Падот на една банка и сеќавањата од минатото

616

Здравиот банкарски сектор е столбот на економскиот развој на државата и секакви турбуленции во оваа сфера се директна закана и по економијата, која во следниот период ќе биде на сериозен тест. По пропаѓањето на Еуростандард банка се поставува прашањето каде е сигурноста на граѓаните, но и на бизнис-секторот, кои единствената надеж ја полагаат во институциите на системот и контролните механизми, кои треба да овозможат гаранција и заштита на своите средства и на својот труд. Во никој случај не смее да се дозволи на крајот цехот да го платат недолжните граѓани и штедачи

Како гром од ведро небо одекна во јавноста веста за затворањето на Еуростандард банка, дополнително бранувајќи ги и онака немирните води во кои се наоѓа државата и повторно враќајќи ја загриженоста кај граѓаните за сигурноста на нивните средства.
Во време кога владее светска пандемија на коронавирусот, при што Македонија е меѓу најтешко погодените земји во регионот, новите потреси на финансискиот пазар се дополнителна закана за економијата на државата, која и онака се соочува со неизвесност како да преживее доколку од есен продолжи пандемијата и доколку бидат донесени нови рестриктивни мерки.
Стопанствениците и државата за време на кризата функционираа на различна бранова должина, така што цехот за економскиот колапс ќе го почувствуваме сите порано или подоцна.
Алармот веќе е вклучен и во Европа, која се наоѓа пред нова рецесија, а прва негативниот економски тренд го објави Велика Британија, која првпат по светската економска криза од 2008 година се наоѓа повторно во рецесија.

Да биде загриженоста уште поголема, кај нас сево ова се случува во момент на неизвесни политички преговори за конституирање на новата влада и кадровски решенија во државните институции, што внесува дополнителна доза загриженост кај народот дека нешто чудно се случува.
Таа загриженост не е толку неоснована ако само малку се вратат сеќавањата од крајот на минатиот век, кога прекуноќ пропаднаа штедилниците ТАТ, „Лавци“, „Алфа С“ и некои други, оставајќи илјадници луѓе со изгубени животни заштеди, загубено здравје, па дури и со понекој загубен живот. Секако, најголема афера во самостојна Македонија беше онаа со ТАТ, во која беа оштетени околу 13.000 граѓани за над 120 милиони тогашни германски марки, односно 60 милиони евра.
На почетокот на овој век прекуноќ пропадна и Македонска банка, која своевремено важеше за моќна и стабилна банка, така што ваквиот тренд на пропаѓања како да има континуитет во државата.

Уште посомнителни останаа и многубројните грабежи на банки и мистериозни пожари во кои исчезнаа милионски суми евра, и повторно никој не презеде одговорност.
Да не ги споменуваме и многубројните измами со пропаднати средства на граѓани при продажбата на фиктивни станови во големиот број градежни афери, кога банките продолжија да им ги наплаќаат кредитите на луѓето што ниту видоа стан, ниту видоа пари, а државата во тие моменти наместо да ги штити граѓаните, продолжи да ги штити банките.
И сите тие афери многу години претходно завршија без епилог, со апсење на понекоја Соња, некој брачен пар и уште понекој маргинален лик. Но последиците врз граѓаните и правните субјекти од сите вакви случаи се огромни и немерливи, што само по себе раѓа недоверба во институциите. Дали сега е на повидок и некој нов октопод, со уште поголеми краци?

Е, таа недоверба сега ќе биде сè повеќе изразена, па затоа не треба да се очекува дека пропаѓањето на Еуростандард банка ќе мине безболно и дека брзо ќе се заборави.
Не се штрек само физичките и правните лица, кои имале депозити или друг деловен однос со банката, туку едноставно пропаѓањето на една банка значи немир во душите и на многу други граѓани во државата, кои се загрижени за иднината.
Зашто сево ова што сега се случува може директно или индиректно да се одрази и врз работењето на другите банки. Имено, што ако тој ген на недоверба почне да ги мотивира луѓето да почнат да ги повлекуваат депозитите од другите банки, да почнат да ги менуваат денарите во евра и да ги чуваат дома, ако бизнисмените ги одложат бизнисите за некои посигурни времиња… Што ако, пак, банките дополнително ги зголемат каматите на кредитите, а ги намалат на депозитите, во обид да ја подобрат ликвидноста ги ограничат кредитите за финансирање на разни проекти…

Факт е дека банкарскиот сектор ќе ги преземе сите можни алатки што му се на располагање да ја заштити својата ликвидност, а тоа најдобро ќе се види во периодот што следува кога се очекува нов налет на коронавирусот што би можело да резултира со нови рестриктивни мерки и нов удар врз економијата.
А токму здравиот банкарски сектор е столбот на економскиот развој на државата и секакви турбуленции во оваа сфера се директна закана и по економијата, која во следниот период ќе биде на сериозен тест.

Во едни такви околности се поставува прашањето каде е сигурноста на граѓаните, но и на бизнис-секторот, кои единствената надеж ја полагаат во институциите на системот и контролните механизми, кои треба да овозможат гаранција и заштита на своите средства и својот труд. Во никој случај не смее да се дозволи на крајот цехот да го платат недолжните граѓани, штедачи и други коминтенти во банката.
Народната банка уверува дека престанувањето на работата на Еуростандард банка нема да ја загрози стабилноста на банкарскиот систем бидејќи згаснатата банка учествувала само со 1,3 отсто од активата на банкарскиот систем, но колку и да е тоа така, сепак самиот чин на затворање повторно ја враќа недовербата кон банките, која и онака не беше премногу голема. Останува времето да покаже дали и колку се научени лекциите од минатото.