Систем што ќе произведува поуспешни генерации

1294

Наши ученици досега неколкупати беа дел од меѓународни истражувања што откриваат колку тие го разбираат тоа што го читаат. Резултатите секогаш без исклучок беа поразителни. Такво беше и последното, кое покажа дека македонските ученици се вешти во препознавањето букви, но не ги читаат течно зборовите, поради што не можат да одговорат на прашањето со разбирање. Акцент во наставната програма за мајчин јазик е ставен токму на ова – читање со разбирање

Новите наставни планови и програми за одделенска настава ќе функционираат во насока на тоа да се работи на зајакнување на самодовербата кај учениците, да се развива нивната љубопитност, нивниот порив сами да истражуваат и да носат заклучоци за одредени појави, како и да им се развива критичкото мислење. Ова се нештата што се клучни во процесот на моделирање еден човек. И тие неопходно е да се развиваат токму во првите години од образовниот процес. Затоа, промените се голем чекор напред во подобрувањето на нештата кога станува збор за македонското образование, за кое постојано предупредувавме дека има недостатоци и проблеми, на кои неопходно е да се работи темелно и сериозно.

Наши ученици досега неколкупати беа дел од истражувања што откриваат колку тие го разбираат тоа што го читаат. Резултатите секогаш без исклучок беа поразителни. Такво беше и последното, кое покажа дека македонските ученици се вешти во препознавањето букви, но не ги читаат течно зборовите, поради што не можат да одговорат на прашањето со разбирање. Експертите долго време предупредуваа дека ова може да се подобри со редовно вежбање и читање. Новиот план и фонд на часови предвидува предметот мајчин јазик да е застапен секој работен ден во неделата, а акцент да се стави токму на тоа – читање со разбирање. Меѓународните истражувања покажаа дека учениците имаат проблем и со математика, поточно со решавањето текстуални задачи, со собирање и одземање, што е резултат на недоволна работа и вежбање и дома и на училиште. Предвидените новини во овој дел се очекува да го подигнат нивото на јазична и на математичка писменост, како една значајна цел, без која нема да имаме успех на светските тестирања.

Државата преку институциите носи промени на хартија. Но, сето тоа нема да вреди ако не се спроведе како што треба во практика. Затоа е неопходно сето тоа правилно да се применува, односно наставниците да обрнат внимание на развој на елементарните вештини кај учениците, без кои е незамисливо да продолжи процесот на образование. Овде клучна улога имаат и родителите, кои се неизоставна алка од она што се нарекува воспитно-образовен процес

Државата преку институциите носи промени на хартија. Но сето тоа нема да вреди ако не се спроведе како што треба во практика. Затоа неопходно е сето тоа правилно да се применува, односно наставниците да обрнат внимание на развој на овие елементарни вештини кај учениците без кои незамисливо е да продолжи процесот на образование. И родителите се неизоставна алка од она што се нарекува воспитно-образовен процес. За да бидат резултатите уште подобри на светските истражувања, потребно е и родителите посериозно да се позанимаваат со постигањата на нивните деца, да работат со нив, наместо за секој неуспех или слаб резултат на нивното дете вината да ја бараат во наставниците, во училиштето и во државата.

Од неодамна, предвидени се низа новини што треба да ги подобрат состојбите во македонското образование. Експертите долго време алармираа дека е неопходно да се воведе професионална ориентација во основното образование, што ќе значи дека секое дете ќе може да го избере своето понатамошно образование во согласност со неговите знаења и вештини. Ова веќе одамна функционира во развиените европски држави, кои ги насочуваат учениците, посочувајќи му неколку училишта на ученикот, во согласност со неговите стекнати вештини и амбиции. Кај нас, обврската за професионална ориентација ќе им помага на родителите и на нивните деца при изборот на средното училиште и занимањето, за што ќе биде потребно да се следи развојот на секое дете поединечно. Секое основно училиште ќе формира тим за професионална ориентација составен од стручни соработници и наставници. Со ова, за неколку години се очекува да не се преплавуваат гимназиите уште во прв уписен рок, како што традиционално се случува секоја година (затоа што децата од немајкаде се запишуваат таму), туку секој ќе знае за што точно има афинитети и ќе си го избере својот пат во образованието во согласност со личните умеења и вештини.

Измените на Законот за основното образование го утврдуваат и максималниот број часови што ќе ги имаат учениците, а ќе биде и намален бројот на ученици во една паралелка. Основците од прво до трето одделение ќе имаат најмногу 20 наставни часа неделно, а оние од четврто до шесто одделение ќе имаат најмногу 25 часа неделно. Редуцирањето на бројот на часови со години го бараше членството на Синдикатот за образование, наука и култура, затоа што некои анализи покажале дека шест часа во еден ден за основци се премногу. Ученик во трето одделение не може да има шест часа, затоа што концентрацијата на таа возраст може да се одржи до два и пол часа, а остатокот од времето не е концентриран и активен. Промените во овој дел беа неопходни оти со преоптовареноста од часови резултатите што ги постигнуваат учениците се послаби.

Познавачите на образовните состојби во државата многу долго алармираа дека мора да се менуваат нештата во образовниот систем, кој конечно мора да започне да произведува подобри и поуспешни генерации. Многу од работите што не чинеа, кои беа проблем во воспитно-образовниот процес, веќе почнаа да се третираат. Некои од новините веќе се озаконети, на други се работи. Од сето ова се очекува нештата да тргнат на подобро, а дали тоа ќе биде така, останува времето да покаже.

Фото: Игор Бансколиев