Преговори наместо напади

332

Трамп одобрил, па во последен миг се откажал од напад против Иран, објави „Њујорк тајмс“. Неговите сојузници со сета сила сега се обидуваат да нагласат дека претседателот на САД е непоколеблив и дека не се плаши да употреби сила. Истите тие нагласуваат дека тој, всушност, веќе извршил напад врз Иран, ама сајбер-напад врз неговите компјутерски системи. Да се надеваме дека тензиите ќе запрат на тоа и дека Вашингтон и Техеран што побрзо ќе седнат на преговарачка маса, „без предуслови“ како што тврди самиот Трамп

Џон Болтон во петокот наводно влетал во Конгресот со раскрвавено рамо и лелекајќи тврдел дека бил застрелан од Иран. Помогнете, помогнете, ме нападна голема земја од Блискиот Исток, извикал советникот за национална безбедност на САД, уверувајќи ги насобраните дека тој си бркал своја работа кога агресивната Исламска Република го застрелала со проектил со долг дострел. Ве молам, побрзајте. Ако брзо реагираме, можеби ќе можеме да ги запреме пред да биде предоцна, им рекол Болтон на конгресмените. Тој подоцна признал дека инцидентот се случил толку бргу што е можно да бил нападнат од Венецуела или од Северна Кореја. Вака сатиричниот американски сајт „Онион“ ги претставува новите тензии меѓу САД и Иран. Би било смешно, да не е опасно.

Американскиот претседател Доналд Трамп минатата недела во последен миг се откажал од воен напад врз Иран, кој претходно го одобрил како одмазда за соборувањето на американското беспилотно летало во Омански Залив, објави весникот „Њујорк тајмс“, повикувајќи се на извори во Белата куќа. Веста покажува колку наводно светот бил близу до нова голема војна во секогаш експлозивниот Блиски Исток, која би имала многу подалекосежни последици. Трамп наводно на само десет минути од нападот се откажал од намерите откако проценил дека одмаздничката американска акција би однела 150 жртви, додека во нападот врз беспилотното летало на САД од 200 милиони долари немало жртви. Ова, според повеќе аналитичари, меѓу кои и тие на „Геополитика њуз“, е проблематично од неколку аспекти. Прво, многумина сега го напаѓаат „Њујорк тајмс“, тврдејќи дека весникот влегол во пропагандната машинерија на Белата куќа, која преку весникот испратила порака до Иран и до целиот светот што би ја очекувало Исламската Република ако продолжи да оди по жица. Вториот проблем, според истите аналитичари, е што Трамп наводно решил да се смилува за животите на 150 војници, иако била погодена американска цел, во или надвор од иранскиот простор, различно според тврдењата на Вашингтон и на Техеран. Ова може да биде точно, но, според аналитичарите, поточно е дека Трамп не сака војна со Иран и прави сѐ за да ја избегне, додека истовремено ја задржува жестоката реторика. Така, во деновите што следуваа, Трамп нагласуваше дека е подготвен да го „уништи“ Иран во евентуален конфликт, дека нема да дозволи Техеран да создаде нуклеарно оружје или дека санкциите дополнително ќе ја здробат иранската економија. Но секогаш нагласуваше и дека војната со Иран не е главна опција на САД, туку дека сака да го принуди Техеран на нови преговори, откако Трамп веќе еднострано ги повлече САД од нуклеарниот договор од 2015 година, што го поддржуваат другите суперсили. Техеран засега одбива нови преговори и најавува дека ќе се откаже од делови од договорот ако Европа и другите сили не го заштитат од американскиот притисок.

Кога станува збор за воената опција, како главен протагонист обично се посочува погореспоменатиот Болтон. Играјќи си „добар полицаец, лош полицаец“, Трамп нагласува дека тој, а не Болтон, го има конечниот збор за националната безбедност. Според Трамп, да се прашувал Болтон, тој сигурно веќе ќе го нападнел Иран, но Трамп, ете, решил да не интервенира за да не предизвика нов хаос на Блискиот Исток, како што се случи по американската инвазија на Ирак во 2003 година, која Болтон ја поддржа, а Трамп постојано ја критикуваше. Но, со Иран, Трамп би можел да се соочи токму со таква војна каква што критикуваше како претседателски кандидат, обвинувајќи ги претходниците дека успеале да ја заглават Америка со конфликти од кои таа не може да се извлече со децении. Трамп досега двапати интервенираше против Сирија, со ракетни напади, но многу аналитичари посочуваат дека Иран не е ниту Сирија ниту Ирак и дека блицкриг нема да донесе поволни резултати ниту на безбедносен ниту на економски план (со нестабилни цени на нафтата) ниту, пак, тоа би бил добар пиар во пресрет на претседателските избори во 2020 г.

Што друго би можел да стори Трамп? САД сакаат да ја мобилизираат меѓународната заедница на своја страна (државниот секретар на САД, Мајк Помпео, другиот најспоменуван јастреб кога станува збор за воени напади против Иран, најави дека САД ќе формираат светска коалиција против Иран). Засега, ЕУ, Кина и Русија се против каква било ескалација на тензиите, а и го поддржуваат иранскиот нуклеарен договор. САД се надеваат дека неколкуте инциденти со нафтените танкери и со нападите со беспилотни летала врз саудиските аеродроми ќе ја зголемат поддршката за американската позиција. Инцидентот со американскиот дрон, застрелан од Револуционерната гарда на Иран, која САД ја прогласија за терористичка организација, претставува нов предизвик и би можел да претставува пресвртница. Дали САД навистина ќе се одлучат за ракетни напади врз поединечни воени цели на Иран? САД сигурно може да ги извршат, но тие би имале пошироки последици врз американските цели и интереси во регионот, а истото тоа може да важи и за нивните сојузници. Ако САД го нападнат Иран, тој би можел да се воздржи од реакција бидејќи сигурно не сака целосна војна со САД. Иран посериозно би можел да реагира само ако бидат загрозени неговите воени, политички и економски структури. Засега, на негова страна, во поголема или во помала мера, јавно или не толку јавно, се ЕУ, Кина и Русија. САД со својата стратегија на „максимален притисок“ го туркаат Иран сѐ поблизу до Кина и особено до Русија, а земјата со големи природни ресурси и со одлична геостратегиска позиција е добар сојузник.

За Трамп се вели дека ја има превртено наопаку Рузвелтовата максима со големиот стап. Трамп повеќе сака гласно да зборува и да носи мал стап или, ако веќе носи голем стап, тогаш повеќе сака да мавта со него отколку навистина да го употреби. Можеби, затоа Болтон и другите, по веста дека Трамп во последен миг се откажал од напад, упорно нагласуваат дека тој е непоколеблив и дека не се плаши да употреби сила доколку тоа е потребно. Истите тие нагласуваат дека тој, всушност, веќе извршил напад врз Иран, ама сајбер-напад врз иранските компјутерски системи што ги контролираат ракетите. Дали тензиите ќе запрат на тоа и САД и Иран ќе седнат на преговарачка маса, „без предуслови“ како што тврди Трамп? Засега тоа оди тешко. САД воведоа нови санкции, овој пат и против иранскиот врховен водач, а Техеран порача дека Вашингтон засекогаш го затворил патот на дипломатијата. Да се надеваме дека не е засекогаш.

[email protected]