Работно лето за политичари и за студенти

180

Хронолошки гледано, и едните и другите во последните неколку години лете заминуваат на работа, едните во странство, другите дома, со абер и благослов од „нивните“ да направат нешто повеќе

„Ах, лето, каква моќ имаш истовремено да те сакаме и да нѐ тераш да се потиме“. Ова е познатата реченица што ја кажал Ресол Вокер, светски реномираниот американски публицист и добитник на наградата за новинарство „пулицер“ во САД, на која можеби во овие моменти треба да се присетат лидерите на македонските партии токму кога тие почнуваат политички активности за време на летото, кои по многу нешта личат на студентските летни активности во странство, попознати како работи и патувај (work and travel). Во летната жега студентите поради желба за подобар животен стандард и подобро платена работа, академски образовани, работат по странски кафеани, хотели и ресторани во желба да заработат некоја паричка, а вторите „школувани“ за политикантство кинисуваат во „работно лето “ на домашната политичка сцена, со цел да го реанимираат подзаспаното членство и да ги пребројат гласовите.

Хронолошки гледано, и едните и другите во последните неколку години лете заминуваат на работа со абер и благослов од „нивните“ да направат нешто повеќе.
Родителите на студентите што се потенцијалните лидери на нашето општество во иднина ги поддржуваат своите деца да заминат на печалба, а нивното искуство го гледаат како добар начин децата да ги прошират своите видици, да се осамостојат, да станат одговорни, да стекнат нови искуства за животот што ќе следува и спремни во иднина да се соочат со секој предизвик. Додека, пак, вторите, политичарите, истиот период го користат преку јавните собири да ги убедат „своите поддржувачи“, но и да привлечат нови симпатизери, да се мобилизираат, да станат составен дел од визијата на лидерот на партијата за земјата и наесен да почнат политичка битка со ривалите од спротивните политички табори.

„Ах, лето, каква моќ имаш истовремено да те сакаме и да нѐ тераш да се потиме“. Ова е познатата реченица што ја кажал Ресол Вокер, светски реномираниот американски публицист и добитник на наградата за новинарство „пулицер“ во САД, на која можеби во овие моменти треба да се присетат лидерите на македонските партии токму кога тие почнуваат политички активности за време на летото, кои по многу нешта личат на студентските летни активности во странство, попознати како работи и патувај

Преведено во дневнополитичка конотација, лидерот на опозицијата Христијан Мицковски веќе на големо од пред некое време е на терен и работи на својата визија на „работното политичко лето“ и тој заедно со неговите сопартијци е во посета на секој дом по градовите и селата, со цел, како што вели тој, политички да се врати земјата на вистински колосек. Неговата девиза во летното политичко дејствување е фактот дека на Македонија ѝ се потребни нов тип политичари, професионални, посветени и одговорни луѓе, кои се докажале во различни области, кои остваруваат ветувања и кои нема да го изневерат народот, а не политичари од кариера, кои ветуваат, а не исполнуваат, кои го манипулираат народот. Впрочем, новиот лидер на ВМРО-ДПМНЕ ги следи стапките по кои СДСМ во 2012 почна пополека да го освојува гласот на граѓаните за во 2017 година да ја издвојува победата и да дојде на власт. Тогаш на терен и од врата на врата одеше целокупното раководство на СДСМ.

Ова раководство на тогашната опозиционерска СДСМ слично на сегашната ВМРО-ДПМНЕ изјавуваше дека ако треба еден по еден ќе ги посетат сите граѓани, за во очи да им ги објаснат нивните решенија, да ги слушнат нивните забелешки и да ги убедат дека се подобра опција од нивните конкуренти на изборите.
Од друга страна, пак, паралелно на работното лето на опозицијата, и власта ќе „слави работно“ и во деновите што следуваат ќе дејствува на различни начини. Сега позициската СДСМ на чело со Зоран Заев поради добивањето на поканата за членство во НАТО ова лето ќе се зближува со граѓаните и гласачите во 15 градови низ земјата со митинзи и концерти на кои ќе присуствуваат 40 домашни артисти и музичари, за да им објасни на граѓаните што постигнале.
Анализирајќи ги однесувањето и дејствувањето на опозицијата, но и на власта, домашните експерти деновиве коментираат дека работното лето на политичарите е само празна и веќе видена тактика преку која се пребројува потенцијалното гласачко тело. Познавачите на политичките случувања во земјава велат дека во Македонија власта никогаш не ја слушнала опозицијата ниту, пак, опозицијата ја поддржала власта и на овој начин сите креативни идеи за доброто на народот се губат во стегите на политичките битки на водечките партии.
Од друга страна, пак, оние што ја следат политичката сцена во Македонија често знаат да напоменат дека во минатото се изнагледале многу работни лета на политичките партии како годинешново. Овие лета ретко кога ја „освежиле“ политичката клима во Македонија, туку само успеале да им ги вжештат проблемите на граѓаните, на кои очигледно им е прекуглава од сѐ. Зошто на митинзите и собиранките што ги одржуваат партиите во летните месеци повеќе ќе слушнете обвинувања кон противникот отколку некој конструктивен и конкурентен предлог за тоа како да се реши одреден проблем. Наспроти студентските работи лета, кои на учесниците им носат бенефиција во секој поглед и како искуство потоа им значат во кариерата, работните лета на политичарите се претвораат во политички популизам, со многу повеќе реторика отколку суштина.