Онлајн-работење, ама и онлајн-квалитет

181

Пандемијата на коронавирусот принуди многу економски субјекти да го преструктурираат своето работење, доколку условите го дозволуваат тоа. Во принцип, онлајн-работењето, како и доставата на прехранбени продукти, е за пофалба како начин на опслужување на граѓаните, но таа не смее да потфрли кога се во прашање квалитетот, свежината и роковите на производите. Како впрочем и за сѐ друго, каде што квалитетот, нели, секогаш треба да биде на прво место

Довербата тешко се стекнува, ама лесно се губи, вели една народна мудрост. И навистина е така, бавно и со чесност, искреност, исполнителност таа доверба се гради ден по ден, а само за еден миг може да ја снема, ако само малку се разниша. Транспарентноста и довербата се многу важни принципи на деловното работење, а особено во онлајн-трговијата. Овој начин на продажба, односно на пазарување од дома сега стана многу популарен. Пандемијата на коронавирусот, всушност, некако го наметна ова онлајн-тргувањето како неопходна потреба на граѓаните за време на полициски час или продолжени викенди да се снабдат со потребните прехранбени производи. Во сето ова одлично се вклопија големите синџири на маркети и продавници, но и некои од помалите, кои брзо се снајдоа во тој деливери-систем. Целта е да нема застој во продажбата, но и да им останат лојални и верни на своите потрошувачи. И навистина вработените во маркетите и прехранбениот сектор во најголем дел достоинствено, професионално и храбро одговорија на предизвикот што го наметна панедмијата на ковид-19.

Стрпливо и неуморно тие останаа на своите работни места, опслужувајќи ги колоните од луѓе што првично како река надоаѓаа во маркетите да се снабдат со сите неопходни производи за најавеното останување дома. Подоцна, со новите мерки, се ограничија масовното влегување и метежите низ маркетите, но и за тоа да се одвива по најдобар ред се грижат токму вработените. Од друга страна, стравот од опасната зараза во екот на оваа пандемија беше причина да се бараат нови начини да се обезбедат прехранбени производи, а притоа да не се излегува од дома, па токму затоа онлајн-набавката на прехранбени производи од ден на ден сѐ повеќе се популаризира. Овој начин им наложи на маркетите и на продавачите малку поинаква организација во работењето. Граѓаните од ден на ден сѐ повеќе ја користеа можноста за онлајн-купување, особено во продолжените денови за викенд, кога им снемуваше некои намирници и требаше нешто да докупат. Исплашени од пандемијата, сѐ повеќе граѓани наместо да одат по пазарите, по електронски пат нарачуваа овошје и зеленчук. Се бараше килограм повеќе лимон, тегла плус мед или, пак, парче ѓумбир или лук.

Зголемената побарувачка на овие ценети производи во екот на пандемијата, а за кои се знае дека се чувари на здравјето и народни лекови, од страна на трговците беше проследена со нагло зголемување на цените. Лимонот најпрво достигна неверојатна цена од 250 денари за килограм, а сега се продава до 150 денари, додека ѓумбирот стигна до 500 денари за килограм. Овој скок на цените граѓаните веднаш го осудија. Остро реагираа и на социјалните мрежи дека трговците не смеат да го користат моментот со пандемијата за да профитираат зголемувајќи ги цените на овие намирници. За тоа колку е оправдано сега да се зголемуваат цени, во ова време на ваква пандемија, кога некои од граѓаните останаа без работа или пак се доведени на работ на својата егзистенција затоа што останале со една минимална плата или без ниедна., секако треба да се позанимаваат надлежните институции. За жал, деновиве се појавија група незадоволни граѓани од онлајн-пазарувањето, кои своите лоши искуства ги споделија на социјалните мрежи. Поплаките се во насока дека преку онлајн-нарачката добиле скапани производи или производи со поминат рок. Други, пак, не го добиле бараното во договорениот рок или им биле донесени само некои од нарачаните производи. Имаше и такви што ја критикуваат онлајн-продажбата.

Онлајн-доставата е за пофалба како начин на снабдувањето на граѓаните, но таа не смее да потфрли кога се во прашање квалитетот, свежината и роковите на производите. Во евентуални такви случаи се губи довербата, кога има еден нечесен однос кон потрошувачите, кога тие се изиграни. Затоа велиме дека чесноста е важен принцип на деловно работење. На овој принцип на пример во некои земји во светот функционираат таканаречени самопослужливи локали. Луѓето што ги посетуваат сами си приготвуваат чај или кафе, си земаат печиво, помфрит или сладолед, ќе погледнат колку чини на ценовникот и ќе остават пари на касата или плаќаат со кредитна картичка. Значи деловниот однос се заснова на чесност и доверба. На тој принцип треба да се засноваат и онлајн-пазарувањето и трговијата. Поради искрениот однос, утре граѓаните повторно ќе купуваат и нарачуваат кај нив. Безбедното пазарување во продавниците стана исто така многу важен елемент во ова време на корона и затоа не смееме да ги заборавиме и да не кажеме дека за пофалба се трговците што навистина се придржуваа до мерките и препораките на Владата и здравствените работници.

Многумина од нив уште на почетокот на пандемијата на влезовите поставија средства за дезинфекција на потрошувачите. За жал, не е секаде така, особено во помалите маалски колонијални продавници и гранапи, каде што ниту има дезинфекциско средство на влезовите, ниту пак вработените носат заштитна опрема, маски и ракавици. Во ваквите помали продавници по населбите мерките што се однесуваат на заштитата на продавачите и заштитата во однос на купувачите воопшто како да не се почитуваат, па дури има продавачи во месарници што без ракавици ги фаќаат и мерат месото и месните производи. Сега, кога се добива впечаток дека пандемијата попушта и се очекува ново олабавување на мерките, треба дополнително да се зголеми внимателноста на сите на мерките на претпазливост.