Проекти и ветувања само на хартија

361

Доколку во изминатиот период се реализираа барем некои од ветувањата што им беа дадени на битолчани на сите претходни избори, сега Битола ќе беше европски град, во кој битолчани ќе имаа нов цивилен аеродром кај селото Логоварди, нов фудбалски стадион под Тумбе Кафе, затворен олимписки базен, голф-терени на Братиндол, голем број хотели кај Нижеполе, нова црква за заштитникот на Битола, св. Нектариј Битолски, булеварски влезови од Прилеп, Охрид и од Грција, развиен зимско-летен туризам, нов планинарски дом „Копанки“, филмски град со голем број филмски студија кај Златниот рид, топлификација, ново кино „Манаки“, реновиран офицерски дом, филмски град, агропазар, неколку катни и подземни гаражи, асфалтирани улици, водоводна мрежа без азбестни цевки.

Иако официјално сѐ уште не е почната кампањата за претседателските избори, сепак кандидатите за претседател и нивните политички поддржувачи веќе се растрчаа по државата на непосредни и блиски средби со граѓаните. На таквите средби политичарите, наместо да го слушнат гласот на народот, најчесто ги промовираат своите планови и идеи, за тоа како размислуваат да ја водат државата. Настојувајќи да го добијат нивниот глас, тие нудат буквално сѐ и сешто, притоа заборавајќи дека ова се претседателски избори и дека многу од тие ветувања некои од нив веќе ги дале на претходните парламентарни или локални избори, но, за жал, најголем дел од нив останал нереализиран и само мртво слово на хартија.

Деновиве и Битола, поточно Широк сокак е улицата на која најчесто се одржуваат средбите на политичарите со граѓаните. Наместо со обични луѓе, во последно време популарното битолско корзо е полно со политичари и политички активисти, кои по официјалното распишување на претседателските изборите и пред почетокот на кампањата сакаат да го слушнат гласот на народот. На битолското корзо деновиве може да се сретнат и оние политичари што пред распишувањето на изборите обичните смртници ни со полиција не можеа да ги најдат за да ги прашаат до каде се со исполнувањето на ветувањата што им ги дале на претходните избори.

Иако ова се претседателски избори, според темите и дилемите што можат да се слушнат на средбите со граѓаните или партиските трибини, тие во Битола по многу нешта потсетуваат како да претстојат локални избори. Се добива впечаток како обичните битолчани да не се многу загреани за висока државна политика. Откако државата Република Македонија им се преименува во Република Северна Македонија, а тие не успеаја да го спасат уставното име, по сѐ изгледа дека нив сега најмногу ги интересира решавањето на нивните секојдневни егзистенцијални проблеми.

Битолчани, кои одамна во голема мера ја загубија довербата во политичарите, со одредена доза скепса велат дека на политичарите, на сите без исклучок, едно треба да им се признае – дека се доследни единствено во својата недоследност. Кога има избори, тие постојано ветуваат сѐ и сешто и имаат решение за сѐ, за веднаш штом ќе се затворат гласачките кутии да забораваат на ветувањата.

Доколку во изминатиот период се реализираа барем некои од ветувањата што им беа дадени на битолчани на сите претходни избори, сега Битола ќе беше европски град, во кој битолчани ќе имаа нов цивилен аеродром кај селото Логоварди, нов фудбалски стадион под Тумбе Кафе, затворен олимписки базен, голф-терени на Братиндол, голем број хотели кај Нижеполе, нова црква за заштитникот на Битола, св. Нектариј Битолски, булеварски влезови од Прилеп, Охрид и од Грција, развиен зимско-летен туризам, нов планинарски дом „Копанки“, филмски град со голем број филмски студија кај Златниот рид, топлификација, ново кино „Манаки“, реновиран офицерски дом, филмски град, агропазар, неколку катни и подземни гаражи, асфалтирани улици, водоводна мрежа без азбестни цевки… За жал, од сите овие ветени проекти, не се изгради ништо. Најголемиот број од нив остана само мртво слово на хартија и во бујната фантазија на тие што ги ветија. Многу од тие нацртани и скапо платени проекти ниту се започнаа, а тие што пак обично во предизборието почнуваа да се градат, останаа не само неизградени, туку напуштени и заборавени, оставени на забот на времето да пропаѓаат. Иако за изработката на најголемиот број од тие проекти се потрошија огромни пари од општинскиот буџет, сепак, барем засега, нема ништо од нивната изградба. Причината за тоа е едноставна. Нема пари.

Очигледно е дека голем број од тие нереализирани проекти бил само убава но пуста желба на претходните политичари, кои пред секои избори, било да се претседателски, парламентарни или локални, во настојувањето да ја добијат довербата на граѓаните ветувале и планирале сѐ и сешто. Со таквите свои планови и весели математики тие не само што не изградија речиси ништо од тоа што планираа, туку, покрај тоа што за изработката на таквите проекти потрошија огромни средства, ја задолжија општината Битола уште со десетици милиони евра, кои сега никој не знае како ќе се враќаат. Тоа што особено ги иритира битолчани е што барем засега за нереализирањето на таквите проекти никој не презел одговорност. Токму поради ваквата состојба, најголемиот број битолчани и пред претстојните претседателски избори, најчесто на средбата со политичарите и на партиско-политичките трибини или дебати, ги поставуваат овие локални теми.

Битола како град досега многу скапо ги плати таквите импровизации на изработка на проекти за кои не била обезбедена финансиска конструкција. Битолчани се свесни дека тие заборавени проекти нема да им ги изградат ниту кандидатот на владејачкото мнозинство, ниту пак кандидатката на најголемата опозициска партија. Но на средбите со нив и нивните поддржувачи битолчани настојуваат да ја искористат шансата да ги наметнат своите проблеми на државно ниво. Дали таквата „политика“ ќе им се исплати, останува да покаже времето.