Патоказ

469

На македонскиот спорт му се потребни меѓународни успеси, секако. Но за постојаност, секогаш се попотребни и успеси на младите категории, кои се показател за квалитетна работа и се најава за такви резултати на сениорско ниво. Во екипните спортови вакви најави имало често во минатото, а годинава една таква најава се случи во ракометот за жени, каде што репрезентацијата до 17 години се пласира во дивизијата А на Шампионатот на Европската ракометна федерација од дивизијата Б, а Ива Младеновска од Металург, три години помлада од возрасниот лимит за оваа категорија натпревари, беше прогласена за најкорисна ракометарка (МВП) на првенството

Македонските спортисти годинава остварија многу резултати над просечните од годините претходно и одново беа пробиени некои бариери. Така, по години чекање, Македонија доби олимписки медалист, откако Дејан Георгиевски освои сребро во таеквондо. Од екипните спортови, традиционално ракометарите беа на висина на задачата, па без многу бранувања, зачинето со еден одличен резултат со победата над светскиот шампион Данска, се пласираа на ново големо натпреварување (светски и европски првенства), вкупно 11-то во низа, почнувајќи од 2012 година. Одбојкарите настапија на второто по ред континентално првенство, фудбалската репрезентација го достигна својот нов врв, со дебитантскиот настап на Европското првенство, што го дополни и со останувањето во трката за пласман и на Светското првенство, на две кола пред крајот на квалификацискиот циклус за Мундијалот в година во Катар, како ретко кога, кошаркарите, пак, го подобрија ефектот од минатите квалификации за Светското првенство, сега со прескокнување на првата квалификациска пречка итн.
На македонскиот спорт му се потребни меѓународни успеси, секако. Но за постојаност, секогаш се попотребни и успеси на младите категории, кои се показател за квалитетна работа и се најава за такви резултати на сениорско ниво. Во екипните спортови вакви најави имало често. Најсвежиот пример е во фудбалот, со генерацијата што во 2017 година дебитира на младинското Европско првенство во Полска, од која голем дел сега се сениорски репрезентативци. Во ракометот истата година младинците беа шести на Светското првенство во Алжир, од нив повеќемина веќе се значајни членови на А-репрезентацијата, во кошарката, пред онаа ѕвездена 2011 година со четвртото место на сениорското Европско првенство во Литванија имаше една младинска селекција до 16 години што беше четврта во Европа во 1995 година, па шеста во 1999 година, по што членови на тие селекции беа во сениорскиот тим што дебитира на континенталните шампионати, во 1999 година, а и во 2011-та… Годинава, пак, во екипните спортови една таква најава се случи во ракометот за жени, каде што репрезентацијата до 17 години се пласира во дивизијата А на Шампионатот на Европската ракометна федерација од дивизијата Б, а Ива Младеновска од Металург, три години помлада од возрасниот лимит за оваа категорија натпревари, беше прогласена за најкорисна ракометарка (МВП) на првенството. Како дополнување, таа подоцна дебитира и за сениорската репрезентација на Македонија, што е само уште еден показател за квалитетната работа.

Јасно е дека за успех се потребни и повеќе пари. За сите нив вложувањата мора да бидат во базата, оти оттаму тргнува сѐ, а за стабилен успех со години, секако, потребно е и, на пример, постојано усовршување и надградба и на тренерите во сите спортови, уште олеснувања за спонзорите, повеќе бесплатни школи, повеќе спорт и шах во училиштата, но и вложување во технологијата (сѐ поголема е важноста на податоците и нивната правилна обработка во спортската индустрија), но и во иновациите, во сите сфери.
Познато е дека и во спортот ништо не доаѓа прекуноќ, па, така, ништо нема случајно во успесите на спортски план, а само тие, успешните, знаат колку труд е вложен пред да се стигне до врвовите. Важна алка е и форсирањето на талентите, клучно за младински и за сениорски успех во спортот, поединечен и тимски. За ова има безброј примери во секој спорт во Македонија. Со ваквиот постојан пристап, секако и со трпение, кое е неизоставно на патот кон спортските височини, талентите ќе добијат драгоцени минути на терените, клубовите дополнителен мотив за работа на сопствената школа и потенцијална заработка во иднина, македонскиот спорт нови ѕвезди, спортски амбасадори, што се замаец за нов циклус за работата во базата… Талентите мора да бидат чувани како капка вода на дланка, а нивната работа и воопшто нивната приказна, но и приказните на клубовите во кои тие изникнале или во кои се афирмирале, можат да бидат искористени и поддржани, како патоказ. За потоа да пристигне нова млада генерација, која ќе има повисоки цели за достигнување, но која одново ќе ги турка напред сите со својата конкурентност, за достигнување ново ниво…

[email protected]