Политички игри без граници со амнестијата

295

Ако некогаш посакаме навистина да станеме членка на Унијата, а не само за тоа да говориме декларативно, мораме да разбереме дека не треба политиката да се меша во правото, бидејќи еден од највисоките приоритети на Брисел за нашето членство е токму обезбедување услови за владеењето на правото и правната држава

„Никој човек не може да биде над законот истовремено како што и ниту еден човек не треба да биде под законот“, е една од попознатите мисли на американскиот претседател Теодор Рузвелт, за која можеби треба да се подразмисли во моментов кога во домашната јавност сѐ погласни се најавите за можно амнестирање на прекршителите на мерките за спречување на ширењето на коронавирусот. Помилување за делата на непочитувачите на битката против болеста за кое размислуваат политичарите во моментов, а кое го оспоруваат правниците во државата, треба да биде предмет на аргументирана анализа, во земјата кога засега не се гледа крајот на битката со пандемијата на коронавирусот.

Еден ваков потег, кој засега сѐ уште е само срамежливо најавуван од политичките елити, негативно би можел да се одрази на заложбите за правна држава. Интересите на политиката не треба да се косат ниту пак да надвладеат над почитувањето на законите и владеењето на правото.
Колку за споредба, од независноста досега, Собранието има донесено вкупно седум амнестирачки закони – што само покажува дека нашата држава сериозно се соочува со огромни проблеми и перманентен дефицит на наметнување изнудени решенија, кои имаат многу повеќе допирни точки со политиката отколку со владеењето на правото.

Хронолошки гледано наназад може да се забележи дека нашата земја често посегнува по амнестијата. Од 1991 година, па досега се забележани шест усвојувани слични закони, кои се однесуваат на различни поводи и случувања, што значи дека за 29 години во просек на секои приближно 5 години има по една амнестија. Првиот закон за амнестија бил донесен во 1991 година, кога биле амнестирани затвореници и лица осудени со правосилни пресуди, но кои не почнале со издржување на затворските казни. Втората амнестија е донесена во 1999 година, а се однесува за сторителите на кривични дела со кои била предизвикана верска, национална и расна омраза.

Овој закон беше дел од политичкиот договор меѓу тогашните коалициски партнери во Владата, ВМРО ДПМНЕ и ДПА, и со него беа ослободени градоначалниците на Тетово и на Гостивар, Ајладин Демири и Руфи Османи, како и учесниците во обидот за отворање на Универзитетот со настава на албански јазик во Мала Речица. Третиот закон за амнестија е усвоен во 2002 година, како дел од Охридскиот рамковен договор. Со него се ослободени од гонење и од затвор учесниците во конфликтот од 2001 година. Петтата амнестија е во 2003 година, кога е донесен четвртиот закон за амнестија, кој е ревидиран во 2004 година и ги опфатил граѓаните што ја одбегнувале воената обврска и самоволно се оддалечиле од вооружените сили. Шестата амнестија се случи во јануари 2018 година како политички пазар и „добра волја“ меѓу владејачката коалиција.

Во оваа етапа беа опфатени околу 700 осуденици на кои, за растоварување на казнено-поправните домови, им беше дадена шанса за предвремена ресоцијализација. Последната амнестија е декември истата година и таа е поврзана за случувањата од настаните од 27 април. Сега пак се најавува нова амнестија за оние што ги прекршиле уредбите со сила на закон во однос на спречувањето на ширењето на коронавирусот.
Од друга страна, навестувајќи ја можноста за најнова етапа на амнестијата, но која сега би била поврзана со граѓаните што ги прекршија правилата за заштита од ширењето на коронавирусот, главното прашање е дали политичарите со користењето на оваа алатка како механизам го подриваат правниот систем во Македонија во зависност од моменталните политички интереси.

Во ситуација кога државата се бори со опасната болест не смее да се дозволи на сцената повторно да се активираат политички игри и калкулации и на тој начин и во овие тешки времиња состојбите дополнително да ги искомплицираме, притоа рушејќи го принципот на владеењето на правото преку обиди за поигрување или потсмевање со законските норми и уредби.

Токму затоа многу е битно да се заклучи дека сите овие примери на политичко мешање ја уназадуваат Македонија во нејзините заложби за исполнување на стандардите на ЕУ, во една од најважните области како што се правната држава и владеењето на правото. Ако некогаш посакаме навистина да станеме членка на Унијата, а не само за тоа да говориме декларативно, мораме да разбереме дека не треба политиката да се меша во правото, бидејќи еден од највисоките приоритети на Брисел за нашето членство е токму обезбедување услови за владеењето на правото и правната држава.

[email protected]