Покерот со милијардите во ЕУ

288

Во „покерот“ со милијарди во кој ЕУ треба да се одлучи за кои политики да протечат пари има многу нејаснотии. Поради ова често се зборува и за конфликт на линија исток-запад и север-југ во рамките на ЕУ или поделба на богатите од Западот и сиромашните од Истокот. Во едни вакви околности, легитимно е да се постави и прашањето со што се ќе се соочи Македонија на својот пат кон ЕУ

Пари, пари, пари, мора да е смешно во светот на богатите. Пари, пари, пари, мора да е сончево во светот на богатите. Вака, помалку или повеќе, гласат првите стихови од хит-песната „Money, Money, Money“ од 1980-тите, на славната шведска музичка група „АББА“, која, случајно или не, денес на најилустративен начин ги отсликува политиката и однесувањето на земјите-членки внатре во Унијата.
Таму сѐ се врти околу парите. Така било отсекогаш. Какви нови методологии, какви бакрачи.
Во последно време, по недоделувањето датум за почеток на преговори со Македонија и со Албанија, сѐ почесто слушаме и дека јазовите во ЕУ се длабоки. Тие се движат меѓу север и југ, запад и исток. Во суштина се работи за пари и солидарност.
Во „покерот“ со милијарди што треба да се одлучи за кои политики да протечат пари има многу нејаснотии. Со сигурност, фармерите остануваат најголемите приматели на пари, за што деновиве впрочем се залага и францускиот претседател Емануел Макрон, наспроти „искрите“ што доаѓаат од Истокот на Унијата дека ќе има пари на сметката и за идното проширување.

Оттаму, се наметнува прашањето дали големиот број анализи на оваа тема останаа пократки за еден одговор дека всушност секогаш во ЕУ се работело за борбата околу парите и ништо повеќе, а новата методологија на проширување што ние ќе ја чекаме и периодов ни се сервира од Брисел како образложение за „француското вето“ е, всушност, приказна за мали деца. За да станат работите појасни, доволно е само да се фрли поглед и малку подлабоко да се анализираат
односите внатре во Унијата.

Угледниот магазин „Балкан инсајд“, проблемот го согледува уште во предизборната кампања за европските избори, каде што парите играа подредена улога, но новиот парламент уште тогаш беше ставен пред свршен чин дека тој ќе мора брзо да се справи со усвојување на новата буџетска рамка за ЕУ за периодот од 2021 до 2027. Позициите на ЕУ-членките околу влоговите и поделбата на финансиите беа и сѐ уште се премногу различни. Грубо поделено, нето-плаќачите се повеќе на Северот и Западот на ЕУ. Земјите што се економски послаби и кои треба да бидат помагани се повеќе на Истокот и Југот на Унијата. Меѓу главните проблеми што ги мачат источните држави (Чешка, Унгарија, Полска, Словачка, Бугарија, Хрватска и Романија) е незадоволството од начинот на кој напредуваат разговорите досега, но и повеќегодишната финансиска рамка на ЕУ, која ќе го утврди трошењето на „европското ќесе“ во наредните шест-седум години. Поради ова, често се зборува за конфликт на линија север-југ во рамките на ЕУ или поделба на богатите од Западот и сиромашните од Истокот.

Има конфликти што ги опфаќаат северните и јужните држави, како и големи разлики и поделби меѓу земјите-членки. Во реалноста, комплицираното прашање е дали Северот го субвенционира Југот. Празнините во животниот стандард на југот од Унијата остануваат широки. Предвидувањата се дека битката за буџетот, како што се очекуваше, ќе бидe грубa.

Според одредени предвидувања, по напуштањето на Велика Британија на ЕУ, најверојатно во 2021 година ќе се појави дупка од околу 10 милијарди евра, која ќе треба од една страна да се пополни со заштеди, а од другата половина да се дополни со зголемување на влоговите на преостанатите нето-плаќачи, Германија, Франција, Холандија, Италија, Шведска, со што се создава јаз и кај нето-примачите, како Полска, Унгарија или Грција, кои сега одбиваат какви било кратења и истовремено бараат повеќе средства и поголема солидарност од ЕУ.
Во една ваква ситуација, секако, постои и опасност од враќање на национализмот и евроскептицизмот во регионот ако веќе паѓа во вода европската перспектива токму од проблемите околу алчноста за европскиот буџет во ЕУ. Легитимно на оваа слика е да се додаде и постави прашањето каде всушност ита Македонија и со што се ќе се соочи на својот пат кон ЕУ.

Тезите дека повторно ќе прифатиме сѐ што ќе ни побараат само да добиеме датум и притоа без какви било цврсти гаранции може утре повторно да ни се вратат како бумеранг и да се почувствуваме изиграно, поради нечија виша сила или виши интереси. Зашто македонските граѓани, иако се чувствуваат изиграно по француското вето, сепак продолжуваат да веруваат во европските вредности.

Можеби овој период е одлична можност да му покаже и докаже на Париз и Брисел дека местото на Македонија е во ЕУ, додека на домашен терен власта и опозицијата заедно да покажат дека ги делиме оние вистински европски вредности. Во тој правец, додека владее „покерот во ЕУ“ со милијардите и одлучувањата за кои политики во Унијата прво да протечат пари, да се обидеме на домашен терен да ги решиме сите прашања што нѐ мачеа во претходниот период. Зашто само така ќе се избориме и за своето место под европското сонце и за својот дел од колачот.

[email protected]