Поголема контрола на онлајн образованието

182

Образовниот процес во целина мора да продуцира реално, мерливо и објективно знаење кај учениците и студентите. Сѐ што е спротивно од тоа е на нивна штета, но и на штета на државата

Деновиве се одржа регионален натпревар по математика на кој учествуваа околу 2.500 ученици во државата. Разликата годинава беше во тоа што секое дете ги решаваше задачите од дома, онлајн. Дали во решавањето на тестот помагале дедо математичар, сосетка, родител, дали се отворале книги, никој не знае и не може да знае. Во Сојузот на математичарите рекоа дека било невозможно целиот тој процес да се исконтролира, со оглед на огромниот број пријавени. Има сомнежи дека имало и мамење. На фејсбук-групи се бараа одговори на задачите. Дека ќе има мамење, знаеле и очекувале и во Сојузот, но и покрај тоа, тие остануваат на ставот дека не го поништуваат натпреварот и резултатите ќе ги сметаат за веродостојни. Тие одлучиле наместо да се чека да се создадат услови за натпреварување во живо, натпреварот да се одржи онлајн, иако се знаеше дека вака е можно да се случи десетици деца да освојат максимален број поени, незаслужени.

Секоја чест на одговорните деца, но и на родителите, кои ги оставија децата сами да си ги решаваат задачите, во периодот од два часа колку што траеше натпреварот. Но што е со оние што не се придржувале до правилата на ферплејот. Со ваквата неконтрола и дозволувањето секој да се снајде, каква порака им праќаме на децата? На што ги учиме? Дали ги учиме да бидат чесни и со труд и знаење да постигнуваат резултати или, пак, ги учиме на тоа дека треба да се снајдат за да успеат? Дали овој напревар беше вистински натпревар во знаењата на децата по предметот Математика или беше натпревар во снаодливоста на родителите? Дотолку повеќе што изминативе неколку месеци поради коронавирусот и наставниот процес и испитите и оценувањата се одвиваа онлајн. Несомнена е предноста на модерните технологии за онлајн настава и оценување, но како да се зголеми контролата за да се превенираат сите можни пропусти и да се подигне нивото на образовниот процес.

Впечаток е дека проверката на знаењата онлајн не гарантира максимална објективност и можност за контрола. Затоа државата треба да биде подготвена на ова, треба да најде начин како да ја зајакне контролата. Особено со оглед на фактот дека е извесно наставата и тестовите да бидат онлајн и од претстојниот 1 септември, во сите нивоа на образованието, и основно и средно и високо. Прашањето за објективноста на резултатите беше причина и многу развиени европски и светски универзитети да не брзаат со закажувањето испити и оценувањето на учениците и на студентите. Сепак, во многу училишта и факултети полагања имаше, иако светските медиуми пренесоа дека е зголемена академската нечесност во овие услови на полагање.

Кај нас, исто така, имаше испити. Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство, на пример, обезбеди полагање во јунска испитна сесија, но под строг видеонадзор. Студентите во реално време (real time) беа снимани во лицето и во рацете, а професорите можеа да им ги гледаат десктопите и да следат дали во моментот кога одговараат на прашањата, кандидатите се обидуваат да најдат помош во четови со нивни колеги или на некои веб-страници.
Но не секаде во образовниот систем беа спроведени или можеа да се спроведат вакви мерки.

Несомнена е предноста на модерните технологии за онлајн настава и оценување, но како да се зголеми контролата за да се превенираат сите можни пропусти и да се подигне нивото на образовниот процес. Впечаток е дека проверката на знаењата онлајн не гарантира максимална објективност и можност за контрола. Затоа државата треба да биде подготвена на ова, треба да најде начин како да ја зајакне контролата

Контролата на други факултети не беше баш ваква, па прашање е колку обидите да се ѕирне или да се препише биле присутни во текот на полагањето на испитите. На социјалните мрежи беа споделувани и принтскринови од мејлови на професори на некои факултети, во кои се гледа дека ги информираат своите студенти дека ниеден не го положил испитот, затоа што резултатите не биле објективни.
За да може образованието да функционира онлајн, треба добро да се подготви, а наедно е неопходно и да се зајакнат механизмите за контрола на процесот, особено кога се проверуваат знаењата. Бидејќи е извесно дека и следната учебна година учениците и студентите нема да се вратат во училишните клупи за да не се шири корона вирусот, државата треба да најде начин како да се зајакне контролата. Треба да се искористат сите позитивни искуства во таа насока. Образовниот процес во целина мора да продуцира реално, мерливо и објективно знаење кај учениците и студентите. Сѐ што е спротивно од тоа е на нивна штета, но и на штета на државата.

Образовните власти не смеат да дозволат од новата учебна година системот пак да биде неподготвен. Цело лето е пред нас, време во кое можат да разработат стратегија за тоа како ќе треба да се одвива наставата во училиштата и на факултетите. Сериозните образовни системи веќе имаат планови, модели и сценарија за функционирање во вонредна состојба. Нема простор повторно за импровизации и за нефункционални решенија.