Не умри магаре до зелена трева

1681

„Самиот концепт на објективна вистина исчезнува од светот. Лагите ќе поминат во историја… Најефикасен начин да се уништи еден народ е да се избрише неговото сопствено сфаќање на неговата историја…“ Овие реплики од делата на Џорџ Орвел, според оние што со недоверба го прифатија Преспанскиот договор, како на еден сублимиран начин да ја конципираат иднината на Република Северна Македонија

На сите оние запишани во избирачкиот список на Република Македонија за кои се претпоставува дека се полнолетни, а во текот на образованието не ја научиле, или во меѓувреме ја заборавиле песната на Константин Миладинов „Т’га за југ“, веројатно нема да им биде необично референдумското прашање за прифаќање на Преспанскиот договор, со кое би требало да се изјаснат за прифаќање на името од договорот од Нивици – Република Северна Македонија. Од друга страна, пак, за оние што на Градскиот стадион во Скопје како дел од навивачкиот ритуал било скандирањето „јави се, јужна“, би можеле да бидат погрешно сфатени како политички некоректни провокатори, според некој од членовите на конечната спогодба за надминување на разликите опишани во резолуциите 817 и 845 на Советот на безбедност на ОН…

Реалноста во Македонија е дека нејзините граѓани се конфузни и под висока емотивна тензија, уште од денот кога премиерот Зоран Заев јавно објави дека е постигнат договор со Грција за 27-годишниот наметнат спор за името на нашата земја. Додека за едни кратката верзија од пакет-решението: Република Северна Македонија, македонски јазик и државјанство – македонско/граѓани на Република Северна Македонија, беше знак дека е широко отворена прегратката на евроатлантските интеграции, другиот дел од граѓанството е сигурен дека со секој член на спогодбата целосно се разнебитуваат македонскиот идентитет, државност, суверенитет и хируршки прецизно со инвиво-дисекција е направен зафат за ампутирање од сопствената историја и културно наследство. Кога би се работело за некаков конвенционален проблем или некој од материјална природа, логично би било да се помисли дека вистината и правдата се некаде во средината и дека компромисот би можел да биде излезно решение. Но овде е далеку од тоа.

Грчко-македонскиот спор не е од таква природа, туку е од онтолошки, суштествен карактер, каде што булдожер-дипломатијата и примената на омилената метафора на современото политичко функционирање „морковот и стапот“ не доведуваат до вин-вин ситуација, во која сите се чувствуваат како победници. Таквиот карактер на наметнат спор може да доведе до вин-луз ситуација. Башка што правдината и меѓународното право беа најбезобѕирно ставени еднострано во функција на „првата страна“.
Навистина, во неделата, на 17 јуни, во Преспа (и во грчка и во македонска) беше одржан перформанс на историско потпишување историска спогодба, на која сите учесници во претставата (македонски, грчки, меѓународни) како да настапуваа за „оскар“ (можеби и за номинација за Нобелова награда?!), но успеаја само да остават впечаток на професионални актери што едвај чекаат да ги кажат извежбаните реплики и да заминат на друга сцена… Можеби токму поради тој професионален прагматизам и искуството на неприменета, а досудена правда од страна на европските бирократи, се создава чувство кај голем дел од Македонците дека и сегашните условени ветувања за евроатлантска перспектива на земјава со прифаќање на Преспанскиот договор се само уште еден чин од орвеловско сценарио, до конечно разнебитување на македонизмот. Прифаќањето на македонската страна со Преспанската спогодба да се ревидира и предефинира секоја употреба на поимите „Македонија“ и „македонски“ во секојдневната употреба на македонскиот јазик, што на грчките соседи им „мириса“ на иредентизам, предизвикува чувство дека македонското општество небаре прифатило да се саморазгради според фикциите во дистопиите на Џорџ Орвел.

„Самиот концепт на објективна вистина исчезнува од светот. Лагите ќе поминат во историја… Најефикасен начин да се уништи еден народ е да се избрише неговото сопствено сфаќање на неговата историја…“. Овие реплики од делата на Џорџ Орвел, според оние што со недоверба го прифатија Преспанскиот договор, како на еден сублимиран начин да ја конципираат иднината на Република Северна Македонија.
Навистина, тоа е сосема различна визија од онаа на поддржувачите на спогодбата, според кои, по секое чудо за три дена, ќе се навикнеме на новиот идентитет, но затоа наводно ќе нѐ прифатат како Европејци (најбрзо за 15 години), а поговорката до Солуна сто сомуна, не мора ни да ја употребуваме ако не можеме да ја приспособиме римата во преспански коректното „до Тесалоники сто сомуна“…

Кога би се работело за некаков конвенционален проблем или некој од материјална природа, логично би било да се помисли дека вистината и правдата се некаде во средината и дека компромисот би можел да биде излезно решение.
Но овде е далеку од тоа.

Имено, во моментов никој не може да претпостави (дури ни потписниците на договорот) до какви апсурди во македонското општество, и на внатрешен и на надворешен план, ќе доведе доследната примена на Преспанскиот договор. Логично се наметнува дека излезот е во опцијата договорот да пропадне, откако Македонија ќе добие датум за почеток на преговорите со ЕУ и покана за членство во НАТО. Но од досегашното искуство во преговорите се покажа дека логиката и принципите на меѓународното право се пренебрегнуваат од меѓународната заедница кога се работи за македонско-грчкиот спор. Дури и со потпишувањето на самиот Преспански договор е прекршен членот 119 од Уставот на Република Македонија, според кој министерот за надворешни работи Никола Димитров едноставно нема мандат да се јави како потписник на таков меѓународен договор, кој засега во идентитетски прашања. Првите осум члена од спогодбата во целост го прекршуваат македонскиот Устав, па и меѓународното право, а ѝ дозволуваат на соседната земја да влијае врз внатрешното уставно уредување и правото на самоопределување на македонскиот народ. Некои правни експерти излезот од апсурдите на Преспанскиот договор го гледаат во доследна примена на македонските законски решенија, односно од придржување до законитоста во собраниските процедури при усвојувањето и ратификацијата на законот за Преспанскиот договор, до внимателност во постапката за референдум.

Прагматичарите апелираат дека сега во Македонија не е време за препуштање на емоциите, туку момент да се зграбат шансите што се нудат. Секако, јасно е дека Европа не им верува на солзите (македонски), но тоа не значи дека во името на северномакедонските перспективи не смееме да си го зачуваме идентитетското право барем на т’га за југ.