Осмото место на „Евровизија“ – како победа!

901

Колку и да сакаме да гледаме политика во сѐ, на „Евровизија“ речиси секогаш победувале добри, квалитетни песни, со врвна интерпретација, бидејќи тука не гласа една, туку над 40 земји-учеснички. Овој пат, по сѐ изгледа ја најдовме
вистинската формула, а Тамара и нејзиниот тим поставија високи стандарди, кои ќе треба да ги достигнат сите наши наредни учесници

Радоста за освоеното осмо место на Тамара Тодевска на „Евровизија 2019“, кај поголемиот дел од Македонците, дома, па и меѓу оние расеани низ светот, е идентична на онаа како да сме победиле на овој избор. Тоа е најголема потврда дека на народот му се потребни успеси, победи, добри вести… Потврда дека сме дел од светот, оти нѐ почитуваат, дека се зборува за нас во позитивна смисла.

По многуте години сивило, живуркање на маргините и оспорувања и дома и надвор, минутите кога името на нашата земја беше на врвот на табелата за време на гласањето на жирито на „Евровизија 2019“, која штотуку заврши во Тел Авив, Израел, предизвикаа масовно навивање, исто како она што се случуваше кога победуваа нашите национални ракометни и кошаркарски екипи на меѓународни натпревари.
А кога добивме дванаесетки едноподруго, и тоа од држави како на пример од Велика Британија, лулка на поп и рок-музиката, која никогаш досега не нѐ ни забележувала на овој избор, станавме свесни дека она што нашиот тим го постигна навистина сите нѐ направи горди.

Можам, од прва рака, да потврдам дека тоа особено беше очигледно меѓу малобројната македонска екипа во Тел Авив, која од сите страни добиваше честитки и комплименти за изведбите на Тамара, на полуфиналето, а уште повеќе на финалната вечер.

Но не беа сите реакции толку добронамерни. Уште од почетокот на оваа евровизиска приказна пред неколку месеци, веднаш се појавија написи на социјалните мрежи дека не треба да учествуваме на „Евровизија“, оти таму сите нѐ мразат, сѐ е политика и меѓусоседско давање гласови и оти треба да се купат амбулантни возила за тие пари.

Други се лутеа и сѐ уште се лутат зошто воопшто сме дел од овој избор, бидејќи нѐ ословуваат како Северна Македонија, а деновиве на удар е и дијаспората, која „не нѐ удостоила со своите гласови, со кои ќе се качевме повисоко на табелата“. Од спротивната страна, пак, слушнавме дека, ете, Европа сака да нѐ охрабри со овој пласман, да ни прати сигнал дека сме на вистинскиот пат, а освен тоа, настанот да се искористи и за промовирање на нашето ново име во меѓународни рамки. И Би-би-си повеќепати нѐ издвои со свои прилози од „Евровизија“, како и други светски агенции, а некои дури реагираа: „Зошто Северна, зошто додавки, Македонија си е Македонија“.

Сепак, едно е сигурно, овој пат МРТ, како носител на лиценцата за овој избор, се подготвуваше многу професионално и создаде тим од врвни професионалци, кои одлично соработуваа. Иако досега често, откако ќе се објавеше името на нашиот евровизиски претставник, веднаш се бараше грешка кај изведувачот или во мелодијата и текстот, па дури се случуваше да се смени и песната, овој пат го немаше тоа. Добро, и Македонската телевизија овој пат малку повеќе го отвори ќесето, па освен одлична песна и интерпретација, имавме и убав сценски настап, што исто така е многу важно на „Евровизија“. Тоа со ниеден лош коментар не може да се негира, а сѐ уште не стивнуваат коментарите меѓу народот за тоа како навивале и се радувале на секој освоен бод, емоциите ги преплавиле, а паднала и понекоја солза.

Овој пат, поддршката дојде и од опкружувањето, од просторите на некогашна Југославија, па и пошироко, од цела Европа. И тоа од големи ѕвезди. И самиот Бој Џорџ напиша дека тој навива за Северна Македонија. По евровизиското финале, на Јутјуб песната „Proud“ има над милион прегледи, што не се случило досега.

Колку и да сакаме да гледаме политика во сѐ, на „Евровизија“ речиси секогаш победувале добри, квалитетни песни, со врвна интерпретација, бидејќи тука не гласа една туку над 40 земји-учеснички. Овој пат, по сѐ изгледа ја најдовме вистинската формула, а Тамара и нејзиниот тим поставија високи стандарди, кои ќе треба да ги достигнат сите наши наредни учесници.

marija.а@novamakedonija.com.mk