој свој текст ја освојувале слободата, за читателите, слушателите и гледачите да добијат точни и вистински информации. Но и тогаш имало новинари што се плашеле да пишуваат и својот вроден страв го правдале со автоцензура од т.н. едноумна диктатура на власта. Слободата во новинарството се освојува, а не се добива.

И тоа секој ден, со секој текст, секоја емисија. И затоа не секој се определуваше да се занимава со новинарство и да го јаде новинарскиот леб, кој многумина го споредуваа со рударскиот. Тие што не сакале да ги прифатат ризикот и таквата филозофија отсекогаш се ваделе дека немаат слобода да се изразат или пишуваат. Нема слободно новинарство со новинари што имаат заробен ум и кои при пишувањето на текстовите или обработката на темите најчесто размислуваат со туѓа глава. Како и сите земји во светот, така и Македонија се соочува со проблемот на (не)слободата во новинарството. (Не)слободни новинари имало и ќе има. Но тоа што особено треба да нѐ загрижи сите нас што го јадеме новинарскиот леб и по рангирањето на Македонија на 90-то место на табелата во светот, се состојбите со непрофесионалноста и односот кон оваа значајна и важна професија. Непрофесионалноста, особено на социјалните мрежи и интернет-просторот, се шири како пандемија и треба да нѐ загрижи сите.
Од т.н. „транзиција“ во медиумите, кога со дигитализацијата секој што има свој портал, Фејсбук, Инстаграм или Твитер стана новинар, уредник или сопственик на медиум, па продуцира свои вести, многу често и непроверени и лажни вести, кои се шират како ковид-19. Денес никој кај нас не знае ни колку (не)образовани и професионални новинари има, ни колку се сопственици на тие т.н. (а)социјални медиуми. Во трката за лајкови и (не)пријатели се изгубија сите. За жал, критериумите како да ги изгубија и тие што треба да ги регулираат состојбите во медиумската сфера.

Засега единствен и најсилен браник на вистината и професионалното новинарство се традиционалните медиуми, особено печатените, кои и натаму ги негуваат и практикуваат високите професионални новинарски стандарди, не само по третманот туку и по обработката на темите, каде што се негуваат сите жанрови во новинарството, почнувајќи од вестите, информациите, коментарите, репортажите, интервјуата…, каде што професионално се негува грижата за јазикот, правописот и стилот на пишување. Во Македонија издавањето на печатените медиуми веќе одамна не е вносен бизнис и секојдневно се бараат начини како да се опстане и преживее во дејноста. Тоа, секако, од медиумските работници бара многу пожртвуваност и многу работа, сѐ во интерес на јавноста. За тоа време во Македонија на отворена врата се промовираат фејсбук-новинарството и (дез)информирањето преку социјалните мрежи, во кое единствено има место само за копи-пејст вестите и информациите, кои се преземаат или прекопираат од другите и традиционалните медиуми, или од личните профили на одредени институции и поединци.

Многу од таквите т.н „медиуми“, за жал, и финансиски се поддржуваат. Најголемиот број „даватели“ на услуги, своите информации или вести еднострано ги пласираат на своите фејсбук-профили, а потоа ги пласираат во своите медиуми, без притоа истите тие да бидат проверени. Ваквото фејсбук-новинарство, за жал, се прошири кај нас во последните години буквално како коронавирусот. Загрижувачки се и односот и затвореноста на одредени институции кон медиумите. Затоа, по најновиот извештај на Репортери без граници, уште долга е листата со домашни задачи што треба да се сработат за во Македонија да бидеме задоволни од квалитетот на новинарството. Слободата во новинарството можеби ќе ја освоиме, но битката против непрофесионалноста и лажните вести не смееме да ја загубиме.