Попис за броени-недоброени и за политички наивници

823

Со оглед на фактичката конституционална состојба во Македонија, во која Охридскиот (рамковен) договор е веќе дел и од преамбулата на Уставот, а чија одржливост се темели на 20-процентната застапеност на одредена етничка заедница, графата за етничка припадност се наметнува како неопходна. Па, дури и доколку тоа значи некаква политизација на пописот. Ако не за друго, за остварување на правата предвидени според политичкиот концепт на процентуална застапеност

Дали е нереално или наивно во држава каде што функционалноста на правниот систем и остварувањето одредени политички права се темелат врз процентуалната застапеност на некоја етничка група, да се инсистира пописот на населението да се спроведува исклучиво како статистичко пребројување без политичко влијание? Прашањето за (не)реалноста и наивноста е сепак реторичко, зашто ниту политичарите, ниту статистичарите, а веќе ниту оние што треба да бидат пребројувани во Македонија не се наивни и неупатени. Имено, уште пред два или три месеци директорот на Државниот завод за статистика, Апостол Симовски, ја најави можноста на претстојниот попис во земјава, кој треба да се спроведе во наредната 2020 година, да не биде содржано прашањето за етничка припадност на населението. Односно, предлогот од Државниот завод за статистика (ДЗС) е во новиот закон за попис да нема прашање за етничка и за верска припадност, туку да има само прашање за јазикот, за пописот да се заштити од политизација. Според процената на ДЗС, преку јазикот што вообичаено се зборува во домаќинството, односно преку мајчиниот јазик, ако постои потреба, ќе се процени бројната состојба на одредена етничка заедница. Директорот на ДЗС, Симовски, смета дека податокот за етничка припадност нема никаква употребна вредност, туку само се злоупотребува за политички цели и поради тоа не треба да биде дел од пописот. Сепак, по изјавите на директорот, официјалниот став на ДЗС е дека крајното решение за тоа кои прашања ќе бидат вклучени во пописот ќе го донесе Собранието на Република Македонија со донесување на законот за попис 2020. ДЗС, притоа, ги отфрли како шпекулации сите тврдења дека ќе биде изоставено прашањето за етничка припадност.

Прашањето за попис на населението во Македонија, покрај тоа што е статистичка операција, која се спроведува според препораките на ООН за пописите на населението и домувањето, неизбежно е поврзано и со спроведување на политичкиот концепт на државата. Почнувајќи од Охридскиот договор, чии рамки се потпираат токму на бројноста од минимум 20 отсто на одредени етнички заедници, што понатаму се одразува во низа закони (Закон за локална самоуправа, неодамна прогласениот Закон за употреба на јазиците, принципот за Бадинтерово мнозинство во парламентот…), прашањето за етничка припадност во пописните формулари во 2020 година се наметнува како основен предуслов за нивна примена, односно за користење на нивните придобивки.

Стравот од политичка контаминација или влијание врз, начелно, статистичка операција се должи на неуспешниот попис од 2011 година, кој директорот на ДЗС, Апостол Симовски, го лоцира токму во прашањето за етничката припадност. Но други експерти по статистика причините за неуспешниот попис пред осум години ги гледаат во „непочитувањето на прецизно дефинираните критериуми за попишување на лицата и во внесувањето неточни податоци за дел од нив, а со намера да бидат сметани како дел од вкупното население на Република Македонија, иако со години живеат и работат во други земји“.

Иако дел од статистичарите причините за неуспехот на пописот во 2011 година ги пронаоѓаат токму во попишувањето на дијаспората, и во сегашниот предлог-закон за попис е предвидено да учествува и дијаспората, односно лицата што не се во земјава повеќе од една година.

Според меѓународните препораки, пописните теми се дизајнирани како задолжителни и незадолжителни. Задолжителните теми традиционално се третираат како суштински за обезбедување клучни информации за населението и живеалиштата, а кои се во согласност со најголем дел од националните потреби. Незадолжителните теми се помалку витални и затоа се опционални. Сепак, во одредени земји, поради посебни околности и барања, тие имаат еднакво значење како задолжителните. Во групата задолжителни теми се: локацијата на местото на вообичаено живеење на населението за кое треба да се попишува, локација на живеалиштето, пол, возраст, законски брачен статус, де факто брачен статус, статус на работната сила, занимање, гранка на економска дејност и економски статус за вработените лица, локација на работното место, нивото на образование, земјата на раѓање, земја на државјанство, престој во странство и година на доаѓање во земјата, претходно место на вообичаено место на живеење и датум на пристигнување во сегашното место и др. Во групата незадолжителни теми се: локација на училиштето, вид на работно место, приход на домаќинството, писменост, стекнато државјанство, земја на претходно вообичаено место на живеење, вкупно времетраење на престојот во земјата, место на вообичаено живеење пет години пред пописот, етнокултурните карактеристики (етничка припадност, религија и јазик) и др. При носење на одлуката кои опционални пописни теми ќе бидат избрани како битни критериуми се: националните потреби, расположливоста на потребните податоци од други извори, обезбедувањето споредливост на податоците, методот на попишување, а особено националните состојби и специфичности.

Со оглед на фактичката конституционална состојба во Македонија, во која Охридскиот (рамковен) договор е веќе дел и од преамбулата на Уставот, а чија одржливост се темели на 20-процентната застапеност на одредена етничка заедница, графата за етничка припадност се наметнува како неопходна. Па, дури и доколку тоа значи некаква политизација на пописот. Ако не за друго, за остварување на правата предвидени според политичкиот концепт на процентуална застапеност. Поинаков пристап би бил попис за броени-недоброени и за политички наивци.