Сериозно време и предизвици

125

Германската канцеларка Ангела Меркел има шест месеци за да издејствува компромиси во ЕУ за најбитните прашања на сите нивоa, а во оваа политичка загатка највисок приоритет со сигурност ќе има борбата против последиците од пандемијата на коронавирусот врз економијата на континентот

По 13-ти пат во историјата на европското семејство Германија ја презема управувачката палка на ЕУ и застанува на чело на Унијата во период кога земјите од Стариот Континент се соочуваат со големи предизвици.
Имено, кога пандемијата ја зафати Европа и ги принуди милионите Европејци да живеат живот во самоизолација и карантин, многумина од нив се почувствуваа длабоко осамени и беспомошни. Животот со болеста, во психологијата на граѓаните на европските земји не само што го засили нагонот за поблиски врски со семејствата туку и создаде пошироко чуство дека европските државите треба да се групираат во заедничка битка со коронавирусот.
Овој заклучок е само едниот од многуте публикувани во неодамнешната анкета на Европскиот совет за надворешни односи (ЕКФР) посветен на предизвиците на животот во ова несигурно време на граѓаните на европските земји.

Во екот на првата седмица од германското претседателство, која почна на први овој месец, не може да се скрие оптимизмот на Европејците, препознатлив по многубројните написи во медиумите дека најголемиот и најмоќен член на Унијата седнува на ова жешко столче на Советот во клучно време.
Главната улога во посочувањето на патот по кој ќе се движи ЕУ, секако, ќе ја има навидум постојано присутната Ангела Меркел, во својата 15-та година како канцеларка, додека нејзината поранешна министерка за одбрана и штитеничка Урсула фон дер Лејен се очекува да биде еден од споредните актери како претседателка на комисијата. Натаму, „мудриот“ Берлин треба да ги ревидира односите со Пекинг во поостар фокус на бизнис и политички релации, како и да пронајде конечно решение со Велика Британија за брегзит, кое е далеку од дефинитивно. Двете моќни дами во германската политика поставија како главен приоритет за ЕУ таа да остане непроменета, како за време на пандемијата на коронавирусот, така и по моментот кога реалноста од најтешката економска криза што го погоди континентот од Втората светска војна станува очигледна.

Германската ефикасност во работата исто така ќе треба да ги поправи досегашните грeшки на Унијата, која дејствуваше бавно сѐ додека вирусот не дојде во Европа во почетокот на годинава и беше сериозно критикувана главно од јужните земји-членки, поради недостигот од солидарност од северот како што се влошуваше ситуацијата.
Сега, пред Германија претстои и период во кој треба да се најде начин како да се реализира помошта во форма на физичка опрема и готовина, која треба да се распредели во внатрешните граници на ЕУ, бидејќи пандемијата го осакати економското живеење на Европа. На централниот инструмент во битката на ЕУ против пандемијата на располагање му стои фондот од 750 милијарди евра, предложени од Меркел и францускиот претседател Емануел Макрон во мај, во кој поголемиот дел од парите Унијата ќе го добие од меѓународните пазари и ќе им го додели на земјите-членки што се најтешко погодени од кризата, главно во форма на грантови.

Toa само покажува колку е значајно да се дејствува со енергични и големи пакети мерки во спас на економиите и во насока на зачувување на одржливоста и конкурентноста на стопанството.
Угледниот германски весник „Шпигел“ во своја колумна на темава, насловена „Последната шанса на Меркел“, напоменува дека оваа земја во овие клучни моменти ќе стави свој печат како еден од најголемите европски лидери.
Натаму, претседателството на Германија со Унијата е добра вест и за балканските земји што традиционално уживаат поддршка за влез во европското семејство од властите во Берлин. Но истовремено е и компликувано да се изведе овој процес, бидејќи слични ставови со Германија не делат и другите европски земји, како Франција и Холандија.

По сѐ што е наведено, едно е јасно, а тоа е дека германската канцеларка има шест месеци за да издејствува компромиси во ЕУ за најбитните прашања на сите нивоа, а во оваа политичка загатка највисок приоритет со сигурност ќе има борбата против последиците од пандемијата на коронавирусот врз економијата на континентот.

[email protected]