Александар Србиновски

Во овие моменти кога државата е исправена пред голем број здравствени, националнии економски предизвици, политичките елити во земјата треба да дејствуваат здружено, организирано и стратегиски, со што ќе ги исполнат
критериумите за кои се гласани од граѓаните

Во време кога земјата трпи огромни здравствено-економски последици од пандемија на ковид-19, кога се бориме од надворешни напади и притисоци со кои се атакува на нашата историја, култура, идентитет и јазик, се добива впечаток како политичките елити во земјата да се зафатени и преокупирани со нешто сосема друго – борбата за фотелја.
Имено, изминативе седмици константа тема за која говорат пратениците и политичките партии на своите прес-конференции и соопштенија е тенкото мнозинство на власта. Политичарите трошат повеќе енергија да дебатираат за тоа кој има повеќе два или помалку два пратеника наместо да се зафатат со решавање на вистинската проблематика што ги мачи граѓаните и која е од суштински интерес за државата.
Имено, една од попознатите дефиниции на Ханс Моргентау, кој е еден од најзначајните американски политиколози од времето на Рузвелт и Труман, за она што претставува поимот „национален интерес“ како еден од клучните концепти на една држава и општество, вели дека „значењето на националниот интерес е прашањето на опстанокот и заштитата на физичкиот, политичкиот и културниот идентитет наспроти загрозата од други држави“.
Оваа мудрост збиена во само неколку збора, можеби може да се искористи за македонски услови, при дефинирањето на нашиот „национален интерес“ што би ги третирал најгорчливите прашања на државата во моментов, а тоа е справување со пандемијата преку вакцинација на населението, обединување во битката кон
сите надворешни притисоци, уцени и оспорувања на нашиот идентитет, јазик, историја итн.

Но нашите политичари и парламентарци не го перципираат националниот интерес како битна категорија во нивното дејствување, а по она што го покажаа изминативе седмици можеме да заклучиме дека се фокусирани најмногу и единствено во битката за фотелји и превласта која партија ќе раководи со земјата.
Пратениците треба да разберат дека се поставени на тие највисоки државни позиции и платени од буџетот на граѓаните за да служат за одбрана на земјата во секоја смисла (политичка, економска, здравствена културна) и да нудат долгорочна стратегија што мора да ги има во себе виталните параметри за напредок на државата.
Можеби оваа нивна практика за биење битки како побрзо да се седне во фотелја како во поговорката „Сјаши Курто да узјаше Мурто“ на сите политички партии без исклучок, и од македонскиот и од албанскиот блок, но и од редовите на помалите заедници, српската, турската и ромската, придонесе граѓаните сѐ послабо да излегуваат на избори и да се намалува довербата во политичарите и институциите.
Парламентарците во овие критични времиња треба пред себе да си ги постават приоритетите на граѓаните и да дејствуваат по нив.

Дали нашите политичари и парламентарци не го перципираат националниот интерес како битна категорија во нивното дејствување, па по она што го покажаа изминативе седмици можеме да заклучиме дека се фокусирани најмногу и единствено во битката
за фотелји и превласт

Состојбите пред кои е исправена државата се надминливи, но тие се пребродуваат со вистински и прави мерки, добро калкулирани потези како на шаховска табла и со јасна стратегиска политика. Тоа засега лека полека им успева на неколку земји во светот и во регионот, кои малку по малку го враќаат животот во нормала на своите граѓани, да личи на времето пред избивањето на опасната пандемија.
Во овие моменти кога државата е исправена пред голем број здравствени, национални и економски предизвици, политичките елити во земјата треба да дејствуваат здружено, организирано и стратегиски, со што ќе ги исполнат критериумите за кои се гласани од граѓаните.
Политичарите сега, слично на спортистите, треба да се борат силно за секоја топка и да не дозволат ниту еден од екипата да згреши, бидејќи ако кој било од тимот погреши, поразот ќе биде болен за сите, за целата држава.
Македонија не смее да си дозволи веќе каков било пораз.

Затоа наместо празни полемики за тоа кој колку пратеници има, или ќе има, во моментов многу попродуктивно ќе биде доколку сите политичари се заложат кој колку вакцини ќе донесе или ќе излобира да дојдат во државата, кој колку конструктивни предлози за инвестиции и реформи ќе понуди, кој колку проактивно ќе се вклучи во ширење на вистината за Македонија на патот на евроинтеграциите и отклонување на уцените и блокадите, и кој колку
ќе се бори и ќе застане во одбрана на националните интереси, македонскиот идентитет, историја, јазик и култура. Тоа е улогата и задачата на политичарите, да работат и дејствуваат во интерес на граѓаните и државата, а не во интерес на партијата и фотелјата.

[email protected]