Никако да научиме да се грижиме за бесплатните учебници

413

Проблемот со учебниците е комплексен и нерешлив на краток рок бидејќи во целиот процес се вклучени многу комисии, целата Педагошка служба при МОН, издавачки куќи, печатници… Сепак, тоа не значи дека секоја учебна година треба да почнува со доцнење на комплетите, со ненавремена испорака и со недостиг од учебници по одредени предмети

Искуството и практиката низ годините упорно покажуваат нешто што се повтори и годинава – никој не се оптоварува со учебниците. Дали тие се испечатени квалитетно, дали сопствениците се грижат за нив, дали се почитува и се наплаќа по ценовникот за оштетен или изгубен учебник, дали тие се доставуваат навреме… Ништо од ова не е како што треба да биде. Поминаа десет години откако е почнат проектот за бесплатни учебници, но колективната негрижа покажува дека не ги заслужуваме.

Првпат основците и средношколците добија бесплатни комплети учебници пред десет години, кога тие беа поделени во сите училишта во државата. Тогаш, Министерството за образование првпат ги откупи авторските права и стана сопственик на учебниците. Се носеа правилници за начинот на плаќање на направените штети, за начинот на набавка и дистрибуција во училиштата, се донесе и Закон за учебници во кој се утврдени низа процедури. Во првите седум години за набавка на учебници беа потрошени повеќе од 40 милиони евра. Учениците од прво до трето одделение учат по наставни програми Кембриџ и единствено тие немаат обврска да ги вратат учебниците во училиштето на крајот на учебната година, а другите имаат законска обврска да ги вратат во училиштето.

Распаднатите страници, искинатите корици, измрсените листови хартија, се показател дека децата и родителите не се грижат добро за нив. Уште во почетокот имаше реакции дека учебниците не се изработени квалитетно и дека лесно се кинат, се разделуваат страниците и лесно се оштетуваат. Нови учебници во настава се користат само една година, а веќе на крајот од неа целите се парталави. Речиси ниеден учебник не го преживеа законскиот рок од пет години, во кој беше предвидено тој да се користи во наставата. Сите се испокинаа предвреме. За ова, секако, придонесува и фактот дека децата не се грижат добро за нив, а грижата не е на задоволително ниво бидејќи се „државни“. Свеста кај родителите и кај учениците не е на потребното ниво, па затоа и самите вработени во училиштата велат дека кога тие сами би си ги купувале како до пред повеќе од десет години, тогаш сигурно и грижата за нив би била поголема.

Ако корисниците знаат дека треба да ги продадат учебниците на старо откако ќе ги искористат, логично е во таков случај грижата за нив низ учебната година да биде поголема. Генерално, луѓето немаат однос кон сето она што државата го дава бесплатно на користење. Уште еден таков доказ е и третманот кон компјутерите што беа дел од проектот „Компјутер за секое дете“, кој доживеа фијаско уште во првите години, бидејќи учениците ги крадеа деловите од куќиштата, без да сносат одговорност за тоа.

Распаднатите страници, искинатите корици, измрсените листови хартија се показател дека децата и родителите не се грижат добро за учебниците. Речиси ниеден учебник не го преживеа законскиот рок од пет години, во кој беше предвидено тој да се користи во наставата

Бидејќи сите процедури околу набавката се прават во текот на летото и оваа учебна година се повтори практиката од изминатите години – доцнеше испораката на готови учебници. Не помогна ниту тоа што училиштата, уште во месец мај во тековната година, на одговорните во Министерството за образование и наука, им доставуваат списоци со потребен број учебници за наредната учебна година. Оваа практика на доцнење треба да се промени, бидејќи логично е на почетокот на учебната година учениците веќе пред себе да ги имаат потребните материјали, а не да ги чекаат со недели и месеци откако ќе појдат на училиште. Одговорните имаат доволно време во текот на летото да ги средат овие работи, да печатат и да обезбедат сѐ што е потребно навреме, пред први септември. И недозволиво е во октомври да се чека испорака на дури 22 нови учебници.

Исто така, не смее да се случува во иднина, средношколци од стручните училишта да учат од скрипти, од стари учебници и да се импровизира. Потребно е државата да ги мотивира професорите во училиштата за средно образование, кои би седнале и би напишале учебници за потребите во наставата, бидејќи тие се најстручни за тоа.
Освен тоа, основците учат Информатика од учебник издаден во 2010 година, што е апсурдно, со оглед на тоа дека технологијата се развива брзо, па таа содржина е комплетно неупотреблива. Гимназијалците исто така учат од стари учебници, кои мора да се обноват. Средното стручно образование, пак, е посебен проблем. Таму професорите не се мотивирани да седнат и да напишат учебник по предметите што ги предаваат, затоа што државата многу малку ги плаќа за трудот, а и премногу им доцни со исплатата на парите. Неодамна образовните власти ветија решавање на проблемот, односно дека ќе бараат начини да ги натераат професорите по стручните предмети да пишуваат учебници. Во иднина, како што рекоа, ќе настојуваат да се изработуваат што поквалитетни учебници за да бидат потрајни и за да можат подолго да се користат во наставата. Дали и в година ќе ја има истата слика, останува да видиме.

Проблемот со учебниците е комплексен и нерешлив на краток рок бидејќи во целиот процес се вклучени многу комисии, целата Педагошка служба при МОН, издавачки куќи, печатници… Сепак, тоа не значи дека секоја учебна година треба да почнува со доцнење на комплетите, со ненавремена испорака и со недостиг од учебници по одредени предмети.