Рецепт за титула?

170

Така, притисокот и особено способноста да се одговори на притисокот, присуството на ѕвезда во селекцијата, истовремено со имањето тимски дух, состав и со млади и со искусни… може да донесе успех на Мундијалот, а токму тоа може и на фудбалската репрезентација на Македонија да ѝ донесе историски резултат, оти ги има сите потребни елементи во својот состав.

Светското фудбалско првенство е пред портите. Оваа игра со шутирање топка има разни епитети, меѓу кои и „убавата игра“ и „најважната споредна работа на светот“, секако, има и многу имиња, како фудбал, сокер, калчо, ногомет, пиука ножна…. Но сите се со исто значење, предизвикуваат исти емоции и иста страст во секој дел на планетава. Само фудбалот е спорт што е моќен да сврти толку многу пари, откако стана доходна индустрија, како и да сврти кон себе толкаво големо внимание и барем на 90 минути да ја запре половина планета (велат дека светските првенства привлекуваат 3,5 милијарди ТВ-гледачи).

Во ваквиот моќен спорт, кој предизвикува турбуленции и во други области и раздвижува економии, на Мундијалот во Русија ќе видиме 32 моќни репрезентации и многу моќни индивидуалци. Но кој ќе го однесе трофејот дома? Тимот или поединецот? Помладата или постарата репрезентација? Фаворитот или аутсајдерот? Има ли рецепт за титула?
Секако, одговорот не е лесен. Така, спортот одамна не познава поделба на, на пример, стари и на млади. Доволен доказ се од сегашноста пливачот од САД Мајкл Фелпс (најтрофеен олимпиец), тенисерите Роже Федерер од Швајцарија и Серена Вилијамс од САД (водечки на листите), фудбалскиот голман Џанлуиџи Буфон од Италија (предводник на тимот и на репрезентацијата, еден од најдобрите во светот), нордиската скијачка Марит Бјерген од Норвешка (најмногу олимписки злата од зимски олимписки игри) итн. А од минатото, на пример голманската легенда Дино Ѕоф (најстар капитен на светскиот првак Италија од 1982 година).

Но, не треба да е изненадување тоа што повозрасните се на високо ниво со години, затоа што со постојан тренинг, голема посветеност, стручна подготовка и третман на повреди, нема друга причина и постарите спортисти да не постигнуваат врвни резултати. И на Светското првенство во Русија ќе видиме дел од младите, но и некои ѕвезди во зенитот на своите кариери, секако и повозрасни. Но, сите на 14 јуни ќе ги поништат старосните бариери и ќе тргнат без стартна предност, ако некоја возраст воопшто ја има.
Од друга страна, на досегашните 20 светски првенства секогаш победувал тимот, но често се чинело дека индивидуалецот го освоил трофејот, како во случајот на Бразил со Пеле во 1970 година или на Аргентина со Диего Марадона во 1986 година. Сепак, добро е еден тим да има барем еден доминантен поединец, некој што може сам да реши меч, како во двата горни случаја, но јасно е дека во тимски спорт тимот е најважниот и само тој може да победи.

Често прашање во спортот е – која е разликата помеѓу добриот и слабиот тим. Еден од можните одговори е дека добриот тим игра заедно, и кога оди и кога не оди добро на теренот, а во мислите на сите нејзини членови постојано се визијата и мисијата. Така, во Русија повеќе шанси веројатно ќе има репрезентацијата со ѕвезди во служба на екипата, која, пак, ќе биде подобра во начинот на кој ќе ја искористи ѕвездата за доброто на тимот.
Едно едноставно објаснување вели дека фудбалот е игра на грешка, па тој што ќе направи помалку ќе победи. А тоа не мора да е фаворитот. Сетете се на 2016 година. Тогаш, во разни делови од светот, славеа, на пример, Лестер во Англија, Чиле на Копа Америка, Португалија на Европското првенство, на кое, пак, репрезентациите на Велс и на Исланд имаа неверојатни епизоди. Таа година и Македонија го проби мразот, па репрезентацијата за фудбалери до 21 година се пласира на Европското првенство, пред селекции како Франција, Шкотска… Тоа е прв пласман на ваков шампионат на која било македонска фудбалска селекција од која било возрасна категорија.

Токму тој успех на младите, кои сега веќе се оска на сениорската селекција, е назнака дека од постојани гледачи на светските фудбалски првенства можеме наскоро да станеме навивачи. Како доаѓаат успесите, така растат и апетитите, па фудбалската репрезентација на Македонија од септември, ќе игра на своето „светско првенство“ во дебито на новото натпреварување, Лигата на нациите на Европската фудбалска унија. А таму ќе се соочи со нов момент – притисокот. И тоа еден дел од јавноста, која е гладна за фудбалски успех, по успесите на ракометарите секоја година, и на кошаркарите во 2011 година, на најголемите сцени, а еден дел од потенцијалот што селекцијата го има, поради кој следуваа најави за висок пласман во Лигата на нациите, кој, пак, може да донесе, ни помалку ни повеќе – директен пласман на Европското првенство во 2020 година.
Згора, во селекцијата е присутна една многу важна работа, самодовербата, која придонесе македонската селекција да не загуби ниту еднаш на последните пет меча, кои ги одигра во комплетен состав, со талентите од ѕвездената млада репрезентација, по што за оваа генерација и гостинскиот терен веќе не е „бауч“.
По сѐ, кој е рецептот за титула, за успех? Па, веројатно од сѐ по малку. Така, притисокот и особено способноста да се одговори на притисокот, присуството на ѕвезда во селекцијата, истовремено со имањето тимски дух, состав и со млади и со искусни… може да донесе успех на Мундијалот, а токму тоа може и на фудбалската репрезентација на Македонија да ѝ донесе историски резултат, оти ги има сите потребни елементи во својот состав.