Празнично подобро утре

470

И во пресрет на Велигден, како еден од најсветите христијански празници, паралелата со Македонија би била да ја воскреснеме меѓусебната почит, за да не останат залудни сите обиди да изградиме општество на заеднички вредности.
Треба да се фокусираме на она што е еднакво важно за секој граѓанин, без разлика на верата и етничката припадност. Да им се стави крај на поделбите и на омразата во општеството, кое е сѐ поподелено, а политичарите треба да ја напуштат реториката на омрази и поделби

Верските прашања деновиве повторно стануваат доминантни теми од интересот на јавноста, и тоа низ различни аспекти. Како ретко кога во ист временски период во медиумите главните наслови се поврзани со Македонската православна црква, Исламската верска заедница и Католичката црква во Македонија. Ако за МПЦ-ОА тоа се празничните моменти во пресрет на велигденските празници, за Католичката црква тоа е претстојната историска посета на папата во Македонија, а за ИВЗ ова е период на повторна борба за превласт за прв човек на оваа институција.
Овие немирни денови за ИВЗ повторно го потврдуваат фактот на исклучителна сензитивност на верските чувства во македонското општество. Речникот што може да се слушне во оваа ситуација само укажува на тоа колку е важно религијата и политиката да останат на различни страни.

ИВЗ тврди дека оние што сакаат да извршат превласт во оваа верска институција се потпомогнати од државата, власта се оградува, но останува горчливиот впечаток дека судот, како државна институција, директно е вмешан во оваа приказна. Сите овие случувања дополнително се наелектризирани и поради актуелниот политички период меѓу двата изборни круга на претседателските избори.

Јавна тајна е дека актуелната власт и раководството на ИВЗ до пред извесно време беа во „брак од интерес“, но никој засега не ја знае крстосницата каде тие тргнаа по различни патеки. Дали политиката сега прави обид за дисциплинирање на религијата? Дали револтот кај ИВЗ е резултат на неисполнети ветувања? Дали и кој ја губи поддршката? Сите овие прашања имаат свој одговор, но за јавноста остануваат неодговорени. Наскоро почнува светиот месец на пост кај муслиманите. Дали до Рамазан односите меѓу државата и ИВЗ ќе бидат вратени во нормален колосек е тешко да се предвиди.

Но доколку актуелната власт и ИВЗ останат на различни страни, најважно од целата оваа приказна е сите верски заедници да останат на иста страна, во духот на соживотот, меѓусебната толеранција и почитување. Да демонстрираат капацитет дека ако некоја верска институција има отворени прашања со државата, другите да не станат заложници на тој конфликт. Добар момент е што сите заедно на 7 мај годинава ќе имаат заедничка средба со папата Франциск, кој ќе биде првиот и единствен поглавар на Католичката црква што ќе ја посети Македонија. Таа заедничка средба е сликата на македонскиот мултирелигиски мозаик, кој значи почит на различностите.

Многумина сѐ уште се прашуваат зошто папата доаѓа во Македонија? Што може една мала држава, каде што католиците се една од најмалите верски заедници да му биде од предмет на интерес на еден папа? Клучното прашање, всушност, е зошто секогаш некој мора да бара скриени пораки во сѐ, па и во тоа дали еден папа ќе ги посети и најмалобројните во своето католичко семејство.

Овие немирни денови за ИВЗ повторно го потврдуваат фактот на исклучителна сензитивност на верските чувства во македонското општество. Речникот што може да се слушне во оваа ситуација само укажува на тоа колку е важно религијата и политиката да останат на различни страни. Сите овие случувања дополнително се наелектризирани и поради актуелниот политички период меѓу двата изборни круга на претседателските избори

Во секој случај, Македонија ќе биде центар во светските медиуми, можеби како ретко кога по некој позитивен настан. Папата секако дека не е човек од „црвениот килим“, но е духовник што може да ја пренесе сликата за Македонија во светот како општество на европски вредности.

И во пресрет на Велигден, како еден од најсветите христијански празници, паралелата со Македонија би била да ја воскреснеме меѓусебната почит, за да не останат залудни сите обиди да изградиме општество на заеднички вредности.

Треба да се фокусираме на она што е еднакво важно за секој граѓанин, без разлика на верата и етничката припадност. Да им се стави крај на поделбите и на омразата во општеството, кое е сѐ поподелено, а политичарите треба да ја напуштат реториката на омрази и поделби, зашто ова општество мора да се навикнува на еден поинаков дискурс, кој треба да се пренесе и кај партиските членови. Зашто ако од утре сѐ се врати по старо, добрите зборови за празниците повеќе изгледаат лицемерно отколку искрено.

Симболиката на овие денови е токму можноста да си посакаме подобро утре, да се поттикнеме да направиме нешто добро за себеси и за луѓето околу нас, зашто добрите дела не познаваат разлики, тие се израз на заедништво и сплотеност. Таквата моќ особено ја даваат верските празници. Токму тие денови нѐ потсетуваат на љубов, на мир и на хуманост.