Реконструкција на умот

1034

До желбата ли е, до способностите или до можностите? Сеедно. Но излегува дека сите оние што мислеле дека актуелната влада ја започнала својата работа пред речиси една година, кога беше избрана, се излажале. Таа само го губеше времето на она што требаше да го заврши уште како опозиција – да го најде патот за излез од кризата. И барем една четвртина од него досега да изоди, а не перспективата да ни ја отвора со секојдневни ветувања дека во скора иднина ќе биде многу подобро. И сето тоа да го изразува во некакво идно време и во условни реченици, додека роковите и условите постојано се менуваат, а иднината никогаш не станува сегашност

Безмалку една година од изгласувањето на актуелната влада во Собранието, се исцртуваат партиски и персонални контури на ново парламентарното мнозинство и на владиниот кабинет, кои, барем според премиерот Зоран Заев, во секој момент би требало да ѝ бидат претставени на јавноста. Со тоа на долгонајавуваната и подготвуваната владина реконструкција ѝ се гледа крајот откога, веднаш по локалните избори и излегувањето на Алијансата за Албанците од Владата, Заев ја обелодени намерата. Во меѓувреме се случија голем број повеќе или помалку очекувани ситуации, целиот процес на „реконструкција“ беше и сѐ уште е неисцрпен извор на шпекулации потпрени повеќе врз добрите или лошите желби на нивните автори отколку на некакви цврсти основи што би овозможиле Владата во преостанатите три четвртини од својата трка да постигне подобар резултат од овој што може да ѝ се досуди на крајот од првата четвртина. А тоа е дека, освен одредени поместувања на надворешнополитички план, кои, патем, за голем дел од јавноста се дискутабилни, друг резултат нема, или барем сѐ уште не е видлив. Плановите за реформи што постојано добиваат нови бројки и рокови, сепак, сѐ уште се само планови, и тоа во значителен дел проблематично срочени. За нивна имплементација останува само да се надеваме, оти ќе добиеме шанса да дискутираме.

А бидејќи најавената реконструкција, според сите досегашни објаснувања, е мотивирана пред сѐ од потребата за проширување на парламентарното мнозинство и не се спроведува врз основа на некаков стратегиски план или програма, кој, меѓу другото, би бил насочен кон детектирање на слабите точки во државната управа и кон потрага по кадри, желни и оспособени да застанат на клучните позиции за да ја придвижат машинеријата, имплементацијата на реформите останува само нејасна визија.

Целиот процес на „реконструкција“ беше и сѐ уште е неисцрпен извор на шпекулации потпрени повеќе врз добрите или лошите желби на нивните автори отколку на некакви цврсти основи што би овозможиле Владата во преостанатите три четвртини од својата трка да постигне подобар резултат од овој што може да ѝ се досуди на крајот од првата четвртина. А тоа е дека, освен одредени поместувања на надворешнополитички план, кои, патем, за голем дел од јавноста се дискутабилни, друг резултат нема, или барем сѐ уште не е видлив. Плановите за реформи, кои постојано добиваат нови бројки и рокови, сепак сѐ уште се само планови, и тоа во значителен дел проблематично срочени. Останува само да се надеваме дека ќе добиеме шанса да дискутираме за нивна имплементација

Од партиските комбинаторики и од имињата на министрите поважни се политичката волја и способност за започнување на реформските зафати, инаку долгорочниот и повремено болен процес на реконструкцијата, дури и да резултира со некакво стабилно мнозинство, ќе продолжи со покривање на дупките и санација на штетите предизвикани од евентуално лоши кадровски решенија. А поучени од искуствата, многумина стравуваат дека отсуство на персонални решенија што би значеле професионално и стручно подигање на квалитетот на работата на Владата ќе ја скрши и последната илузија за способноста на актуелната владејачка гарнитура да ја извлече земјата од длабоката економска, социјална и морална криза. Во прилог на ова зборува и фактот дека владејачкиот СДСМ со постарите коалициски партнери, не со новите, и по 11 години во опозиција, веќе во првата година од владеењето, покажаа колку се скудни и со идеи и со кадри.

Но тоа не е проблем само на актуелната власт, тоа е проблем на политичката елита воопшто и на целото општество, кои таквата состојба почнаа да ја доживуваат како нормална. Како воопшто и да не го забележаа моментот кога почнаа да се спуштаат критериумите, а потоа и стрмоглаво да паѓаат за сега да се најдат некаде околу границата од која нема враќање. Ќе мора да се случи голем пресврт за да не заврши сѐ во бездна. Но за тоа не се доволни само неколку кадровски промени со цел да се задоволат партиите што ќе го зајакнат парламентарното мнозинство. Потребни се личности подготвени за големи предизвици. Дали воопшто постојат такви, кога ги немаше дури ни за помали искушенија? Зошто, на пример, по толку години во опозиција, на сегашната власт ѝ беше потребна цела година, за пригодно, на Први мај, да најави оти „ќе се подготвуваат законски измени за намалување на тарифите на извршителите“?! Не знаеле или не сакале да го сторат тоа досега?

Бидејќи Владата не ги забрза реформите во областите од кои политичарите, или оние што стојат зад нив, имаат најголема корист, а граѓаните се најоштетени, тешко е да се поверува дека и по најавената реконструкција нешто ќе може да се промени без да се загрози некаква идна коалиција. За оние повисоките, национални и државни интереси, ич да не зборуваме.

До желбата ли е, до способностите или до можностите? Сеедно. Но излегува дека сите оние што мислеле дека актуелната влада ја започнала својата работа пред речиси една година, кога беше избрана, се излажале. Таа само го губеше времето на она што требаше да го заврши уште како опозиција – да го најде патот за излез од кризата. И барем една четвртина од него досега да изоди, а не перспективата да ни ја отвора со секојдневни ветувања дека во скора иднина ќе биде многу подобро. И сето тоа да го изразува во некакво идно време и во условни реченици, додека роковите и условите постојано се менуваат, а иднината никогаш не станува сегашност.

Така и сегашнава реконструкција би можела да се сфати само како уште еден „рок“ или „услов“ за спроведување на неопходните реформи, особено што по сѐ изгледа, сосема соодветно на зборот, истиот или сличен материјал ќе биде искористен и за новата градба.