Не е тајна дека сите сме во јавна соба

322

Сепак, за нивото на развојот на општеството, во случајот, за неговата дегенерација, најмногу зборува состојбата во правосудството. А тука веќе ниту еден закон не може да помогне, ниту една реформа не може да го врати правосудството барем на нивото на кое се наоѓаше пред дваесетина години. Колку и да е смешна или несериозна сликата што судиите, обвинителите и адвокатите деновиве ја испраќаат од судниците, состојбата не е нималку наивна. Напротив, таа ја покажува сета сериозност на настанатите и на сосема извесните последици во сите сегменти на државата и општеството, пред сѐ во обемот и длабочината на криминалот и корупцијата, кои станаа речиси легални средства за постигнување на целта на сите нивоа, а чии материјални и секакви други штети најмногу ги погодуваат граѓаните, трошејќи ја така основната социјално-економска супстанција неопходна за функционирање и за опстанок на општеството и на државата

Веројатно ќе биде потребна поголема временска дистанца за да се разбере и да се дефинира ова што веќе извесен период се случува во државата, да се именува таканаречената политичка реалност, во која, во моментов, ниту се наѕира некаква сериозност, ниту може да се пронајде никаква смисла. За веродостојност и принципиелност одамна веќе никој не ни зборува. Партикуларни интереси, како густа токсична течност, ги затнаа сите пори на општеството, парализирајќи ги неговите функции, освен, се разбира, во ситуации кога „некому треба да му се заврши работа“. Објективноста и критичноста исчезнаа. Самокритичноста веќе одамна е и заборавена.

Како инаку да се објасни ситуацијата во која деновиве редица осомничени и обвинети за разни злоупотреби дебатираат за новиот закон за јавното обвинителство, во која доскорашната највисоко рангирана специјална обвинителка во судницата се однесува како уличарка, актуелна судијка признава дека сопствената патна исправа му ја давала на користење на друго лице, техничките и дополнителните министри си разменуваат тужби, пратениците со транспаренти влегуваат во парламентот, министерствата преку соопштенија влегуваат во дневнополитички пресметки со опозицијата, владините функционери и службеници не ги почитуваат сопствените препораки и мерки, работодавците се закануваат со штрајк, синдикатите бараат, внимавајте сега, саботата да биде неработен ден, невладините организации ги бранат промашените владини политики, а и пријателите не се веќе пријатели… Како да се оправдаат платите и привилегиите на наброените ликови на државните и јавни функции додека целиот систем се распаѓа.

Поразителен е фактот што главните чинители во општеството упорно одбегнуваат да покажат искрена намера и да преземат вистински чекори во насока на здрава реконструкција, пред сѐ на правосудниот, а потоа и на сите други носечки столбови во системот, врз основа на принципите, на кои толку самоуверено се повикуваат во своите јавни настапи и кои уште посамоуверено ги кршат, сега веќе дури и пред очите на јавноста, зашто, нели, се свесни колку на Јустиција ѝ се тресат рацете и колку лесно може да ѝ се тргне превезот од очите. А и фустанот ѝ е стуткан. Изгледа како искубана кокошка. Дури Јустиција, по некое чудо, и да се излекува од сите видови зависности и порочности, тешко дека ќе ги врати загубеното достоинство и доверба

Сепак, за нивото на развој на општеството, во случајот, за неговата дегенерација, најмногу зборува состојбата во правосудството. А тука веќе ниту еден закон не може да помогне, ниту една реформа не може да го врати правосудството барем на нивото на кое се наоѓаше пред дваесетина години. Колку и да е смешна или несериозна сликата што судиите, обвинителите и адвокатите деновиве ја испраќаат од судниците, состојбата не е нималку наивна. Напротив, таа ја покажува сета сериозност на настанатите и на сосема извесните последици во сите сегменти на државата и општеството, пред сѐ во обемот и длабочината на криминалот и корупцијата, кои станаа речиси легални средства за постигнување на целта на сите нивоа, а чии материјални и секакви други штети најмногу ги погодуваат граѓаните, трошејќи ја така основната социјално-економска супстанција неопходна за функционирање и за опстанок на општеството и на државата.

Поразителен е фактот што главните чинители во општеството упорно одбегнуваат да покажат искрена намера и да преземат вистински чекори во насока на здрава реконструкција, пред сѐ на правосудниот, а потоа и на сите други носечки столбови во системот, врз основа на принципите, на кои толку самоуверено се повикуваат во своите јавни настапи и кои уште посамоуверено ги кршат, сега веќе дури и пред очите на јавноста, зашто, нели, се свесни колку на Јустиција ѝ се тресат рацете и колку лесно може да ѝ се тргне превезот од очите. А и фустанот ѝ е стуткан. Изгледа како искубана кокошка. Дури Јустиција, по некое чудо, и да се излекува од сите видови зависности и порочности, тешко дека ќе ги врати загубеното достоинство и доверба. А кога едно општество ќе се најде во ситуација неговите граѓани да немаат доверба во правосудниот систем, тогаш во секој момент може да се случи самите да го преземат спроведувањето на правдата во свои раце – што, всушност, значи произволност и анархија.

Со надеж дека тоа, сепак, нема да се случи и во исчекување на денот кога целиот овој неред ќе биде научно дефиниран или барем ќе добие некаква квалификација, можеби можеме да го именуваме како една голема јавна соба. Што е малку порнографија во однос на ова што нѐ опкружува?!

[email protected]