Прекуноќ

349

„Рекордите се само плод на долготрајна посветена работа и вложен труд“, изјави, меѓу другото, минатата недела, капитенот и селектор на македонската ракометна репрезентација Кирил Лазаров, откако постави уште една рекордерска летвичка во Лигата на шампионите, овој пат според бројот на настапи во елитното европско клупско натпреварување.
Ништо во спортот не доаѓа прекуноќ. Работата секој ден може да донесе успех, а достигнувањето на врвот следува само по многу вложен труд и многу одрекувања. Така, на пример, во фудбалот пласманот на дебитантското Европско првенство и неодамнешната победа над фудбалската велесила Германија на гости се плод на одличен спој на искусна и една неверојатна млада генерација, која игра заедно повеќе години, а има искуство и од настап на младинското Европско првенство во 2017 година во Полска. Своевремено кошаркарската репрезентација на Македонија не стигна прекуноќ до четвртото место на Европското првенство во 2011 година што се играше во Литванија, кога во составот имаше многу искусни и повеќе млади играчи во подем. Слично е и во одбојката, со пласманот на репрезентацијата на две европски првенства по ред, на кои им претходеа повеќегодишните успеси во Сребрената лига.

Во ракометот, пак, има децениски континуитет од настапи на големата светска и европска сцена, закитен со едно петто место на Европското првенство во 2012 година во Србија, деветто место на Светското првенство во 2015 година во Катар, две учества во олимписки квалификации… Во сите овие случаи, но и во некои други, екипни и поединечни, ништо не дојде случајно или прекуноќ. Напротив.
„Секогаш пред себе поставувам високи цели“, вели светската ракометна величина Лазаров, а Американецот Мајкл Џордан, еден од најдобрите светски кошаркари на сите времиња, рекол: „Можам да прифатам неуспех, секој не успева во нешто. Но не можам да прифатам да не се обидуваш“. Тоа се уште два аспекта на неминовноста на успехот кога се проектира и се вложува многу за високите цели, индивидуални и екипни. Многу важен дел од успесите во низа е секогаш тежнеењето кон нови височини, па и по освојувањето на некој највисок врв. Токму тогаш треба да се најде нов предизвик, не задоволувајќи се со ништо друго освен со основното во спортот – победата. Тој спортски немир, всушност, носи напред.
Ваквиот пристап е важен и во сениорскиот и во младинскиот дел од секој спорт. Секако, со сето тоа паралелно одат вложувањата во себе, секогаш високите амбиции, самомотивација, посветеноста, многуте откажувања, упорноста, самодисциплината, спортскиот инает… Секој ден. Со тоа се испраќа и порака дека сите тие илјадници часови напорна работа носат резултатско признание.

Секако, и во подготовките за тие и слични „успеси што не доаѓаат прекуноќ“, особено од тие што се високи и меѓународно признаени, нема ништо случајно или одеднаш. За да се задржи тој момент и да нема евентуални периоди на стагнација, особено важен дел и секогаш одговорот е работата со младите од најмалите категории, во тој навидум невидлив дел. Еден од важните столбови се и вербата во младите и непоколебливата посветеност на работата во базата, од која тргнува секој сениорски успех. Во таа спортска пирамида важен дел се клубовите, секој со своите високи цели кон кои се стреми, а кога во спортот младите се на првото место, тоа прво место носи први места и на теренот, но уште поважно, се поставува цврста и широка основа за тој спорт, кој така ќе може да достигнува европски и светски врвови.
„Резултатите од трудот некогаш доаѓаат кога најмалку ги очекуваш, но доколку анализирам низ годините, низ сѐ што сум поминал, тогаш заклучокот е дека сите се заслужени и очекувани“, вели Лазаров. Дури и кога ќе се направи и „невозможното“ во спортот, тука почнува новата страница на идниот успех. Поставената нова цел, кон која ќе се стреми со сета сила, постојаното докажување и себенадминување носат кон нови титули, врвови, рекорди, медали… Заслужени и очекувани.

[email protected]