Од готово вересија

2561

Според „акцискиот план“ на премиерот, имплементиран и во собраниската предлог-одлука за распишување референдум, тој треба да се одржи на 30 септември. Интересно е дека според тој ненапишан, но усно и јавно презентиран „акциски план“ на потписниците на спогодбата, секој резултат од референдумот треба да води кон уставни измени и прифаќање промена на името на државата во Собранието!

Сѐ е подготвено за пресвртот во идната историја на Македонија! Звучи нелогично, контрадикторно и оксиморонски, но контроверзноста на гледиштата што им се презентираат на граѓаните на Р. Македонија по потпишувањето на спогодбата од Мала Преспа, не можат да се вклопуваат во конвенционалните стандарди на политичка практика. Сѐ е подготвено, само се штима моментот што во иднина треба да биде историски.

Всушност, во Собранието сѐ е подготвено за опозицијата да се изјасни дали ќе го поддржи референдумот што Владата и владејачкото мнозинство го имаат испланирано како алиби за потпишаната и двапати изгласана во Собранието, спогодба меѓу Македонија и Грција, со која нашата држава, како „втора страна“ се согласува на своето историско име да ја додаде географската одредница „Северна“ и според тоа да направи низа измени во сегашниот устав. Сето тоа, според толкувањето на потписниците на спогодбата во име на стапување во сојуз со Европската Унија и членство во НАТО. Дури и на подготвената предлог-одлука од претседателот на Собранието, Талат Џафери, за распишување референдум, како референдумско прашање е наведена формулацијата: „Дали сте за членство во ЕУ и НАТО со прифаќање на Договорот меѓу Македонија и Грција?“ Притоа се бара еден одговор, „да“ или „не“, за сите прашања поставени во референдумската прашална реченица. Иако на формулираното прашање на ваков начин, уште додека беше како предлог-варијанта на премиерот Заев, остро се спротивстави опозициската ВМРО-ДПМНЕ, сепак таквата композитна форма, на три прашања во една сложена реченица, се нуди како конечна верзија на референдумското прашање. Аргументите на опозицијата и на стручната правна јавност, дека со поставеното прашање на таков начин се прекршуваат и актуелниот устав и Законот за референдум, очигледно не се земени предвид.

Според „акцискиот план“ на премиерот, имплементиран и во собраниската предлог-одлука за распишување референдум, тој треба да се одржи на 30 септември. Интересно е дека според тој ненапишан, но усно и јавно презентиран „акциски план“ на потписниците на спогодбата, секој резултат од референдумот треба да води кон уставни измени и прифаќање промена на името на државата во Собранието. Односно, и во случај да не биде постигнат уставно и законски предвидениот одзив за референдумот да се смета за успешен, премиерот ќе смета дека граѓаните всушност не се изјасниле (а не дека референдумот е неуспешен, односно дека граѓаните се изјасниле негативно), па со обврската за измените во Уставот, преземена со спогодбата од Мала Преспа, сепак ќе треба да се справуваат пратениците во Собранието.

Целото брзање за спроведување на референдумот, кој неоспорно ќе претставува историска одлука за Македонија (сеедно дали ќе биде правилна или погрешна), само повеќе ја зголемува конфузијата во јавноста и го наметнува впечатокот дека со површни и нецелосно аргументирани ветувања на граѓаните им се наметнува избрзана одлука. Освен што со трисложно предложеното референдумско прашање, според правните експерти, се прекршуваат одредби од актуелниот устав и од Законот за референдум, а истовремено имплицира и други пренебрегнувања на уставните одредби во однос на цензусот, кај најголемиот дел од јавноста, која се обидува да просудува објективно, се јавуваат безброј логички недоумици. Првата недоумица што се наметнува со трисложното референдумско прашање, е колку одговори, всушност, се бараат? На социјалните мрежи веќе се појавија осум можни варијанти за одговор на трикомпозитното референдумско прашање. Секако, тоа се иронични симулации, но ја отсликуваат конфузијата во јавноста во врска со целисходноста на референдумот.

Како дополнителен збунувачки фактор може да исплива прашањето, дали референдумската одлука е условена, или со привремен и реверзибилен карактер – односно ако во скоро време не влеземе во ЕУ и во НАТО, ќе може ли македонската држава да се врати во состојбата пред прифаќањето на спогодбата од Мала Преспа. Имено, со ваквиот референдум граѓаните се ставаат во позиција од конфузна сегашност на земјата, чии државјани се, да одлучат за менување на сопствениот национален идентитет и тоа ретроактивно, со недоволни гаранции и од „првата страна“ (Грција), но и од „третата“ (онаа што дава поддршки – меѓународниот фактор), дека и тие ќе си стојат на зборот. Всушност, ветувањата и на „втората“, а особено на „третата“ страна повеќе звучат како уцени и закани (ако спогодбата не биде референдумски прифатена), отколку како ветувања за добредојде во евроатлантската иднина. Речиси воопшто не се зборува за придобивки со прифаќање на спогодбата, туку главно за последиците ако волјата на граѓаните биде спротивна од посакуваното на креаторите и потписниците на спогодбата од Нивици…

Сета таа политичка атмосфера на туркање по секоја цена на „успешен“ референдумски резултат, само го засилува сомневањето дека Македонија како држава од „готово“ прави „вересија“! Или, со други зборови, самоволно влегува во една сложена операција со крајно неизвесен исход, со ветување дека ќе добие нешто, но може и да изгуби сѐ. Конечно во лавиринтот во кој сме турнати не може да се пренебрегне и ризикот да ја изгубиме државата.