Рибата смрди од утробата

585

Некогашниот премиер Љубчо Георгивски, во едно од неговите постпремиерски интервјуа, изјави оти најголемите грешки, како премиер и како партиски лидер, ги правел во делот на кадровската политика. Независно дали тој само сакал да го сподели своето искуство или да се оправда, во јавноста се создаде впечатокот дека тој, всушност, не бил во состојба да ја контролира ситуацијата, да владее. Истиот впечаток се добива и од посочената, иако сосема спротивна изјава, на актуелниот премиер

Уште една во низата бесконечни дебати на која пред некој ден лично премиерот Зоран Заев ѝ даде нов импулс со тврдењето дека неговите министри и директори се имуни на корупцијата и дека таа е детектирана, пред сѐ, кај државните и јавните службеници, потсетува на една од најмногу експлоатираните квазидилеми на цивилизацијата, онаа за рибата.
Имено, на вечното прашање од каде смрди и од каде треба да се чисти рибата, како одговор се нудат само две опции: од главата и од опашката. Но секој што барем еднаш во животот чистел риба знае дека утробата е местото каде што се сконцентрирани најмногу отрови, поради што таа е и најподложна на скапување и затоа првиот рез се прави токму над и под нејзиниот најдебел дел, мевот, за да се исфрли утробата на рибата, исто како што потоа и главата, задолжително, се фрла.
И кога ова ќе се примени на тврдењето на Заев, кое, инаку, следуваше како коментар на последниот извештај на Стејт департментот, според кој корупцијата е постојан проблем за водење бизнис во Македонија иако законската рамка е главно во согласност со меѓународните стандарди и дека има и функционери што се вклучени во коруптивни активности, тоа би требало да значи дека за длабоко вкоренетата корупција во системот може и треба да биде одговорна само актуелната власт. Таа што не ја исчистила рибата. Исто како што се знае и дека неисчистена риба не се замрзнува. Конкретно и директно, не се чуваат службеничките и функционерски позиции во системот само заради некакви политички компромиси, независно дали тие се внатрепартиски, внатрекоалициски или произлезени од потребата од пазарењата со лесно поткупливите делови на опозицијата и со остатоците на претходната власт.

Многумина деновиве веќе тоа и повеќе или помалку сликовито му го објаснија на премиерот. Можеби требаше и да го потсетат на конкретните примери на корупција во неговото најблиско опкружување, но, сепак, беа доволно обѕирни и му дадоа време самиот да увиди што кажал и да побара елегантен начин да ја повлече изјавата.
Очигледно е премногу да се очекува дека премиерот вината за високото ниво на корупција во земјава ќе ја лоцира кај своите министри и директори, кои дури и кога не се директно вмешани во коруптивните активности, сепак се најодговорни што таа и понатаму цути и се разгранува, наместо да венее и исчезнува, односно што не направија ништо таа барем малку да се намали во ресорите што тие би требало да ги контролираат.
Еве, да се послужиме со анкетите. Сите тие покажуваат дека кога граѓаните се изјаснуваат за нивото на корупцијата, тие речиси секогаш посочуваат на „високата“ корупција како на најголем проблем. Анализите на овие анкети, пак, во најголем дел ја потврдуваат перцепцијата и тоа прашање одамна е апсолвирано. Исто како што и во сите релевантни домашни и меѓународни истражувања се констатира оти корупцијата, и тоа на највисоките нивоа, е еден од најголемите проблеми во земјава.
Можеби не самиот Заев, но неговата екипа веќе неколку години ја има речиси апсолутната власт во Македонија, така што, ако сакаме да бидеме искрени и добронамерни, најмалку што треба да се очекува од него е да ја признае реалната, крајно поразителна состојба и да се обиде барем малку да ја поправи наместо што очајнички се обидува да ги осветли ликот и делото на оние што на мрднаа ниту со малиот прст на кој било начин да ја подобрат ерата на неговото владеење.
И не само во однос на ова туку и во однос на многу други прашања во земјава, станува и повеќе од очигледно оти она што му го сервираат на премиерот и со што тој настапува пред јавноста нема никаква врска со реалната состојба, така што, според него, за корупцијата се виновни шалтерските службеници, за застојот во издавањето на личните карти е виновна опозицијата, за блокадата на евроинтеграциите – Грците, Бугарите….

Очигледно е премногу да се очекува дека премиерот вината за високото ниво на корупција во земјава ќе ја лоцира кај своите министри и директори, кои дури и кога не се директно вмешани во коруптивните активности, сепак се најодговорни што таа и понатаму цути и се разгранува, наместо да венее и исчезнува, односно што не направија ништо таа барем малку да се намали во ресорите што тие би требало да ги контролираат

Некогашниот премиер Љубчо Георгивски во едно од неговите постпремиерски интервјуа изјави оти најголемите грешки, како премиер и како партиски лидер, ги правел во делот на кадровската политика. Независно дали тој само сакал да го сподели своето искуство или да се оправда, во јавноста се создаде впечатокот дека тој, всушност, не бил во состојба да ја контролира ситуацијата, да владее. Истиот впечаток се добива и од посочената, иако сосема спротивна изјава, на актуелниот премиер.
И без оглед на тоа дали тој не може или не сака реално да ја согледа состојбата како клучен услов за нејзино подобрување, тогаш веќе нема што да се зборува и таа тема може слободно да се запечати сѐ додека не се појави некој друг што ќе ѝ пристапи на крајно трезвен и одговорен начин.

[email protected]