Систем

292

Како и во многу други области, и во спортот мора да постои нешто што ги тркала работите, оти тие сами не се движат. Спортот не може да биде и не е надвор од сѐ, па, така, и тој може да функционира успешно само ако има систем. Посветеноста, тимскиот дух, т.н. хемија во екипата, се некои од клучните фактори за успехот на секоја организирана група, особено спортски тим. А успешните во спортот испраќаат порака дека не само што имаат илјадници часови напорна работа туку имаат и беспрекорна организација зад себе, вистински луѓе на вистински места, максимална волја, голем ентузијазам, силни карактери… Затоа и на изглед лесно решаваат сложени ситуации на натпреварите, постигнуваат голови кога ретко кој би постигнал… Систем

Во тек е едно од поинтересните и повозбудливи светски фудбалски првенства, на кое, секако, има стандардни и очекувани успеси или неуспеси на едни репрезентации и игра топло-студено на други селекции. Гледачите во живо и тие пред телевизорите се главно задоволни од виденото, многу ѕвезди сјаеја кога е најпотребно, голови паѓаат како на лента, нема резултати 0-0, сите ги „изненади“ со своите акции системот видеопомошник-судија (ВАР), кој полека си наоѓа свое место на мундијалите…
По две кола, некои работи се наѕираат, но многу е рано да се прогнозира вкупниот победник. Победите, секако, зависат од ѕвездите, од нивната форма, мотивација, па и инает, но на вакво големо, планетарно и, што е најважно, екипно натпреварување, тимот е тој што ги создава резултатите (добри или слаби, секако). Но и тоа што е зад тимот.
Спортистите многу често изјавуваат кога заминуваат од или пристигнуваат во некоја средина како тој и тој клуб е фантастичен, најдобриот клуб, најголемиот клуб и сл. Со такви изјави никогаш не се мисли на тимот, туку секогаш на нешто многу поголемо – цврстиот темел, големата потпора, ветрот во грбот… Зад секој успешен тим (репрезентација) секогаш стои некоја организација (клуб, федерација…), а во неа е исткаена визија, идеја, посветеност, план, методи…
Заднинците се основата на тимот, за тој да може да функционира, а потоа и да победува. Со еден збор – систем. Како и во многу други области, мора да постои нешто што ги тркала работите, оти тие сами не се движат. Систем, според некои дефиниции, е комплекс од нешта (делови, принципи, процедури) што работат заедно како дел од некоја поголема целина. Според други дефиниции, системот е организиран метод, според трети тоа е организирано планирање и однесување, според четврти збир на елементи организирани за заедничка цел итн.
Самиот збор често е синоним за организација, за план, за метод… А секоја од овие дефиниции ги има и важните зборови и за спортскиот успех – „заедно“ и „организирано“. На кратко, со преносно значење, кога некој ќе каже дека има систем, кажува „знаеме што правеме“.

Спортот не може да биде и не е надвор од сѐ, па, така, и тој може да функционира успешно само ако има систем. И секоја од репрезентациите-учеснички на Светското првенство во фудбал во Русија, 32-те најдобри на планетава во моментов, има свој систем, оти без тоа, на пример, не би ни биле таму каде што се сега.
Систематичниот приод кон работата секогаш носи успех, а како помош во спортот и воопшто, во игра често влегува „адаптацијата“,, со која се менуваат само некои насоки, не и системот, а тој, сега и адаптиран на нови ситуации „од клупата“ секогаш има и ново засилување, кога на теренот истрчува менталитетот, особено оној победничкиот.
Вака подготвен тим може да има постојан успех, а други само ќе постигнат успех на краток рок, ако воопшто и постигнат. Посветеноста, тимскиот дух, т.н. хемија во екипата, се некои од клучните фактори за успехот на секоја организирана група, особено спортски тим. Тие (посветеноста, тимскиот дух, хемијата…) се однесувањето што еден тим го промовира постојано, со години, не она што мислат или сакаат да го направат, туку тоа што го прават, со децении. Сето тоа (системот, постојаноста…) може попрво да резултира со ефективни и продуктивни резултати, отколку некој друг пристап.
Затоа, според многумина, најуспешните не се тие што „знаат“ или се најталентирани, туку тие што знаат како да победат, тие што имаат начин и знаење да ги завршат работите како што треба и кога треба, да постигнат цел, да постигнат гол, поени… Тоа во спортот се, на пример, тренерите што знаат да мотивираат за да го извлечат најдоброто во клучен меч, фудбалерите што знаат како се победува, менаџерите што секогаш знаат што, кога, кој, колку… И сите тие се плод на спортскиот систем што стои зад нив. Без исклучок.
Генерално, лесниот приод кон нештата во минатото прави големи проблеми во сегашноста. И во спортот. „Кога нема да успеете да се подготвите, вие сте подготвени да не успеете“, рекол Бенџамин Франклин. А успешните во спортот испраќаат порака дека не само што имаат илјадници часови напорна работа туку имаат и беспрекорна организација зад себе, вистински луѓе на вистински места, максимална волја, голем ентузијазам, силни карактери… Затоа и на изглед лесно решаваат сложени ситуации на натпреварите, постигнуваат голови кога ретко кој би постигнал… Систем.