Ние, патниците од автобусот на смртта

1119

Иако без конкретно посочени и соодветно санкционирани виновници, што без сомнение е тешка и макотрпна работа, заедничкиот именител на сите претходни трагедии, а по сѐ изгледа и на последнава, без никакви сомневања може да се лоцира во рамките на она што оние што сакаат и сѐ уште имаат храброст да расудуваат и да се изразуваат критички без никакви задршки го нарекуваат системски неред. Другите, а нивниот број воопшто не е за потценување, претпочитаат да ги релативизираат и политизираат нештата, на разни начини да профитираат од нив, па дури и да си тераат сеири на нивна сметка, што покажува дека многумина упорно одбиваат да се соочат со вистината и да извлечат поуки дури и од настаните со толку стравотни последици. Како да живеат во некаков си паралелен систем..

Ако имаше барем малку вистина во сите досега изнесени тврдења за „постигнувањата“ на тие што години или децении формално, повеќе или помалку, или од длабоката заднина, владееја во Македонија, завчера немаше 46 нејзини граѓани да изгорат до непрепознатливост во автобуската несреќа во Бугарија. Возачот можеби ќе ја загубеше контролата над возилото и ќе удреше во банкината, но немаше да дојде до толку негативен биланс. Исто како што немаше толку многу луѓе да починат од коронавирусот, да загинат во пожарот во тетовската болница, во автобуската несреќа кај Ласкарци, при поплавата што пред неколку години се случи во Скопскиот Регион, при потонувањето на бродот со бугарските туристи во водите на Охридско Езеро… Неверојатно неповолни биланси за несреќите од таков карактер и размери.
Иако без конкретно посочени и соодветно санкционирани виновници, што без сомнение е тешка и макотрпна работа, заедничкиот именител на сите претходни трагедии, а по сѐ изгледа и на последнава без никакви сомневања може да се лоцира во рамките на она што оние што сакаат и сѐ уште имаат храброст да расудуваат и да се изразуваат критички без никакви задршки го нарекуваат системски неред. Другите, а нивниот број воопшто не е за потценување, претпочитаат да ги релативизираат и политизираат нештата, на разни начини да профитираат од нив, па дури и да си тераат сеири на нивна сметка, што покажува дека многумина упорно одбиваат да се соочат со вистината и да извлечат поуки дури и од настаните со толку стравотни последици.

Како да живеат во некаков си паралелен систем во кој не постои никаква можност тие и нивните блиски да бидат изложени на ризиците што произлегуваат од општата незаинтересираност, неодговорност, некомпетентност, непрофесионалност, несовесност… И на уште многу други спротивности од она што е потребно за еден систем и неговите потсистеми, какви што во наведените случаи се сообраќајот, здравството, превенирањето на штетите од елементарни непогоди…, да функционираат на општо задоволителен начин и со минимални ризици за сите.
Но тоа е формулата за чие успешно решавање се потребни, пред сѐ, луѓе, не како имиња во комично предимензионираните костуми скроени во партиските и во другите центри на моќ, туку како една димензија исполнета со добро комбинираната содржина на квалитетите неопходни за добро владеење и менаџирање, без колебања и импровизации, а особено, без потреба за постигнување политички и секакви други компромиси на штета на она што малкумина, за жал, се способни да го препознаат како јавен интерес.

Не осуди и долгогодишни затворски казни за тие за кои судовите евентуално ќе утврдат оти се директно одговорни за посочените и за многу други непосочени трагедии, туку многу повеќе критички осврти на она што се прави и што не се прави заради одржување на системот во функција и заради негово подобрување, се потребни за да се запре оваа, веќе и со голо око видлива, тенденција на автодеструкција во сите области и на сите нивоа. Колку порано и порешително ќе се започне со тоа, толку поголеми се шансите…

За уште едно за жал, Македонија е опкружена со држави во кои состојбата воопшто не е, или барем не е значително подобра. Неред и импровизации „владеат“ насекаде во нејзиното поблиско опкружување и затоа можеби и не треба да предизвикува толкав шок тоа што кај овдешните луѓе толку силно е изразена потребата од едно да извлечат две и нештата да ги добијат „муфте“ без притоа ништо или многу малку да вложуваат. А тоа што околностите доведоа дотаму и човечкиот живот воопшто да не се вреднува или многу малку да се вреднува, како до стана попатна појава, која владејачките и управувачките структури ја воочуваат само кога ќе им снема гласачи и работна сила. Во меѓувреме, тие како поединци се само стока за широка потрошувачка на која треба да се тестираат границите на издржливост на колективот, граѓанството, нацијата… кон политиките што вешто и упорно маневрираат помеѓу најпогубната форма на политиката – популизмот што продуцира докажано неодржливи и штетни мерки, потребите на непринципиелните коалиции принудени на секакви меѓупартиски компромиси, цврсто востановената негативна кадровска селекција, упорната недоследност во спроведувањето на законите, селективноста во донесувањето пресуди…
Не осуди и долгогодишни затворски казни за тие за кои судовите евентуално ќе утврдат оти се директно одговорни за посочените и за многу други непосочени трагедии, туку многу повеќе критички осврти на она што се прави и што не се прави заради одржување на системот во функција и заради негово подобрување, се потребни за да се запре оваа, веќе и со голо око видлива, тенденција на автодеструкција во сите области и на сите нивоа. Колку порано и порешително ќе се започне со тоа, толку поголеми се шансите технички неисправниот автобус, натоварен со многу непотребни и опасни нешта и без валидни дозволи и лиценци, во кој, сега, сите заедно се возиме, да се доведе во ред, да се пренасочи на вистинската лента и да продолжи да се движи по безбеден пат со исправна сообраќајна сигнализација и со точни патокази.

[email protected]