Резиденцијата ни на небо ни на земја

243

Претседател се избира на најдиректен можен начин и затоа, иако Македонија е парламентарна демократија, тој има легитимитет поголем и од претседателот на парламентот и од премиерот. Тоа значи дека кандидатите, особено оние од, условно речено, опозицијата, ќе треба да излезат пред граѓаните и јасно да кажат што ќе направат имајќи ги целосно предвид оперативните можности во однос на Владата и на Собранието, зашто во јавноста веќе не поминуваат песните со елегичен призвук, а сѐ потешко ќе се толерира претседател што ништо не работи, а мошне скапо ја чини државата

Резиденцијата на претседателот на Република Македонија, која се наоѓа веднаш до неговото официјално работно место, вилата „Водно“, со првото пролетно сонце ќе треба да почне да се проветрува и подготвува за нови станари. Сместена во подножјето на Водно, некогаш на јужниот раб на Скопје, сега веќе, со неговото агресивно навлегување во парк-шумата, сѐ повеќе заплеткана во урбаната џунгла, стои како одраз на улогата на шефот на државата и на неговите, според многумина, не секогаш јасни и на неговиот легитимитет соодветни надлежности. А тенденциите се такви што со години, не толку нормативно колку оперативно, ослабнуваната позиција на шефот на државата станува сѐ понејасна од перспективата на просечниот граѓанин. Дури и збунувачка, независно дали станува збор за периодите кога извршната власт ја дели со истата или со спротивната политичка опција, кога тој послушно ја следи политиката на Владата или кога, главно неуспешно, се обидува да ѝ опонира.

Во актуелниот политички момент, почнувајќи од очекуваната лоша кохабитација помеѓу сегашниот претседател Ѓорге Иванов и Владата во изминатиов период, преку обидот претседателските избори што би требало да бидат распишани веќе за неколку дена да се стопат со предвремени парламентарни, па дури и да се бојкотираат или одложат, со што претседателското место извесен период непотребно би било испразнето, сѐ до најавите за номинирање консензуален претседателски кандидат и реафирмирањето на идејата за индиректен избор на претседател, во Собранието, тенденциите прогресираат. Сето тоа ја замаглува сликата што барем поголемиот дел од граѓаните ја имаа за претседател на државата, независно од тоа која личност во моментот ја врши функцијата. И тоа не е нова ситуација. Такви кризи имаше во сите, вистина кратки периоди на кохабитација, со оглед на тоа дека во Македонија на претседателски избори секогаш победуваа кандидатите на владејачката политичка опција и по секоја смена на власта на парламентарни избори им остануваше уште помалку од половина мандат. Така, на Киро Глигоров му остана уште само една година од мандатот по парламентарните избори во 1998 година. Борис Трајковски требаше да издржи уште две години по смената на власта во 2002-та. Нешто потешко му беше на Бранко Црвенковски, кој требаше да тера уште цели три години откога ВМРО-ДПМНЕ дојде на власт во 2006 година. Иванов ја имаше таа привилегија од двата последователни мандати, само нешто повеќе од две години да ја дели власта со спротивната политичка опција. Но, како што е познато, сите тие беа избрани додека владееја партиите што ги кандидираа, така што ги имаа сите услови да се наметнат како вистински репрезенти на граѓаните и на државата. Колку кој успеал во тоа е сосема друга, сега веќе и депласирана приказна.

Македонија по сѐ изгледа зад себе ќе го остави пренагласено потенцираниот политички критериум за продолжување на евроатлантските интеграции, воспоставувањето на добрососедските односи и решавањето на спорот за името со Грција, кој на сите инволвирани им овозможуваше неограничен простор за политички надмудрувања и калкулации, и ќе се соочи со обврската за исполнување на прецизно утврдените технички критериуми и со ограничен простор за манипулации, така што и тука значително се подрежува и листата на евентуални ветувања на потенцијалните кандидати за претседател

Сега е поинтересно да се види што може да очекува идниот шеф на државата, со оглед на сегашните претседателски надлежности, актуелниот однос на силите во парламентот, моменталната внатрешно и надворешнополитичка состојба на државата… Уште поинтересно е да се види што можат да очекуваат граѓаните од личностите што засега директно и индиректно се нудат како потенцијални кандидати за претседател.

Зошто е битно тоа? Прво, претседател се избира на најдиректен можен начин и затоа, иако Македонија е парламентарна демократија, тој има легитимитет поголем и од претседателот на парламентот и од премиерот. Тоа значи дека кандидатите, особено оние од, условно речено, опозицијата, ќе треба да излезат пред граѓаните и јасно да кажат што ќе направат имајќи ги целосно предвид оперативните можности во однос на Владата и на Собранието, зашто во јавноста веќе не поминуваат песните со елегичен призвук, а сѝѐ потешко ќе се толерира претседател што не работи ништо, а мошне скапо ја чини државата. Освен тоа, граѓаните со право очекуваат, секогаш кога ќе се појави некаков процеп во државата, претседателот државнички, а не од позицијата на репрезент на партијата што го кандидирала или раководен од личната суета или некакви други интереси, да реагира независно дали моментално на власт е неговата или ривалската политичка гарнитура. Второ, како што се развиваат настаните, Македонија по сѐ изгледа зад себе ќе го остави пренагласено потенцираниот политички критериум за продолжување на евроатлантските интеграции, воспоставувањето на добрососедските односи и решавањето на спорот за името со Грција, кој на сите инволвирани им овозможуваше неограничен простор за политички надмудрувања и калкулации, и ќе се соочи со обврската за исполнување на прецизно утврдените технички критериуми и со ограничен простор за манипулации, така што и тука значително се подрежува и листата на евентуални ветувања на потенцијалните кандидати за претседател. На второто се надоврзуваат третото и четвртото. Третото се меѓунационалните односи, кои би требало да бидат сѐ порелаксирани со доближувањето на земјава до НАТО и до ЕУ, така што и тука ќе има сѐ помалку потреба за некаква одбрана на националните интереси. Четвртото е глобалната политика, каде што дефинитивно ќе треба да се расчисти со идеите за некакви источни партнерства, зашто курсот кон Западот сега веќе неповратно е воспоставен и секаков обид за неговата промена или барем за мало скршнување од него, би била голема политичка авантура.

Тоа се не сите, но барем некои од најважните нешта што претендентите на претседателската функција би требало да ги имаат предвид пред дефинитивно да се впуштат во предизборната трка и да почнат да се расфрлаат со ветувања, зашто мудроста не е само длабоко понирање во сопствената душа, тоа е и подготвеноста за не секогаш благопријатното нурнување во свеста на луѓето што нѐ опкружуваат и способноста за создавање на што пореалната слика на целокупната состојба, почнувајќи од самиот себеси. А мудроста на државникот, кој има голема одговорност, треба да ја има и дополнителната димензија – способноста длабоко да продре во душата на сопствениот народ, имајќи ги предвид неговото минато, неговата сегашност и, што е најважно, поседувајќи ја дарбата за процена на неговата барем блиска иднина

.