Не чепкај го лавот додека спие

1215

Одлуките на Трамп само ќе го дозапалат Блискиот Исток, а може и да ги урнат и онака малите шанси за денуклеаризација на Корејскиот Полуостров. Многумина велат дека мрачните сценарија за нова светска војна се претерани, но факт е дека суперсилите играат опасни игри со нуклеарен материјал и со потенцијал за тотално уништување. Тоа е како некој да го чепка заспаниот лав и да се радува зашто не го изел бидејќи не се разбудил, што не значи дека нема да го стори тоа наредниот пат. Доволна е само една грешка

Таман помисливме дека светот ќе биде посигурен со најавената средба помеѓу Доналд Трамп и Ким Јонг-ун, ете нова нуклеарна криза на Блискиот Исток. Трамп одлучи да ги повлече САД од т.н. иранскиот нуклеарен договор, а критичарите побрзаа да ја обвинат неговата администрација дека „уште еднаш покажала дека е определена да ги уништи глобалните структури и договори и да го доведе во ризик целиот свет“.

Поддржувачите на договорот со Иран од 2015 година посочуваат дека тој е плод на долгогодишни, тешки преговори и дека на крајот бил договорот меѓу седум светски сили и ЕУ и дека едногласно бил поддржан од Советот за безбедност на ОН. Сепак, наспроти сите овие поддржувачи, Трамп реши еднострано да се повлече и да воведе најстроги економски санкции против Иран и против сите држави што „индиректно ќе им помогнат на Иранците во нивната намера да создадат нуклеарно оружје“, додека преостанатите сили нагласија дека имаат намера да продолжат да го поддржуваат договорот и да го остават во живот. Со таквиот потег на Вашингтон на удар се најдоа и европските компании што, како што велат самите, легитимно соработувале со Иранците, а сега ќе бидат казнети зашто ги почитувале одредбите од нуклеарниот договор, а тоа ќе го стори земјата што еднострано решила да не ги почитува своите меѓународни обврски.

Американците ги отфрлаат сите критики дека ги газат меѓународните структури и договори или дека го уништуваат својот глобален углед. Тие сметаат дека Иранците го измамиле светот и дека затоа е нивна задача да им воведат најстроги санкции за да не стигнат до атомска бомба. Некои аналитичари сметаат дека санкциите што овојпат ќе ги воведе Вашингтон против Техеран нема да бидат толку успешни како оние што беа договорени во Советот за безбедност на ОН во времето кога ирански претседател беше Махмуд Ахмединеџад. Овојпат нема слога во Советот за безбедност на ОН, па Американците веројатно нема ни да му се обратат на тоа тело. Во меѓувреме Иран ќе продолжи да ги развива трговските односи со клучните партнери како Кина и Индија, а Европејците ќе се бунат на санкциите, нагласувајќи дека токму нивните фирми индиректно ќе бидат погодени со нив.

Трамп засега вели дека сака да најде договор со Европејците, но не отстапува од ставот дека санкции ќе има за сите. Тој многу брзо би можел да ги обвини Европејците за неспособност да издејствуваат промени во договорот, иако тој во повеќе наврати се закануваше дека ќе истапи од него ако не се реформира. Американскиот став е дека Европејците само си ги гледаат економските интереси бидејќи многу инвестираа во Иран по потпишувањето на договорот (на пример, Французите ги донесоа „Ербас“, „Рено“ и многу други големи компании). Европејците сега се на два стола.

Од една страна не сакаат да ги загорчат евроатлантските односи, а од друга страна сакаат да ги заштитат економските интереси. Техеран нема веднаш да истапи од договорот, но почна да дава рокови, порачувајќи им на Европејците дека имаат до 60 дена да дадат гаранции дека ќе бидат заштитени интересите на Иран по повлекувањето на САД.
Одлуката на Трамп да се повлече од иранскиот договор доаѓа во особено чувствителен момент на нуклеарна (не)сигурност на светот. Додека едни го обвинуваат дека непотребно создава нова нуклеарна криза со Иран, други сметаат дека дури треба да биде награден со „нобел“ за мир зашто успеал да го убеди севернокорејскиот лидер Ким Јонг-ун да седне на преговарачка маса. Се разбира, таму работата е далеку од решена. Колку и да се зборува за историски средби (прво меѓу севернокорејскиот и јужнокорејскиот лидер, а потоа на 12 јуни меѓу Ким и Трамп), ваквите настани може да се сведат само на надуени очекувања без преголеми поместувања.

Не треба да се заборави дека само пред неколку месеци Ким и Трамп си ги мереа копчињата за нуклеарно уништување, упатувајќи си навреди како мали деца. Америка сепак реши да ги остави воинствените закани настрана и да ги смени со дипломатија, иако многумина се сомневаа во таков исход откако старите јастреби Џон Болтон и Мајк Помпео добија врвни позиции во администрацијата на Трамп. Двајцата со многу поголема леснотија зборуваат за „промена на режими“ отколку за меѓународни договори и во случајот со Северна Кореја, а и во случајот со Иран. Истите скептици и понатаму сметаат дека со противречната реторика за Северна Кореја и за Иран Трамп и неговите помошници си оставаат простор за пропаѓање на дипломатијата и за можни идни воени опции, кои би можеле да имаат катастрофални регионални и глобални последици.

Ако ништо друго, Трамп со одлуката за Иран задоволи два свои големи сојузници на Блискиот Исток, Саудиска Арабија и Израел, кои и први ги посети како претседател на САД. Саудијците се задоволни од зголемената поддршка, а истото важи и за Израелците, кои во изминатиот период сторија сѐ за да го дискредитираат иранскиот нуклеарен договор. Трамп сега успеа само да долее масло на огнот на и онака веќе запалениот Блиски Исток, префрлајќи ја американската амбасада од Тел Авив во Ерусалим, и тоа токму на денот кога Израелците слават 70 години од создавањето на израелската држава, додека Палестинците еден ден подоцна одбележуваат „катастрофа“ од егзодусот на 700.000 нивни сонародници во војната во 1948 година. Префрлањето на амбасадата веќе предизвика најголеми насилства и жртви во изминативе години, а Ал каеда веќе повика на џихад против САД.

Одлуките на Трамп сигурно ќе го дозапалат Блискиот Исток, а може и да ги урнат и онака малите шанси за некаква денуклеаризација на Корејскиот Полуостров, а со тоа и намалувањето на ризиците од нуклеарна војна. Некои веќе предвидуваат најцрни сценарија по индиректните судири меѓу Израел и Иран во Сирија, па дури најавуваат и војна меѓу Иран и САД или американски напади врз Северна Кореја ако пропадне историската средба меѓу Ким и Трамп. Многумина ќе речат дека ваквите мрачни сценарија се претерани исто како што се предупредуваше за директен судир меѓу САД и Русија и за трета светска војна по одлуката на Трамп да ја ракетира Сирија. Можеби ниту овојпат нема да има глобална катастрофа, но факт е дека суперсилите и нивните лидери си играат опасни игри со нуклеарен материјал и со потенцијал за тотално уништување. Тоа е како некој да го чепка заспаниот лав и да се радува што не го изел зашто не се разбудил, што не значи дека нема да го стори тоа наредниот пат. Доволна е само една грешка.
Деновиве познатиот филозоф Славој Жижек имаше интересна колумна во која анализираше дали Трамп треба да добие Нобелова награда за мир зашто успеал да го натера Ким да седне на преговори. Освен што е категорично против таквата идеја, Жижек смета дека одликувањето треба да им се доделува ретроактивно на анонимните херои што нѐ спасиле од тотално уништување, а светот дури по долг период дознал за нивните исклучителни подвизи. Во светската историја одвреме-навреме се јавувал понекој јунак што успевал да го одржи мирот и да спречи катаклизма. Којзнае дали и овојпат ќе се најде некој анонимец што ќе го спаси светот од опасните игри на светските лидери? Ако успееме живи да се извлечеме од нивните игри, имињата на „обичните“ нобеловци можеби еден ден ќе ги дознаат нашите поколенија.