Разумот повторно е поразен од омразата

545

За да се постигне и одржи потолерантен, а секако и помалку насилен свет, потребни се големи напори и еднакво справување со главните причини за појавувањето на ваквите назадни и, пред сѐ, нечовечки сили, идеологии и движења. Нивното идентификување и успешното надминување ќе ги направат светот и секојдневниот живот на милиони и милијарди Земјани многу побезбеден. Во спротивно, секојдневно ќе се соочуваме со грозоморни насловни страници на медиумите, кои повторно и повторно ќе нѐ потсетуваат дека разумот ја губи битката пред омразата – расна, религиозна, политичка, сексуална

Насилството предизвикано од омразата, омразата кон другиот и поразличниот повторно ги полни насловните во светските (и западни) медиуми. Овој пат за тоа се „погрижи“ млад Американец белец, кој викендов уби најмалку едно лице во напад врз синагога во близината на Сан Диего. Во својот манифест, 19-годишниот напаѓач, идентификуван како Џон Ернест, ги наведува причините за нападот врз еврејските верници. Документот на осум страници, што има застрашувачки сличности со манифестот на напаѓачот врз џамиите во Крајстчрч кога беа убиени 50 верници, е преполн со антисемитски навреди и расистички пароли. Како според некое (не)пишано сценарио, Ернест го обвинува „еврејството“ за судбината на европската раса. Младиот десничар, кој наместо да прави планови за иднината и запишувањето на универзитет, се опишува себеси како човек со европско потекло и наследник на еден од „оригиналните колонизатори“ на Америка…

Екстремниот десничар дури и се фали дека е инспириран од нападите врз џамиите во Нов Зеланд, небаре станува збор за некое божествено провидение. Ернест дури и планирал, во сличен стил на неговиот австралиски „колега“ од Крајстчрч, да го пренесува нападот во живо на Фејсбук. За среќа на американската и светската јавност, „Фејсбук“ ги осуетил ваквите намери и го блокирал неговиот профил уште пред инцидентот.

Но, за жал, новозеландските напади претходно беа мошне силна инспирација за друг, стотици пати покрвав напад. Станува збор за масакрот во Шри Ланка, кога еден ден пред католичкиот Велигден беа убиени најмалку 250 христијани и странски туристи, а над 500 беа ранети. Одговорноста за симултаните бомбашки напади врз неколку цркви и луксузни хотели во Коломбо ја презеде Исламската држава, што и не беше некое големо изненадување, ако се земе предвид дека нападите од ваков размер се нејзин препознатлив знак, своевиден познат „џихадистички бренд“. Во соопштението по масакрот, терористичката група порача дека тоа е одговор на претходниот масакр на муслимански верници во џамиите на Нов Зеланд. И така, кругот на фанатично, бесмислено, религиозно насилство, насилство од омраза, повторно е затворен…

Како да се објасни ваквото насилство, кое одамна нема никакви допирни точки со здравиот разум? Што е причината за смртоносниот дует што го играат џихадистите и екстремните десничари во речиси секое ќоше од Земјината топка? Одговорот на овие прашања не е воопшто лесен и едноставен. Уште позбунувачки се фактите и бројките. А фактите говорат дека исламистичкиот тероризам беше во опаѓање на глобално ниво, особено на Западот, по неговата кулминација во периодот на 2014-2015 година, кога ИД го основаше својот калифат. Истовремено, тероризмот на екстремните десничари и белите супрематисти значително порасна, сочинувајќи повеќе од една третина од терористичките напади на светско ниво.

Застрашувачки е што овие две насилни и, очигледно, крајно назадни идеологии не се одделни, туку одлично работат во напорите за поткопување и буквално уништување на постојниот политички поредок. Незапирливото ширење на ваквиот транснационаленн тероризам, без разлика дали станува збор за разулавени џихадисти или уште поманијакални десничари и бели супрематисти, забрзано го поткопува и фрагментира општествениот и политичкиот консензус на глобално ниво. Можеби токму и тоа е целта, да се создаде празнина во која, по сѐ изгледа, ќе нема место за невините од „другата страна“, ниту пак за неопределените…

Од една страна, џихадистите преку екстремното насилство и заплашување, како и преку енергичното убедување во исправноста на нивната „вистина“, се обидуваат да воведат радикална форма на исламистичко владеење буквално секаде каде што тоа е можно. Од друга страна, екстремно десничарскиот тероризам сѐ повеќе ги прифаќа и применува џихадистичките рецепти и тактики во нивните обиди за ширење страв и хаос на глобално ниво, а посебно во САД и во другите западни земји.

Па, така, очигледно е дека светскиот повоен тренд кон поголема толеранција и помалку насилство, во однос на „крвавото минато“, е доведен во опасност да биде сменет во обратна насока, за што најмногу заслуга имаат различните варијанти на транснационален, меѓународен тероризам што само се провоцира и интензивира помеѓу себе. За да се постигне и одржи потолерантен, а секако и помалку насилен свет, потребни се големи напори и еднакво справување со главните причини за појавувањето на ваквите назадни и, пред сѐ, нечовечки сили, идеологии и движења. Нивното идентификување и успешното надминување ќе ги направат светот и секојдневниот живот на милиони и милијарди Земјани многу побезбеден. Во спротивно, секојдневно ќе се соочуваме со грозоморни насловни страници на медиумите, кои повторно и повторно ќе нѐ потсетуваат дека разумот ја губи битката пред омразата – расна, религиозна, политичка, сексуална… Листата е навистина долга.

[email protected]