Нов тест за трансатлантското партнерство

241

Однесувањето на Трамп и неговото демонтирање на одамна воспоставените норми на глобалната дипломатија го иницираат прашањето дали НАТО, сојузот што ја зачува глобалната стабилност по најмрачните денови на Студената војна, е следниот основачки блок на актуелниот светски поредок што американскиот претседател сака да го откорне

Трансатлантските односи повторно се соочуваат со голем предизвик, а американскиот претседател Доналд Трамп не го намалува притисокот врз сојузниците од НАТО. Шефот на Белата куќа не попушта со барањата до некои од партнерите од воениот сојуз за зголемување на буџетот за одбраната. Барање што неколкупати го повтори, а сега и со писма до одредени членки, како што се Белгија, Норвешка и Германија, потсетува на нивната „обврска“. Претстојниот самит на Алијансата, кој наредната недела ќе се одржи во Брисел, ќе биде одличен лакмусов тест за тоа како стојат работите од двете страни на Атлантикот.

Истовремено, самитот е прва голема средба по проблематичните разговори на Г7 во Канада минатиот месец. Високи претставници на НАТО, ако може да им се верува на дипломатските извори од Брисел, со право се загрижени дека трансатлантскиот раздор, кој само се продлабочи со најновата трговска војна меѓу ЕУ и САД, американското повлекување од климатскиот договор и иранскиот нуклеарен договор, може сериозно да го поткопа единството на Алијансата. Трамп лани жестоко ги критикуваше своите колеги од НАТО, јавно осудувајќи ги за тоа дека не трошат доволно на одбраната, па дури и тоа дека тие им должат пари на САД. Уште повџашувачка беше неговата изјава од почетокот на мандатот дека САД, најмоќниот сојузник во Алијансата, би можеле да ја „откажат“ заштитата на земјите што не го следат барањето за зголемување на трошењето за одбраната.

Сето ова ги остава пријателите и сојузниците на САД да се прашуваат кој е всушност лидер на демократскиот свет. А, ако се повтори тоа на јулскиот самит во Брисел, тогаш тоа ќе биде рамно на катастрофа, и тоа не само за западниот демократски свет туку за демократскиот свет во глобални рамки, предупредува Расмусен

Како што сѐ повеќе се приближува средбата со Брисел, така Трамп сѐ повеќе сигнализира дека не планира да попушти со притисокот. Споменатите писма до лидерите на Белгија, Германија, Норвешка и најновиот американски „непријател“ – Канада, само го потврдуваат тој факт. Дали сојузниците ќе се уплашат? Ќе попуштат ли под притисокот на „големиот дипломатски силеџија“ од таа страна на Атлантикот?
Првичните реакции на „советодавните писма“ од Трамп засега се доста смирени. Па, така, белгискиот премиер Чарлс Мишел порача дека не е многу заплашен од „таквиот вид пошта“. Норвешка, Германија и Канада ладно одговорија дека ги почитуваат обврските и договореното од самитот во 2014 година, кога сојузниците од НАТО се договорија да запрат со намалувањето на буџетите за одбраната и да почнат повеќе да трошат, бидејќи нивните економии се подобрија, и да се движат кон остварувањето на целта – да одвојат два отсто од БДП за одбраната до 2024 година.
Се огласи и генералниот секретар Столтенберг, според кого станува збор за политичка обврска, а не правна обврска. Еден вид патоказ според кој треба да се водат сојузниците од Алијансата.

„Може да прашате десет адвокати да понудат правна интерпретација на тој документ и тогаш, претпоставувам, ќе добиете десет различни мислења. Тој документ не е правен документ. Тоа е политички документ со политичка обврска“, порача Столтенберг.
Политички или правен документ, и не е толку важно, тој е моќна алатка во рацете на Трамп за заплашување и дисциплинирање на „непослушните“ сојузници од воениот сојуз. Во неодамнешната анализа, угледниот магазин „Тајм“ предупредува дека однесувањето на Трамп и неговото демонтирање на одамна воспоставените норми на глобалната дипломатија го иницираат прашањето дали НАТО, сојузот што ја зачува глобалната стабилност по најмрачните денови на Студената војна, е следниот основачки блок на актуелниот светки поредок што американскиот претседател сака да го откорне.

На големата опасност работите да излезат надвор од контрола во бриселската кујна на Алијансата укажува и претходникот на Столтенберг, односно бившиот генерален секретар Андерс Фог Расмусен.
„Сето ова ги остава пријателите и сојузниците на САД да се прашуваат кој всушност е лидер на демократскиот свет. А ако се повтори тоа на јулскиот самит во Брисел, тогаш тоа ќе биде рамно на катастрофа, и тоа не само за западниот демократски свет, туку за демократскиот свет во глобални рамки“, предупредува Расмусен.