Нови спортски предизвици

224

Кога спортот ќе излезе на другата страна на „тунелот“, веројатно ќе биде сосема поинаков отколку пред влегувањето во него. Претседателот на Светската фудбалска федерација (ФИФА), Џани Инфантино, неодамна изјави дека „и нашиот свет и нашиот спорт ќе бидат различни откако ќе се вратиме во нормалноста“, а светската фудбалска легенда Јохан Кројф, пак, своевремено рекол „секоја неповолна ситуација има своја предност“. Сето тоа во ова време на вонредна светска спортска пауза, за време на пандемијата на коронавирусот, може само да поттикне развивање нови форми на работа за дополнително финансирање, нови идеи за комуникација, односи, нови начини на реакција на одреден иден потенцијален поширок проблем, за побрзо адаптирање и за продолжување понатаму во нови услови и ситуации

Со прогласената пандемија на коронавирусот, со што се случи глобалното запирање речиси на сите активности, светот се најде во сосема нова ситуација. И спортот е во истата позиција, нема можност да „оди на работа“, има финансиски проблеми и се најде во крајно несекојдневно секојдневие на целосна изолација. Секако, спортот сега е во втор план, оти во прв план е планетарниот проблем – здравјето на луѓето и борбата против коронавирусот.

Во ова време без тренинзи и без натпревари, спортот е соочен со повеќе предизвици, од кои еден е да игра и своевиден тетрис со спортскиот календар. Тоа е потребно откако годинава се одложени или откажани речиси сите големи спортски настани, почнувајќи од најголемите. Така, за идната година се одложени Летните олимписки и параолимписки игри во Токио, како и две големи континентални фудбалски првенства, тоа во Европа во 12 држави и тоа во Јужна Америка со две земји-домаќини.
Повеќемесечно одложување, во некои случаи и откажување на настанот за годинава, има и во многу други континентални и планетарни шампионати за клубови, поединци или за репрезентации (меѓу нив и традиционалниот меѓународен Илинденски кајак-слалом во Скопје), големи турнири (гранслеми), повеќе гранпри-трки во разни спортови, маратони (меѓу нив и Скопскиот маратон), разни квалификациски дуели (меѓу нив и натпреварот на фудбалската репрезентација на Македонија во плејофот за пласман на Европското првенство)…, главно сите со предзнакот спектакуларни. За некои од овие спортски настани во светот се прекинати и големи спортски традиции, првпат во мирнодопско време (одложувањето на тенискиот гранслем-турнир Вимблдон, на пример).

По сѐ, секое одложено „парче“ спорт наскоро ќе треба да си го најде своето место во периодот што следува, главно за идната година, за кога веќе има закажано низа други редовни настани. Таа сложувалка ќе се состави откако ќе се дознае и кога ќе биде поставено првото делче, штом ќе заврши принудната пауза. Секако, ќе има многу спортови што ќе се совпаднат временски. Тоа, пак, од аголот на ТВ-гледачот, по сегашната целосна „суша“, кога ќе заврши целата оваа ситуација со пандемијата и сите мерки што одат со неа, можеби наскоро ќе се влета во „концентрирани“ спортски настани во разни спортови, гладни за завршување на сезоните на спортскиот терен и, секако, за внимание, пред сѐ поради приходите, од дуелите во живо (ако се создадат услови да се игра со публика) и од истите тие пренесувани преку телевизиите.
Ова запирање на светот повлече финансиски импликации и за спортистите, клубовите и за спортските федерации, а тоа е посебен предизвик.

Некои најавија или, пак, банкротираа, во многу спортски сфери се намалија или нема да се исплаќаат плати во одреден период, главно додека трае пандемијата. Но многумина од спортскиот свет се најдоа на првите линии на солидарноста, хуманоста, со парични и други начини на помош во борбата со коронавирусот и со последиците од запирањето на светот. Поместувања има и во сферата на директната помош на спортот од матичните меѓународни спортски институции, за соодветните клубови и федерации (на пример Светската фудбалска федерација формира посебен фонд, најавен е и т.н. Маршалов план за фудбалот итн.).
Во светот веќе се чувствува економското влијание врз спортот од паузата, откако секнаа неколку извори на финансирање. Но се чини дека и во светски рамки побрз излез од ќор-сокакот веројатно ќе најдат, меѓу другите, тие што ќе имаат повеќе идеи. Паузата, која никој уште не може со сигурност да каже до кога ќе трае и колку и како ќе влијае вкупно, спортскиот свет треба да ја искористи за развивање нови идеи на работење, популаризирање на клубот, брендот, поединецот, на приближување до публиката итн.

Во актуелната ситуација многу работи се префрлени во виртуелниот, електронски свет, на интернет, меѓу другите, на други полиња, со музејски и други е-тури, во туризмот има виртуелни прошетки, а во спортот има префрлање на полето на е-спортот (се одржуваат, меѓу другите настани, виртуелни фудбалски турнири, се возат виртуелни трки во Формула 1, велосипедизам, има настани во коњички спортови…, сето тоа како забава, но истовремено овие или некои други се настани што привлекле стотици илјади гледачи преку интернет, а во некои случаи, според информациите, бројката на гледачи се брои со неколку милиони).

Кога спортот ќе излезе на другата страна на „тунелот“, веројатно ќе биде сосема поинаков отколку пред влегувањето во него. Претседателот на Светската фудбалска федерација (ФИФА), Џани Инфантино, неодамна веќе изјави дека „и нашиот свет и нашиот спорт ќе бидат различни откако ќе се вратиме во нормалноста“, а светската фудбалска легенда Јохан Кројф, пак, своевремено рекол „секоја неповолна ситуација има своја предност“. Сето тоа во ова време на вонредна светска спортска пауза, за време на пандемијата на кроонавирусот, може само да поттикне развивање нови форми на работа за дополнително финансирање, нови идеи за комуникација, односи, нови начини на реакција на одреден иден потенцијален поширок проблем, за побрзо адаптирање и за продолжување понатаму во нови услови и ситуации.

[email protected]