Основоположниците надвор од кадарот

580

Додека на отворањето на фестивалот се величат успесите на гостите, кои специјално за оваа пригода допатуваа во Битола, никој од организаторите не се сети да им укаже чест и на тие што пред 40 години ја иницираа идејата за одржување на фестивалот „Браќа Манаки“

Една стара мудра мисла вели „најтешко е да си признаен во својата авлија, во својот град, или ако си поп во својата епархија“. Нам како народ како да ни е генетски (пред)одредено секогаш повеќе да ги почитуваме и цениме резултатите на туѓите, отколку на своите. Ова непишано правило во нашето секојдневие, за жал, досега многупати и многу често ни се повторува и потврдува, но изгледа не знаеме да извлечеме поука. Како да навикнавме најмногу да ги цениме туѓите успеси и резултати, а придонесите и успесите на своите, од својата авлија и средина, едноставно да ги игнорираме и да не ги забележуваме.

Тоа што особено иритира и загрижува е што наместо да ја смениме таквата навика, кај нас таквиот начин на размислување и однесување како да ни станат вообичаени, па постојано продолжуваме да ги правиме истите грешки. Последен пример за тоа се претходните, а и годинашното јубилејно, 40-то во низа издание на фестивалот на филмската камера „Браќа Манаки“. Во настојувањето по секоја цена на фестивалот да се донесат (филмски) ѕвезди од странство не се жалат ни труд ни енергија, а ниту пак пари. Директорите на „Браќа Манаки“ таквиот начин на размислување и однесување дури не се обидуваат да го скријат. Напротив, неретко тие доста често се фалат дека по неколку години интензивни разговори и преговори успеале во Битола да донесат некоја позната (филмска) ѕвезда, која иако е на залезот на својата кариера, (ќе) ги подигнала нивото и угледот на фестивалот. Таквата нивна упорност и настојчивост доста често беа фалени и од страна на ѕвездите што се согласиле да дојдат во Битола, во градот за кој некои првпат слушнале.

И веднаш да кажеме никој нема ништо против на еден ваков интернационален филмски фестивал, каков што е „Браќа Манаки“, по црвениот тепих да продефилираат интернационални филмски ѕвезди. Искрено речено, благодарение на тоа што на фестивалот биле присутни некои од нив, овој фестивал се запиша на мапата на светските филмски фестивали. Но тоа не може и не смее да биде оправдување да се забораваат и да се игнорираат тие што со својата иницијатива, ангажман и активност, успеале да се вградат во основањето и опстојувањето на фестивалот. Да се заборават домашните ликови што на самите почетоци, а и потоа целосно се вложиле во издигнување на фестивалот. А кога станува збор за фестивалот „Браќа Манаки“, во континуитет се случува токму тоа.

Традицијата, историјата, корените, културното наследство се нешто што не смее да се заборави или занемари. Особено не во Македонија и не сега, кога и како држава и како народ сме изложени на континуирани притисоци за бришење и промена токму на историските факти и разнебитување на македонското национално ткиво

Хроничарите на овој фестивал добро се сеќаваат кога пред неколку години, за време на одржувањето на „Браќа Манаки“, претходното раководство со полна уста зборуваше како успеало дури по три години упорност и настојчивост да ја донесе во Битола актерката Џулиет Бинош и да ѝ врачи признание. И додека тогашното раководство на фестивалот на големо се фалеше со успехот што ја донесоа во Битола таа толку „позната“ ѕвезда, за битолскиот актер и режисер Јорго Огненовски, кој работи и твори во Холивуд и кој има(ше) снимано дури 4 играни филма и кој има одиграно доста главни и споредни улоги, немаше ни влезница да влезе во салата на Центарот за култура, да го следи фестивалот.

За нашите навики да ги цениме успесите на другите, а не на своите луѓе, се уверивме и деновиве, кога во Битола се одржува јубилејниот 40-ти во низа фестивал „Браќа Манаки “, кој слави 40 години од своето основање. Додека организаторот на фестивалот со полна уста на отворањето се фалеше за тоа колку звучни имиња од странство донел во Битола, едноставно ги заборави не само иницијаторите туку и основачите на овој фестивал, кој во Битола почна да се организира од 23 април 1979 година, како денови на филмската камера „Милтон Манаки“. Додека на отворањето на фестивалот организаторите ги величат успесите на гостите, кои специјално за оваа пригода допатуваа во Битола, никој од организаторите не се сети да им укаже чест и на тие што пред 40 години ја иницираа идејата за одржување на фестивалот „Браќа Манаки“. А тие во Битола не се многу, бидејќи најголемиот број од нив се покојни, и од нив само уште двајца-тројца чекорат по Широк сокак.

Со оглед на тоа што тие се длабоко навлезени во деветтата деценија од животот, овој јубилеј се чини беше последната можност и ним да им се укаже чест и да им се каже благодарност за тоа што пред 40 години ја иницирале идејата да се организира филмски фестивал, за да се зачуваат името и делото на Милтон Манаки. Организаторот на фестивалот немаше да го чини ништо, доколку и тие се качеа на бината и пред филмското платно се поклонеа пред филмската публика и ако кажеа некој збор за тоа како се роди идејата во Битола да се организира овој фестивал на филмската камера, кој по 40 години традиција стана препознатлив во светот. Јубилеите се секогаш повод и добра можност за навраќање кон почетоците и за искажување почит кон заслужните, а особено кон основоположниците, кои први излегле со идејата да прават фестивал. Никој нема против доаѓањето на познати имиња од светот на филмот во Битола. Напротив тие се потребни, бидејќи со своето присуство го подигаат угледот на фестивалот. Но навистина изгледа по малку фрустрирачки чувството што како по правило домашните творци, кои со своите идеи, иницијативи, активности, творби се вградиле себеси во вакви манифестации, секогаш се надвор од кадарот. Едноставно тие најчесто се јавуваат во улога на статисти или неми сведоци на делото што тие го создале.

Иако не сакаше јавно да зборува за тоа, сепак со огромна доза разочараност деновиве ми говореше еден од основачите и идеен творец на фестивалот „Браќа Манаки “, кој токму пред 40 години, на одбележувањето 15 години од смртта на Милтон Манаки, по оддавањето почит на неговиот гроб на Влашките гробишта, ја пласира идејата за организирање на еден ваков фестивал, кој би се одржувал во негова чест. Доколку не беа токму иницијаторите за организирање фестивал на филмската камера сигурно ќе беше заборавен и Милтон Манаки, за кого тие што се сеќаваат на него велат дека додека бил жив бил маргинализиран и непризнаен во Битола.
Токму благодарение на иницијаторите за одржување на фестивалот, денес живеат ликот и делото не само на Милтон Манаки туку и на неговиот брат Јанаки Манаки, а Битола се најде на мапата на светски признаените филмски фестивали. Тоа треба да се цени и да се почитува. Традицијата, историјата, корените, културното наследство се нешто што не смее да се заборави или занемари. Особено не во Македонија и не сега, кога и како држава и како народ сме изложени на континуирани притисоци за бришење и промена токму на историските факти и разнебитување на македонското национално ткиво.