Нов одбојкарски скок

658

Овој скапоцен камен во македонскиот спорт одново сјае, но сега е потребно полека да почне да се надградува во центрите, клубовите, училиштата… Квалитетниот настап и вниманието што го свртеа врз себе македонските репрезентативци на ЕП би требало да станат отскочна штица за нов скок на одбојката. Веројатно од голема помош ќе биде и најавениот проект „Еразмус“, „Играјте одбојка, растете со неа“, а овој динамичен спорт толку драгоцено дополнително внимание ќе привлече и со првиот настап по подолго време на македонски тимови на европската клупска сцена. По дебитантското учество на европските првенства сега веројатно следува потешкиот дел, огромната работа во заднина за да биде искористен исчекорот напред за нов скок во истиот правец по неколку години, а тој би дошол прво со зголемување на базата, од каде што сѐ почнува

Македонската одбојкарска репрезентација со повеќе од одличниот настап на Европското првенство што уште се игра во Словенија, Белгија, Холандија и во Франција го затвори кругот на докажување. Цртањето на тој круг почна пред околу четири години, кога црвено-жолтите првпат го освоија второто место во Европската лига, кога загубија од Словенија, која, пак, само неколку недели подоцна стана европски вицешампион. Но сега е направен и квалитативен исчекор за заокружување на еден успешен циклус, па Македонија дебитира на најголемата одбојкарска сцена за Европа, континенталниот шампионат, а победена, на нејзин терен, беше и Словенија, која синоќа играше во четврт-финалето на Европското првенство.
Таа и победата над Белорусија на годинашното Европско првенство, сепак, не беа доволни за сензација, за пласман на дебитантот во осминафиналето, но еден таков детаљ сега веќе не е ни толку важен за големата одбојкарска слика. Жилав спорт е одбојката во Македонија, а овој крајно динамичен спорт е еден од најуспешните во Македонија.

Пред повеќе од 40 години една генерација, како што би рекол своевремено еден од најдобрите светски одбојкари Владимир Богоевски, сега директор на Македонскиот олимписки комитет (МОК), „израсната на леб, сирење и на домат“, соединета во Вардар освои шампионска титула во 1976 година во првенството на СФР Југославија, а три години подоцна славеше и во Купот на СФРЈ. Во тие години тој и така квалитетен Вардар го освои и четвртото место во Европа на силниот фајналфор-турнир на тогашниот Куп на европските шампиони.

Но квалитетот и предиспозицијата за играње одбојка во Македонија не се отсликаа само со тој трофеен блесок на Вардар. Така, во 80-тите години од минатиот век истовремено три македонски клуба беа прволигаши во тогашното силно првенство на СФР Југославија, и тоа во три сезони едноподруго. Во фудбалот и во кошарката, на пример, Македонија најмногу имала по два прволигашки тима во исто време во првенствата на поранешната држава, не подолго од две сезони во низа.
Во одбојкарската репрезентација на СФРЈ, пак, освојувач на бронзени медали од европските првенства во тоа време (од континенталните шампионати во 1975 и во 1979 година, потоа и шесто место на Летните олимписки игри во 1980 година), имаше повеќе репрезентативци од Македонија, а Богоевски беше и капитен.

Работнички многу години подоцна, во самостојна Македонија, двапати играше на фајналфор-турнирот во Купот топ-тимс, а на патот дотаму полнеше сали со атрактивна игра. Купот топ-тимс тогаш беше второ по квалитет клупско натпреварување во Европа (како што е Лига Европа денес во фудбалот, на пример).
Само овие податоци се доволни да се заклучи дека Македонија има одбојкарски ген и одбојкарска традиција и дека резултатот на континенталното првенство годинава во Љубљана на македонските репрезентативци, кои претходно трипати беа втори во Европската лига, не е дојден од никаде.

Предвидувањата за успешност на еден спорт во една земја се темелат на широчината на базата, односно колку повеќе млади се занимаваат со некој спорт, па толку подобар (повисок) резултат се очекува да постигнат врвните изданоци (поединци или тимови и репрезентации). Но таа база во одбојката во Македонија е мала, па врвот е изненадувачки висок, а сето тоа само покажува колкав е тој одбојкарски потенцијал и дека само може да се претпоставува колкав успех би имала одбојката ако во Македонија има повеќе играчи, повеќе клубови…

По сѐ, најважно е дека овој скапоцен камен во македонскиот спорт одново сјае, но сега е потребно полека да почне да се надградува во центрите, клубовите, училиштата… Квалитетниот настап и вниманието што го свртеа врз себе македонските одбојкари на Европското првенство би требало да станат отскочна штица за нов скок на одбојката. Веројатно од голема помош ќе биде и најавениот проект „Еразмус“, „Играјте одбојка, растете со неа“, во кој, според информациите, треба да бидат вклучени деца на возраст од осум до 12 години, во соработка со клубовите и со наставниците по физичка култура во училиштата, чија цел е промоција и развој на одбојката на базично ниво, за што Европската одбојкарска конфедерација (ЦЕВ) треба да ги обезбеди неопходните реквизити (мрежи, топки и друго), а сето тоа со помош и од Европската Унија. Одбојката толку драгоцено дополнително внимание ќе привлече и со првиот настап по подолго време на македонски тимови на европската клупска сцена, преку Струмица и Вардар.

По дебитантското учество на европските првенства сега веројатно следува потешкиот дел, огромната работа за да биде искористен исчекорот напред за нов скок во истиот правец по неколку години, а тој би дошол прво со зголемување на базата, од каде што сѐ почнува.


[email protected]