Политиката е и блеф, некогаш пали некогаш не

255

За политиката уште се вели дека е умешност на можното. Слично како и во шахот. Може да се игра и брзопотезно, да се добие партијата или да се изгуби, понекогаш и само поради еден добар или лош потег или, пак, недостиг од време. За тоа кој какви потези влечел во последната политичка партија шах ќе процени јавноста. Она што сега треба да следува е да не се губи повеќе време на празни полемики и калкулации, а државата и институциите, вклучувајќи ги и власта и опозицијата, да се зафатат со решавање на најгорливите прашања во интерес на граѓаните

Подолг период македонската јавност беше преокупирана од изјави, политички калкулации и најави, кои пристигнуваа од различни адреси на домашните политичари, дека наводно се менува соодносот на силите во парламентот. И власта и опозицијата веќе подолго време најавуваат некакво ново прекројувања на соодносот на силите во Собранието.
Лидерот на опозицијата, Христијан Мицкоски, најавуваше дека се крои ново парламентарно мнозинство, посочувајќи дека станува збор за смена на балансот на моќта, во кој дел од коалициски партнери на СДСМ ќе се преточат на контото на коалицијата што ја предводи опозицијата. На тој начин, според најавите на опозиционерите, најверојатно водени од случувањата со одделувањето на пратениците на либералите и оние на Демократската партија во сопствени пратенички групи, ќе се урне Владата.
Од друга страна, пак, и власта истиот период го користеше во јавноста да најавува своја верзија за можните сценарија. Претставници на власта тврдеа дека од три до шест пратеници од опозицијата ќе им се приклучат на оние на владејачката коалиција, со што дополнително ќе се зголеми мнозинството на владејачката коалиција. На крајот излезе дека ништо од најавите и на едните и на другите не е вистинито. Токму неодамнешното гласање за доверба на Владата ја потврди статус кво ситуацијата во односот на силите во Собранието.

Или што би рекол некој – постигнат е разумен компромис, при што секој си останува на своето. Чуму тогаш толкава врева, блефирања, тактизирања? Кому му оди тоа во прилог и што добиваат граѓаните од сето тоа?
Никоја од најавите, ниту онаа на Мицкоски ниту онаа на Заев, во практика не се реализираа, а балансот на моќта остана комплетно ист и на двете страни од равенката. За потсетување, Собранието неодамна ѝ изгласа доверба на Владата, со 62 гласа „за“. Немаше пратеници што беа „против“ или „воздржани“, а опозицијата не присуствуваше на гласањето. Изгласувањето на довербата се случи откога претходно премиерот усно побара од народните избраници да се изјаснат за доверба на Владата, користејќи го ваквото право, кое му е на располагање во согласност со Уставот и собранискиот деловник. Иако за ваквиот потег на премиерот имаше различни коментари во јавноста, сосема политички легитимно е да се побара да се расчисти политичката магла и да се изведат работите на чистина. Особено во период кога државата е исправена пред мноштво други предизвици.
Во демократските општества очекувано е политичарите и да блефираат и да тактизираат. Всушност, за политиката уште се вели дека е умешност на можното.
Со други зборови, дозволено е сѐ што е во рамките на процедурата и предвидените законски рамки. Колку тоа некому му одговара или не е сосема друго прашање. Како во шахот. Може да се игра и брзопотезно, да се добие партијата или да се изгуби, поради лош потег или недостиг од време.
За тоа кој какви потези влечел во политичката партија шах изминатиот период ќе процени јавноста. Она што сега треба да следува е да не се губи повеќе време на празни полемики и калкулации, а државата и институциите, вклучувајќи ги и власта и опозицијата, да се зафатат со решавање на најгорливите прашања во интерес на граѓаните.

Имено, нашата држава во моментов ги преживува можеби најтешките времиња од нејзината независност досега. Исправени сме пред третиот бран на тешката и исцрпувачка битка со пандемијата. На нашиот здравствен систем очајно му недостигаат големи количества вакцини. Паралелно со здравствените превирања, нашата земја се справува и со лошата економска слика, која е иницирана од здравствената криза и која ја девастира нашата економија. Компаниите секојдневно водат тешка битка да се изборат за опстанок на пазарот, но и да ги задржат бројките на вработените. За да бидат состојбите уште потешки, Македонија се соочува и со серија тешки дипломатски битки иницирани од соседна Бугарија, кои ни го попречуваат членството во Унијата. За да се надминат сите овие пречки, на Македонија ѝ е потребна стратегија што ќе биде еднакво поддржана и од власта и од опозицијата и која ќе ги одбрани нашите националните интереси.

Дополнително темна сенка врз нормалниот живот во земјата фрла и корупцијата. Нашата држава изминатиот период во неколку наврати од неколку сериозни меѓународни организации беше посочена дека има тешка задача да ги разобличи криминалот и корупцијата. Тој процес е почнато да се одвива, а Владата има и своја стратегија за оваа намена, насловена „Акција 21“. Токму затоа, сега повеќе од кога било, политичарите и во власта и во опозицијата треба да започнат професионално и одговорно да се однесуваат.
Да прекинат со подметнувањата и сопките во парламентот и да се фокусираат на решавање на крупните прашања и проблеми за државата.
Владата пред себе треба да има цел да ги исполнува задачите, а опозицијата мудро да го следи секој нејзин чекор и истовремено да придонесат демократски за подобрување на состојбите, со иницирање креативни идеи и предлози.
Ова содејство, или оваа симбиоза на функционирање и на власта и на опозицијата сега ѝ е неопходна на Македонија, во полза на целото општество и институциите и за доброто на сите граѓани.

[email protected]