Првомајски чочек

1193

По работниците, и секогаш на компромиси подготвените синдикати ја загубија битката. На боиштето наречено пазар на трудот сега паѓаат стопанствата и државите.
Навикнати на секакво работно време, неплатено прекувремено, привремено или на повик, со договор на одредено, без никаков договор, социјална и правна заштита и за мизерни плати, работниците сфатија дека не може да биде полошо и така „печени“, по отворањето на границите, тргнаа во потрага кон подобро. Премногу самоуверените работодавци и неорганизиранaта држава предоцна почнаа да сфаќаат оти наскоро ќе нема кој да им го вади лебот

Уште денеска и утре малку да се поработи, па следува продолжен викенд, првомајскиот. Продолжен за тие што имаат среќа да не работат во трговијата, угостителството, здравството и во други дејности што според редот на нештата постојано мора да се во функција. Вистина ги има и такви што, според нередот на нештата, мораат да работат, но таков им касметот. За скопските комуналци не важи тоа, зашто и за обичен викенд тие одмораат, а не па за продолжен. Како и да е, поголемиот дел од граѓанството за кратко ќе излезе од темниот тунел на секојдневието, но не да заигра чочек среде автопат, туку некаде во природа, покрај скара, во некоја кафеана, или да се оптегне преку сите краци на Халкидики, да ги опустоши дуќаните во Солун и патем да го види новиот пат. Па сега, ако некои и спонтано се фатат во оро додека чекаат да ја поминат границата, белки нема да им се земе за зло.

За тоа време, Сојузот на синдикатите на Македонија, Конфедерацијата на синдикални организации и независниот полициски синдикат, како и партијата Левица, најавија протестни маршеви низ главниот град. Сите со своја маршрута, но со единствена порака – повеќе работнички права. Со маршрутите верувам дека ќе нема проблем, зашто градот и така ќе се испразни. Со пораката, веројатно, ќе оди потешко, бидејќи, од веќе споменатите причини, ќе нема кој да ја чуе. До тие што треба да ја слушнат ќе стигне медиумски преџвакана и разводнета, најверојатно и со задоцнување, откако ќе ги процесираат сите можни и невозможни постови за тоа кој каде и како си поминал за празникот.

Но клучното прашање што сега се поставува е кој ќе маршира. По неколкуте години преокупираност со внатресиндикалните борби за имотот и функциите и систематското игнорирање на правата на работниците, синдикалните лидери сега си замислуваат дека гордо ќе „јаваат“ на чело на непрегледна колона од работници секогаш подготвени на борба за нивните функции. Од кого очекуваат поддршка? Од безобразно потплатените и обесправените работници во приватниот сектор, кои со години ги користеа за поткусурување со властите и со сомнителните инвеститори и бизнисмени? Или од вработените во државниот и во јавниот сектор, кои повеќето од своето работно време го поминуваат дрогирајќи се со турбофолк во пренатрупаните канцеларии или во околните кафеани? И нема што „Актор“ да ја пере Владата за свадбарското отворање на делчето од автопатот, кога речиси целата администрација им е на чочек, и тоа не само во слични пригоди туку и во текот на редовното работно време.

По неколкуте години преокупираност со внатресиндикалните борби за имотот и функциите и систематското игнорирање на правата на работниците, синдикалните лидери сега си замислуваат дека гордо ќе „јаваат“ на чело на непрегледна колона од работници секогаш подготвени на борба за нивните функции. Од кого очекуваат поддршка? Од безобразно потплатените и обесправените работници во приватниот сектор, кои со години ги користеа за поткусурување со властите и со сомнителните инвеститори и бизнисмени? Или од вработените во државниот и во јавниот сектор, кои повеќето од своето работно време го поминуваат дрогирајќи се со турбофолк во пренатрупаните канцеларии или во околните кафеани?

И нема што да се чудат што сите бегаат од стопанството и бараат засолниште во државната и во јавната администрација или одат во странство, кога со години и синдикатите и властите ги оставаа работниците без заштита. Дури и сега владејачкиот Социјалдемократски сојуз, теоретски изграден врз основа на претпоставката дека работничката класа ќе станува сѐ побројна и ќе му ја осигурува власта, наместо да се соочи со стагнацијата и падот на неговиот електорат од редот на работниците, се сврте кон некакваси замислена средна класа и кон работодавците-бизнисмени, така што не само што се оддели од својот извор на поддршка туку стана и соучесник во неговата ликвидација.

Но ако може да послужи како утеха, не е тоа од вчера и не е специфика само на Македонија. Истиот тренд веќе подолг период прогресира и во сите земји од нејзиното опкружување. Загрепскиот рок-бенд „Хаустор“ визионерски го најави тоа уште во далечната 1984 година, со песната „Радничка класа одлази у рај“, веројатно и не насетувајќи колку болно допрва ќе стане тоа заминување на овдешните простори. Иако укажувањето на авторите на песната тогаш се однесуваше на зголемената невработеност во 1980-тите години од минатиот век и големиот бран на заминувања на печалба во западните земји, песната остана актуелна и во времето на бескрајна транзиција и инсталирањето на балканската, дива верзија на либералниот капитализам. За разлика од претходното, кога работничката класа заминуваше во рај, за неа следуваше пекол. Затворените граници ги принудија работниците багателно да им го продаваат својот труд на новосоздадените бизнисмени, а властите му кумуваа на тоа. И така, со песната, замина пролетаријатот, а дојде прекаријатот, работници со нестабилни и привремени вработувања. Сето тоа беше „покриено“ со тезата за таканареченото исчезнување на средната класа, која всушност никогаш не ни постоеше на овие простори. Работниците го одмолчеа тоа, бидејќи терминот „слој“ веројатно повеќе им импонираше од идеолошки контаминираниот поим „класа“, и така работничката класа исчезна од свеста, и на граѓаните и на медиумите.

Парадоксално, во западните земји, каде што капитализмот во разни свои форми многу подолго време е зактовен, работниците сѐ уште се фактор во политичките преговори и се заштитени од силни синдикати, а медиумите и државите со многу поголемо внимание се однесуваат кон нив. Можеби не поради љубов, туку едноставно затоа што ги препознаа како драгоцен ресурс.
За состојбата на овдешните простори веќе и премногу зборува фактот дека само во првата деценија од транзицијата, невработеноста се зголеми од осум на речиси 30 проценти, а во исто време членството на синдикатите од 90 отсто падна само на неколку десетици проценти.

Така, по работниците, и секогаш на компромиси подготвените синдикати ја загубија битката. На боиштето наречено пазар на трудот сега паѓаат стопанствата и државите. Навикнати на секакво работно време, неплатено прекувремено, привремено или на повик, со договор на одредено, без никаков договор, социјална и правна заштита и за мизерни плати, работниците сфатија дека не може да биде полошо и така „печени“, по отворањето на границите, тргнаа во потрага кон подобро.
Премногу самоуверените работодавци и неорганизиранaта држава предоцна почнаа да сфаќаат оти наскоро ќе нема кој да им го вади лебот, а синдикалните лидери ќе немаат со кого да организираат маршеви, дури ни во работните денови. За чочеци ич да не се грижат, нив секогаш ќе ги има, и првомајски и секакви.