Репрезентативен раст

219

Резултатите на повеќето од овие репрезентации се и показател дека за постојани спортски успеси се важни работата со младите спортисти, но и нивните резултати во конкуренција на своите врсници од Европа или од светот. Тоа во фудбалот, на пример, е 12-то место на младинското Европско првенство во 2017 година, во ракометот, меѓу другото, 6-то место на Мундијалот во 2017 година, во кошарката годинава 12-то место на кадетското континентално првенство. Одбојката е во своевиден почетен циклус, во многу важна точка на линијата на развојот, за ширење на базата, за да застане сега и таа на цврсти нозе, бидејќи има големи меѓународни успеси во минатото

Предолимписката година полека заминува и полека почнува да се подвлекува линија под успесите и под неуспесите на спортистите во изминатите 365 дена. Генерално, повеќе македонски спортисти остварија напредок или нов исчекор на повеќе полиња, особено со остварената норма (Магомедгаџи Нуров во борење) за настап на Летните олимписки игри в година во Токио (Јапонија), нешто (исполнување олимписка норма) на што се чекаше 11 години.
Поединечните спортови и годинава и во повеќе претходни години имаа одлични остварувања на меѓународната сцена, со голем број медали. Но за разлика од порано, се чини дека годинава беше и година на репрезентациите, тие во ракомет, фудбал, кошарка и во одбојка. А секој од овие успеси има своја допирна точка, на еден или на друг начин, со важниот сегмент од спортската пирамида, базата.
Ракометот си ја продолжи својата успешна приказна, играше на Светското првенство, а обезбеди и нов настап на европско првенство. Со тоа деветта година во низа црвено-жолтите ќе играат на големата сцена, од која, овој пат, патот води и до Токио. Ова е продолжување на континуитетот, како што и се очекува од спортот број еден, кој е тоа поради квалитетот, постојаноста, успесите…, по што само се редат пласмани на европските и на светските првенства.

И годинашните квалификации дадоа потврда на вредностите на еден одамна втемелен концепт за развој на младите категории, отсликан и со шестото место на младите ракометари на Светското првенство во 2017 година. Тоа е концепт што прави смената на генерациите да се одвива без резултатски потреси и пласирањето на големо натпреварување да не се доведува во прашање. За да се достигне вакво ниво треба години и години макотрпна работа, нешто што ракометот го прави, поради што можат да се очекуваат вакви резултати на сениорите и во следните години.
Кошаркарската репрезентација годинава, по повеќе години патешествие по разни степени претквалификации, се врати во предворјето на европските првенства. Таму припаѓаше до пред пет години, во време кога и во овој спорт настап на ЕП беше постојаност. Но годинава одново видовме исчекор во младинската кошарка (кадетите годинава беа 12-ти на Европското првенство за таа возрасна категорија кошаркари, а јуниорите беа на прагот на пласман во дивизијата А). Со тоа се најавува дека таа може да биде темел на враќање на старите патеки на играта под обрачите, а тоа е, слично како во ракометот, континуитет во настапите на големите првенства (до 2015 година четири настапи на европските првенства во низа, со освоено четврто место во 2011 година, и играње во едни квалификации за летни олимписки игри, тие во Лондон во 2012 година).

Пред две години фудбалот ја најави преродбата со успехот на младата репрезентација и историскиот прв пласман на континенталните шампионати. Голем дел од таа генерација сега е носител на успехот на сениорите, кои стапнаа на место каде што никогаш досега не стапнала македонска А-репрезентација. Сениорите потврдија дека сосема заслужено се на двочекор до Европското првенство во 2020 година. Очигледно успесите брзо носат поставување повисоки цели. Сега можеме да кажеме „репрезентацијата е дури трета“, а во некоја следна пригода по некој друг квалификациски циклус за ваков пласман веројатно би рекле „репрезентацијата е само трета“. Тоа повисоко поставување цели е нешто што на секој спорт му треба, а сега со генерацијата што веќе играше на европско првенство, младинското во Полска во 2017 година, може да се надеваме и на настап на големо сениорско фудбалско натпреварување.

Одбојката е вистинското откритие годинава. Она што го најавуваа неколку години во низа со учествата во сребрената европска лига, каде што беа освојувани неколку втори места, годинава одбојкарите со настапот на Европското првенство го преточија во историски исчекор на спортот што пред повеќе од 40 години имаше тим што беше четврти во Европа и одбојкари од самиот европски врв. И не само што оваа генерација настапи на Европското првенство, туку беа остварени неколку победи, една над подоцнежниот европски вицешампион на негов терен, и само еден сет ја делеше репрезентацијата од пласман во осминафиналето.

Резултатите на повеќето од овие репрезентации се и показател дека за постојани спортски успеси се важни работата со младите спортисти, но и нивните резултати во конкуренција на своите врсници од Европа или од светот, бидејќи со тоа ќе знаеме дека во одреден спорт има поширока спортска база, со најава за подобра перспектива. Тоа во фудбалот, на пример, е 12-то место на младинското Европско првенство во 2017 година, во ракометот, меѓу другото, 6-то место на Мундијалот во 2017 година, во кошарката годинава 12-то место на кадетското континентално првенство. Одбојката е во своевиден почетен циклус, во многу важна точка на линијата на развојот, па како капка вода треба да се чува оваа генерација и максимално да се ползува и за популаризација на овој спорт, за ширење на базата, за да застане сега и таа на цврсти нозе, бидејќи има големи меѓународни успеси во минатото.

Сите спортски успеси се должат на секојдневна макотрпна работа, со долгорочни цели и стратегија, а резултатите од годинава само треба да поттикнат нов циклус, затоа што и во спортот нема пократок пат.

[email protected]