Промашена терапија

340

Колкави ќе бидат последиците од овој случај со Груевски врз правната држава, безбедносниот систем и врз она здраво општество што се стремиме да го достигнеме пред портите на ЕУ, останува допрва да се утврди. Но ваквите постапки, секако, се сериозно предупредувања за во иднина зашто можат да ни се вратат како бумеранг

Ова што се случува на домашната сцена може да се подведе под народната изрека по свадба, тапани! Ваквиот впечаток е неподелен помеѓу општата, но и стручна јавност и главно се однесува на случајот со бегството на поранешниот премиер во Унгарија. Без разлика дали инертноста на институциите, од судот преку МВР до Владата, му го отворија патот на пребеганиот пратеник Никола Груевски до Будимпешта, или станува збор за некаков заткулисен договор, што исто така се споменува во јавноста, едно е сигурно, дека Македонија во моментов се претвори во политички театар со задоцнето палење. Вакви беа и сѐ уште се коментарите на речиси сите експерти, домашни познавачи и толкувачи на состојбите што будно ги проследија случувањата на домашната, но и на меѓународната политичка сцена поврзани со поранешниот премиер и неговото бегство во Унгарија, и понатамошното негово добивање политички азил таму. За да се сфати димензијата на целиот случајот, мора да се потсетиме на неговиот историјат.

Откако мина „судниот“ викенд, кога доставувачите на покани за издржување казна на осудените лица не работеа, многубројни телевизиски екипи и полицијата ја почнаа акцијата „спроведување на осудениот Груевски во затвор“. Многубројната публика седната пред екраните гледаше како го бараат во неговиот дом од кој излегол, па по автомобилите што влегуваа и излегуваа од седиштето на неговата партија, и известуваа до доцните часови од пред влезот на затворот во Шутка, возбудени како пред Нова година или пред Велигден, дека сè уште не пристигнал. Вистинска драма….
И тамам кога сите веќе се загриживме да не му се случило нешто, поранешниот премиер на Македонија и почесен претседател на најголемата опозициска партија, ни испрати порака преку Фејсбук дека е здрав и жив и дека од пред неколку дена се наоѓа во убавата Будимпешта, во која има намера да престојува малку подолго и од каде што ќе продолжи да се бори за македонската кауза.

Спасот ни е во превенцијата, односно подигање на „имунитетот“ внатре во институциите и во системот на државата за да може да бидат на ваквите заразни болести, кои само ги разјадуваат општеството, судството, граѓанството и државата воопшто

Прашањето што веднаш по ова се наметна во јавноста беше зошто македонските власти не го надгледувале Груевски подобро. Но она што следуваше потоа исто така спаѓа во доменот на задоцнетите реакции, промашената терапија, односно барањето оправдувања и префрлање на одговорноста.
Најпрво се јавија високите функционери на СДСМ и од власта дека институциите немале пропуст. Следуваа ставот на Министерството за правда и уверувањата дека унгарските власти ќе го екстрадираат во Македонија. Јавноста и граѓаните добиваа уверувања, но од друга страна институциите чекаа и не го испраќаа барањето за екстрадиција. Зошто толку се чекало останува енигма. И кога конечно барањето за екстрадиција беше испратено од Будимпешта, пристигна веста дека азилот е веќе одобрен и екстрадицијата е невозможна.

Со неверување, но и со задоцнување се јавија Европската комисија и еврокомесарот Хан и прашуваа како тој си заминал!

И сега што правиме? Колкави ќе бидат последиците од овој случај врз правната држава, безбедносниот систем и врз она здраво општество што се стремиме да го достигнеме пред портите на ЕУ, останува допрва да се утврди. Но ваквите постапки, секако, се сериозно предупредувања и во иднина можат да ни се вратат како бумеранг. Во животот секогаш ти се враќа она што го праќаш, па така и оваа неажурност на институциите за која целата експертска јавност дебатира деновиве, може да ни се врати по глава и да ни излезе на нос на нашиот пат кон ЕУ.

Тоа е како на болен човек да не му дадеш соодветна терапија и лекови за навреме да заздрави и да застане на нозе. Така и овој пропуст без соодветна терапија на институциите ќе овозможи лесно да се прошири „болеста“ и сериозно да се одрази врз целата држава.

Спасот ни е во превенцијата, односно подигање на „имунитетот“ внатре во институциите и во системот на државата за да може да бидат на ваквите заразни болести, кои само ги разјадуваат општеството, судството, граѓанството и државата воопшто.