Рационален пристап за балканскиот корона-договор

199

Во веста за отворањето на границите, која ни ја соопшти министерот за здравство Венко Филипче, има „високо“ ниво оптимизам. Пораката од неа треба да биде дека состојбата со коронавирусот во Македонија и во земјите од регионот е под контрола. Но тоа што не остана незабележано е дека веста за отворањето на границите доаѓа во време кога насекаде во Европа ги зајакнуваат мерките поради наглото зголемување на бројот на заразени

Неделава се очекува да биде донесена конечната одлука за слободен премин и за отворање на границите меѓу земјите од Западен Балкан, Бугарија и Грција и релаксирање на мерките што беа воведени поради ширењето на коронавирусот. Според најавите на македонскиот министер за здравство, тоа треба да биде објавено на следната онлајн средба меѓу здравствените власти на земјите од Западен Балкан. Кога ќе се одржи министерскиот здравствен онлајн самит, засега не е познато. Нема информации ни што ќе содржи новиот пакет за слободен премин на балканските граници! Од претходните медиумски известувања се знае дека една од очекуваните мерки е укинување на ПЦР-тестот како услов за граѓаните од балканските држави да ги преминуваат границите. Состанокот на националните министри за здравство треба да биде и можност да се согледаат и презентираат сегашните здравствени биланси за бројот на заболените лица од коронавирусот. Од нив ќе зависи и дефинирањето на договорот за заедничка политика за преминување на границите на Балканот.
По неколкумесечниот рестриктивен меѓуграничен режим, кој беше воведен од појавата на пандемијата во почетокот на годината, кревањето на рампите на граничните премини на Балканот треба да претставува добра вест.

Претходно и без здравствените протоколи, прометот на патници и стока меѓу земјите од Западен Балкан беше оптоварен со многу административни процедури, а кои некогаш преминуваа и во отворени царински ембарга или до мали трговски војни. Рестриктивните мерки, поради коронавирусот, дополнително ја оптоварија економската соработка меѓу земјите од регионот, што резултира и со пад на трговската размена, која се должеше пред сѐ на намалување на приходите од туризмот, а кои во добар дел се однесуваа на патувањата на граѓаните од соседните земји.
Договарањето заедничка политика за преминување на границите би требало да претставува позитивен исчекор во справувањето со последиците од корона-кризата, од која еднаква штета трпат сите земји, во согласност со своите економски потенцијали. Примената на единствени здравствени протоколи ќе ја намали и можноста на некои земји, преку затскривањето на епидемијата, да остваруваат некои политички интереси. Такви случаи имаше во неколку ситуации, а тоа се гледаше и низ односите меѓу Црна Гора и Србија, при одредувањето на тоа кои соседи може да влегуваат во нивните земји, што беше и протолкувано како дел од политичката кампања пред парламентарните избори во двете земји.

Во веста за отворањето на границите, која ни ја соопшти министерот за здравство Венко Филипче, има „високо“ ниво оптимизам. Пораката од неа треба да биде дека состојбата со коронавирусот во Македонија и во земјите од регионот е под контрола, а дека граѓаните немаат простор за загриженост при евентуалното отворање на границите. Но тоа што остана незабележано е дека веста за отворањето на границите доаѓа во време кога насекаде во Европа ги зајакнуваат мерките поради наглото зголемување на бројот на заразени. Во текот на викендот медиумите информираа за тоа дека Франција, Грција, Шпанија, Велика Британија, Унгарија, Словенија воведуваат дополнителни ограничувања во движењето на нивните граѓани, а кои се однесуваат на забрана за движење во одредени области, затворање училишта, задолжителни маски…

Договарањето заедничка политика за преминување на границите би требало да претставува позитивен исчекор во справувањето со последиците од корона-кризата, од која еднаква штета трпат сите земји, во согласност со своите економски потенцијали. Примената на единствени здравствени протоколи ќе ја намали и можноста на некои земји, преку затскривањето на епидемијата, да остваруваат некои политички интереси

Во Европа, која повторно е зафатена од бран на ширење на коронавирусот, ситуацијата е најсериозна во Франција, каде што е постигнат дневен рекорд од 13.500 заразени. Поради влошувањето на епидемиолошката состојба, сега европските земји се одлучуваат за воведување рестриктивни мерки во одделни градови и области што се најзафатени со вирусот. Атина и Мадрид најавуваат воведување рестриктивни мерки, додека поголемите градови во Франција воведуваат режим на посебни мерки, а најавени се и посебни мерки за одредени области во Англија. Во Шпанија во 37 основни здравствени подрачја, од кои 26 се наоѓаат во шест окрузи на Мадрид. Во шпанскиот главен град ќе биде ограничен и пристапот до парковите и јавните места, а собирите ќе бидат на максимум шест лица, но нема да има забрана за одење на работа.

Состојбата е слична и во нашето поблиско опкружување. Премиерот на Грција, Киријакос Мицотакис, изјави дека властите се подготвени во Атина и во околните подрачја да воведат нови рестрикции поради порастот на бројот на заразени со коронавирус. Здравствените власти предложиле воведување дополнителни ограничувања на јавни собири, забрана за одржување културни манифестации во наредните две недели и други мерки. Во Босна и Херцеговина бројот на новозаразени вчера достигна до двесте. Зголемен број заболени има и во Косово и Србија, во која за привремен надзор на здравствената состојба се пријавиле над 10.000 лица што се вратиле од странство, а добар дел од нив престојувал на одмор во Црна Гора.
Постигнувањето балкански корона-договор подразбира и потреба од рационален пристап при донесувањето на одлуката за отворањето на границите, особено што поголемата дневна миграција на луѓето значи и поголема опасност за пренесување на вирусот. Тоа значи и поголема самоорганизација во секоја земја посебно, што подразбира и дополнителен ангажман на здравствените работници и особено во примената на мерките за лична заштита.