Пaдот на Наполеон и подемот на ковид-19

1215

Многубројните примери низ историјата покажуваат дека со вирусите и со микроорганизмите нема шега. Тие не може да се победат со воена моќ, ниту со каква било друга сила. Може да се запрат со нешто друго, но за тоа малку подолу во текстот. Она што за нашата држава во моментов е најважно е запирање на увозот на корона во Македонија

Изминатиов период, откако прогресијата на ширење на коронавирусот покажува нагорна линија на пораст, читав стручна литература што се занимава со микроорганизмите и вирусите. За почеток, сметам дека е корисно и поучно да споделам барем мал дел од научните факти за оваа проблематика. Како предупредување за сите да сфатиме со што всушност си имаме работа. Зашто повеќе од очигледно е дека многумина не ја согледуваат сериозноста на ситуацијата.
Кога Владата мора да носи одлуки со кои се забранува собирање на Водно во ноќните часови, или се забранува правење журки по приватни куќи, тогаш повеќе од јасно е дека нешто не штима како што треба, дека, за жал, постојат неодговорни граѓани што си поигруваат со здравјето на сите. Затоа, еве неколку научно потврдени докази.
Човекот отсекогаш сакал да работи, или да се бори со нешто што може да го види, опипа, намириса преку своите сетила. Со вирусите тоа не е можно.

Тие се невидливи со голо око, а тешко се откриваат и под микроскоп. Истовремено, станува збор за исклучително моќни организми, со огромна способност за ширење. Во суштина, микроорганизмите се првите жители на оваа планета, а несомнено дека ќе бидат и последните. Низ вековите тие влијаеле врз текот на историјата, но и врз создавањето или уривањето на кралства и моќни империи. Да, да токму така.
Падот на Рим за време на Јустинијан бил забрзан со епидемија на црна чума и големи сипаници. Заразните епидемии и инфективните болести одиграле главна улога во многу војни во историјата. Во 1566 година германскиот крал Максимилијан Втори опремил армија од 80.000 војници за да го победи султанот Солиман во Унгарија и да ги избрка источните орди од Европа. За време на едно од логорувањата на германската војска, меѓу нив се појавил опасниот вирус на тифус.

Германската супермоќна и многубројна армија едноставно се стопила и исчезнала без и да се сретне со Турците. Едноставно, вирусот ги поразил сите, без ниту еден истрелан куршум. Слична судбина низ историјата доживеале и армиите на шведскиот крал Густав Адолф, но и на славниот војсководец Наполеон. Инфекциите, вирусите и микробните болести биле главниот фактор за дефинитивниот пораз и падот на Наполеон. Што покажува тоа? Дека со вирусите нема шега. Тие не може да се победат со воена моќ, ниту со каква било друга сила.
Може да се запрат со нешто друго, но за тоа малку подолу. Во продолжение уште малку бројки и статистика за моќта на вирусите и микроорганизмите. Бидејќи актуелниот ковид-19 е нов и с8 уште неистражен вирус, за кој многу малку се знае, она што на сите им е добро познато е неговата огромна инфективна моќ и способност на брзо распространување и ширење. Затоа, во недостиг од научни сознанија за ковид-19, како илустрација за тоа колку брзо се шират микроорганизмите корисно е да се знае колку брзо се шири ешерихија коли на пример.

При идеални услови, само за 24 часа од една единствена клетка би добиле (внимавајте сега) 4.722.366.478.544.681.194.486 нови потенцијално инфективни клетки. Како ви изгледа бројкава? Побајаги е голема, нели?! Хипотетички, врзани една до друга овие нови клетки би направиле линија што може да ја опфати целата наша планета, односно да се протегне до Месечината и назад. И тоа не еднаш, туку 12.459.009 пати. Не верувате? Ве уверувам дека сѐ е точно, до последната децимала. Сега веројатно е многу појасно колкава е моќта на вирусите и микроорганизмите, вклучувајќи го и на новиот ковид-19, кој изминатиот период на многумина им влева страв во коски. Сепак, посочените примери воопшто немаат цел да послужат како заплашување, туку пред сѐ и над сѐ за граѓанско и национално отрезнување за тоа пред колкав предизвик е, всушност, исправена Македонија. Во таа насока, во целост се согласувам со тезите на голем број странски научници дека ова е можеби најголемата опасност за човечкиот род во изминатите 100 години. За справување со оваа закана на човештвото денес му е потребен многу поголем војсководец, фигуративно кажано, отколку што бил Наполеон на времето или сите други заедно пред или по него.

Во продолжение краток осврт и на состојбите и условите во Македонија, и овој пат исклучиво од здравствен, организациски и хуманитарен аспект. На политиката не ѝ е местото тука. Вчера (петок 20 март) стигна потврда за нови 19 инфицирани лица, што е најголем пораст на новозаразени од влегувањето на болеста во Македонија.
Звучи парадоксално, но короната е моментално најизвезуван артикл низ светот.
Заразата почна од Кина, како домицилна земја, па брзо се прошири низ целиот свет и ги зафати сите континенти. Од европските држави, во моментов најпогодена е Италија, а веројатно некои од пропустите што се направија таму требаше да послужат како поука и за нас. Но со оглед на фактот што заразата рапидно се зголемува во Македонија и сега не е предоцна за ефективни и многу порадикални мерки. Прво и најважно, запирање на увозот на корона во Македонија.
Сите досега евидентирани случаи се како последица на увезена корона. Зараза што е дојдена во Македонија од странство од некоја од средно или високоризичните земји. Тоа покажува дека затаиле превентивните и контролните механизми. Дека граничните премини, аеродромските терминали биле шупливи како швајцарско сирење за корона. Но и дека првичните мерки за делење едукативни флаери и пополнување прашалници не ја спречиле короната да влезе во Македонија. Можеби и затоа што короната не знае да чита?
Нема какви се состојбите сега на граничните премини, но опасноста од увоз на болеста и понатаму е многу висока. А сѐ додека трае увозот на корона, шансите успешно да се борите со вирусот се исклучително мали.
Во меѓувреме, вирусот се покажа многу поитар и поснаодлив од многу светски сили. Веројатно најдобар показател за тоа е што коронавирусот како вектор за брзо ширење и распространување ги користи и лицата што се здрави и асимптоматични, односно не покажуваат никакви симптоми на заболеност.

На тој начин ковид-19 успешно се камуфлира, што му овозможува експресно ширење и брз пораст на линијата на инфективност.
Понатаму, потпирањето само на совеста на сите оние што влегле или влегуваат во Македонија не може да биде ефектива заштитна мерка. Еднаш влезениот вирус потоа е многу потешко да се запре. За да може да почне борбата со вирусот, прво и неопходно е тој да се запре уште на граница. Да нема прилив на новозаразени, со што ќе се прекине првичната линија на трансмисија на заразата. Дури потоа ни претстои битка на локално ниво за детектирање и евидентирање на сите потенцијални носители на вирусот.

Тоа, секако, не е лесна задача, но е многу полесна и поисплатлива отколку справување со последиците од потенцијална масовна инфекција на населението.
За да се спречи ширењето на вирусот, покрај актуелните мерки на Владата, неопходно е што помасовно, покоординирано и поорганизирано да се спроведува и основното мото на СЗО, кое гласи „тестирај, тестирај, тестирај“. Со тестирања да се опфатат што поголем број граѓани кај кои постои и најмал сомнеж дека се можни преносители на вирусот. Чекањето некој да покаже симптоми може да биде предоцна.
Самоизолацијата и карантинот исто така треба да добијат многу поширок опфат и многу построга контрола.

При една ваква пандемија од толкави размери, разбирливо е да има и одредени грешки во чекори или недоречености. Но по воведувањето на вонредната состојба на целата територија на државата, одговорноста за справување со кризата многу повеќе е на властите. Во нивни раце сега се и морковот и стапот. И економските мерки што ќе овозможат функционирање на стопанството, и казните и санкциите за сите оние што не се придржуваат до препораките и го загрозуваат јавното здравје.
Кога сме кај заштитата на јавното здравје, треба да им се упати јавна благодарност и максимална поддршка на сите медицински работници од јавниот и приватниот сектор што изминатиот период не штедејќи се себеси храбро се фатија во костец со новонастанатата состојба. Покрај медицинарите, пофалби и поддршка секако заслужуваат и другите служби, како полицијата, медиумите, кои се во првите борбени редови.
Ордените сепак се делат на крајот од битката. Но таа треба прво да се добие. Тоа е она што е најважно во моментов.

[email protected],mk