Приговор на совеста

1055

Има една реченица што е поврзана со темата и може да се прочита на која било одлука, решение на некој орган, а која гласи: Приговорот не го одложува извршувањето. Значи може да приговараш, негодуваш, да се жалиш колку сакаш, последниот збор сепак го има некој друг. Некој што е над тебе. Или барем мисли дека е над сите. Изгледа токму тука е коренот на повеќето проблеми во државата. Игнорирањето на крикот и приговорот од граѓаните. Политичката наглувост и немањето слух за граѓанските потреби, болки и очекувања

На Македонија ѝ тргна. Ни дојде папата, имавме цензус, избравме претседател, пред договор сме за иднината на СЈО… а, ете, падна и седумка на лото во Кавадарци. Среќниот добитник за вложени 100 денари ќе добие 500.000 евра. Е, тоа се вика инвестиција. Освен ако некому не му текне да стегне приговор на извлекувањето. Онака пост фестум, како што обично бидува кај нас. Ако има приговори за избори, зошто некој да не приговара и за извлекувањето на лото. Па, и тоа се избори, на ливче избираш (не од еден до три, туку од еден до 39) и чекаш дали твоите бројки ќе добијат, при што цензусот тука не е пресуден.

На крајот, во случајов, добива само еден, кому никој од преостанатите учесници не му честита. Повеќето главно му завидуваат и се надеваат дека еден ден и тие можеби ќе добијат. А како да му честитаат кога не се знае ниту кој е победникот.
На избори барем се знае. Математиката на бројките е јасно воочлива. Но има тука и други виши политички математики што ќе ви кажат дека всушност нивните бројки биле победнички. И тогаш имате чудна парадоксална ситуација на двајца-тројца, па и повеќе политички победници а само една вила на Водно. Некои изгледа сѐ уште го сонуваат сонот за колективно претседателство, како на времето пред распадот на СФРЈ.
Како и да е, за разлика од победникот на избори, добитникот на лото е најчесто анонимен. Постои само добитното ливче, без кратка биографија, титули, лични податоци и други генералии на него. Затоа и нема приговори. Против кого ќе се жалите, против едно најобично ливче?

Не, тоа нема да било воопшто интересно.
Иако, да речеме, може да се приговара за начинот на кој се пречкртани бројките на ливчето (со икс или со заокружување), на брзината на вртење на топчињата во барабанот, материјалот од кој се изработени и нивната тежина, во кој град колку ливчиња се дистрибуирани итн. И додека за приговори на избори е надлежна ДИК, за приговори на лото никој не е надлежен. Таква практика воопшто не постои. Резултатите се прифаќаат здраво за готово и точка. Баш штета. А така не бива со ова приговорите. И кога треба и кога не треба. Се разбира, приговорот е демократска придобивка и законско право и не може никому да му се ускрати. Напротив, за здрава демократија и отворено граѓанско општество дури и е пожелно што почесто да се користи како алатка.

Впрочем, приговорот е составен дел од кој било административноправен процес. Составен да, но колку е суштински е клучното прашање. Не е доволно, па би рекол дури и бесполезно постојно да извикувате обџекшн, обџекшн, како во сценарио на некој филмски трилер. Зашто за кој било приговор да биде доставен, разгледан и прифатен мора да се потпира на некои веродостојни докази и факти. Да држи вода, што се вели.

Зашто и изборите во суштина се своевиден приговор, забелешка на граѓаните за ефектот на власта и опозицијата. Тоа најјасно се виде и на штотуку завршените претседателски избори. Во таа насока си земам за слобода да искажам неколку конструктивни приговори, токму како одглас на политичките случувања и состојби во државата. Прво што паѓа в очи е што и двете најголеми политички партии си ги припишаа на свое конто освоените гласови на изборите. Од каде се сигурни дека тоа се токму нивни партиски гласови? Па, нели сите тројца претенденти беа натпартиски кандидати. Ако кандидатите биле натпартиски или непартиски, тоа значи дека и освоените гласови се непартиски. Дека тоа се всушност гласови на неопределените и разочараните граѓани и од власта и од опозицијата. По таа претпоставена аналогија партиите немаат добиено ништо. Или ако одиме од една во друга крајност, тогаш за лично нивни може да се сметаат најмногу неважечките ливчиња. Но, за жал, извртена македонска политичка реалност покажува нешто сосема друго. Кога се бараат гласови од граѓаните се настапува натпартиски, а кога се бројат ливчињата тие се чисто партиски. Чуму сиот овој театар. Е, токму ваквото политичко лицемерство и дволичност заслужуваат приговор.

Одиме понатаму. Една од клучните точки во претседателската кампања на сите кандидати беа правото, правдата, почитувањето на законите и воспоставувањето на правната држава. Но треба ли функција за да се спроведува ова. Зборот ми е, сите овие залагања што ги искажаа во кампањата, кандидатите и политичките партии што застанаа зад нив, може и треба да ги спроведат независно кој победил на изборите. Зашто правото и правдата не може да се третираат само за изборни цели или како изборен слоган. Тие треба да станат модел на однесување и дејствување. Ако некој ветувал дека ќе ги брани државата и идентитетот, може да го покаже и докаже тоа во секое време. Патем, за тоа не му треба функција. Правдољубивоста е вредност, карактеристика, особина што ја имате или ја немате.

Следниот приговор е на адреса на институциите. Иако посетата на папата помина во најдобар ред и беспрекорна организација, што заслужува пофалба, сепак излегоа на виделина длабоките разлики меѓу носителите на највисоки државни функции за одредени прашања. Тоа најсликовито можеше да се прочита и во изјавите на претседателот и премиерот на државата. Па, така, претседателот Иванов кажа дека Република Македонија е тешко ранета поради неисполнетите ветување и изневерените очекувања, додека премиерот Заев, употребувајќи го новото име на државата, истакна дека вредностите на неговата политика за едно општество за сите биле препознаени од целиот свет.

Од своја страна, поглаварот на МПЦ-ОА, г.г. Стефан, посетата на папата ја оцени како признание на Република Македонија. Забележувате, за претседателот Иванов сме Република Македонија, за црквата и владиката Стефан – Република Македонија, за власта и премиерот Северна Македонија и да не редам понатаму, зашто ќе треба да се споменат и дијаспората, опозицијата, меѓународната заедница, нашиот јужен сосед итн.
Речиси една година по потпишувањето на спогодбата од Преспа, се чини дека разногласјето околу именувањето на државата е уште поизразено, а страстите поразгорени отколку претходно. Тоа се чувствува и во Македонија и во Грција. Она што веројатно недостига е здравиот разум.

Токму последните случувања ме потсетија на зборовите напишани на истото ова место уште пред да се смени името на државата. Имено, уште тогаш предупредив дека промената на името ќе создаде тотално разногласие и конфузија, при што и дома и надвор ќе нѐ ословуваат кој како сака. Ќе добиеме нов камен на раздорот. Иако новото име стана наша реалност, повеќе од очигледно е дека приказната не е завршена, ниту пак отпорот е стивнат. И тоа е повеќе од очигледно и од двете страни на границата.
За крај една реченица што е поврзана со темата и може да се прочита на која било одлука, решение на некој орган, а која гласи: Приговорот не го одложува извршувањето. Значи, може да приговараш, негодуваш, да се жалиш колку сакаш, последниот збор сепак го има некој друг. Некој што е над тебе. Или барем мисли дека е над сите. Изгледа токму тука е коренот на повеќето проблеми во државата. Игнорирањето на крикот и приговорот од граѓаните. Политичката наглувост и немањето слух за граѓанските потреби, болки и очекувања. Затоа и текстот го насловив „Приговор на совеста“.

За оние што ги избираме и им ја даваме доверба да сфатат, да им се пробуди совеста, дека барабанот се врти, дека никогаш нема иста добитна комбинација и дека токму сослушувањето и прифаќањето на забелешките и приговорите од граѓаните се и нивната единствена сламка за спас и опстојување на политичката сцена.

[email protected]