Непотизмот како стил на живеење и владеење

280

Притисокот на партиското членство и незадоволството, кое зовриваше од ден на ден во партијата, беа посилни од намерите на новата социјалдемократска власт за спроведување реформи во и така прекубројната јавна администрација. Наместо редукција, професионализација и департизација, во државните институции и фирми беше спроведена нова акција за вработување партиски кадри, во најголем број блиски роднини на лица од високите партиски ешалони

Непотизмот, покрај партизацијата, корупцијата и нефункционалноста на судскиот систем, стана препознатлив белег за сите балкански земји. Во Босна и Херцеговина оваа појава некои аналитичари ја именуваа и како феудализација на државата и општеството, токму поради постоењето на кланови што се фамилијарно поврзани. Овој начин на практикување на власта во Црна Гора се идентификува со поимот „ѓуканизација“. Слична е состојбата и во Србија, Македонија, па и во Хрватска, која е во рамките на Европската Унија. Кумско-роднинските врски се толку испреплетени низ различните области што отворено може да се говори за постоење на приватна држава и целосно отсуство на правна држава. Судството во овие земји, кое исто така не остана имуно на партизацијата и непотизмот, не може да биде професионално и независно, со што се влегува во еден маѓепсан круг, во кој се губи и еднаквоста на сите граѓани пред законите и правдата. Крајниот резултат е нефункционален државен апарат и целосно губење на довербата на граѓаните.

Зошто е толку изразен притисокот за вработување и именување блиски роднини на високи позиции во јавните и државните претпријатија? Затоа што економската состојба во ниедна балканска земји не е сјајна. Поранешните големи индустриски капацитети се уништени, а населението е осиромашено, а сите деловни процеси во најголем дел се врзани за државните институции и претпријатија. Платите во нив се повисоки и редовни, за разлика од приватниот сектор, во кој вработените мора да одработуваат за скромни дневници. Непишано правило што се применува во сите влади е роднините на високите партиски функционери да се вработуваат во најдобро платените државни институции, а тоа се од областа на енергетиката, финансиите или авиосообраќајот. Колку партискиот член е понизок во хиерархијата, толку се помали шансите за нивните блиски роднини да добијат подобро платено работно место.

Неоспорен факт е дека граѓаните на Балканот се навикнаа на непотизмот, кој е и главен предуслов за опстојување на корупцијата. Непотизмот стана дел од нивното опстојување и култура. Голем број граѓани зачленувањето во партиите го гледаат како единствена можност да се најде сигурна и пристојна работа. Вработувањето свои блиски роднини и пријатели станува толку вообичаена појава кај нас, што високите државни функционери не се ни обидуваат да се „правдаат“ за вработувањето на своите синови, ќерки, снаи и зетовци, мајки и татковци и баџанаци, золви или јатрви… За нив е доволно да кажат дека „не може да им се оспори правото на работа затоа што нивните роднини се високи државни функционери“! Дополнителен аргумент за нив е тоа што „сѐ е според законот“.

И новите мерки на власта против непотизмот за многумина граѓани претставуваат само обид за залажување на јавноста, а формирањето „независни“ комисии е само една меѓуфаза до конечниот партиски избор на лица на раководни позиции

По обелоденувањето на повеќе примери за вработување блиски роднини на министри, пратеници и партиски функционери на СДСМ и ДУИ, владата на Зоран Заев беше изложена на остри критики од јавноста, што сериозно се одрази и на довербата на граѓаните. Партиско-непотистичкото назначување функционери и вработување во државни институции брзо стана модел на дејствување на актуелната влада, иако претходно ја напаѓаа претходната влада на ВМРО-ДПМНЕ, која ја споредуваа со владеењето на „фамилијата“. По победата на СДСМ, притисокот на партиското членство и незадоволството зовриваа од ден на ден во партијата, поради предолгото чекање во бироата за вработување или „тезгарења“ за мали дневници во приватните фирми. Дојде времето да се капитализира партискиот стаж преку добивање државна работа, така што ослабуваа намерите на новата социјалдемократска власт за спроведување реформи во и така прекубројната јавна администрација. Наместо редукција, професионализација и департизација, во државните институции и фирми беше спроведена нова акција за вработување партиски кадри, во најголем број блиски роднини на лица од високите партиски ешалони.

Премиерот Заев и неговата партија, соочени со падот на рејтингот, по првичното неснаоѓање од критиките за вработување цели фамилии, се обидоа да возвратат на нападите. Тоа го направија неуверливо, дека, ете, и претходната власт не била имуна на непотизмот, за потоа да промовираат нов модел на избор на носители на јавни функции. Под изговор дека тоа се прави транспарентно, македонската јавност беше сведок на долгите и бесцелни испрашувања на кандидатите за новите членови на антикорупциската комисија. Нивниот избор заврши како што заврши, но повторно не изостанаа критиките за постоење на непотизам при именувањето на новите антикорупционери. Сега, истата антикорупциска, која несомнено е избрана според партиски клуч, но транспарентно, треба да ги истражува вработувањата на четириесетина роднини на партиски функционери од актуелната власт, од стоилјадната администрација во Македонија!

Од Министерството за јавна администрација излегоа и со нов текст на закон за висока раководна служба, со кој се предлага формирање комисија чии членови ќе бидат селектирани од парламентарна комисија!? Оваа комисија би требало да спроведе „транспарентен и непартиски избор“ на околу 250 директори и секретари во јавните претпријатија и институции, врз основа на одредени критериуми. Колку овој антинепотистички модел ќе се покаже за успешен не знаат ни самите експерти што учествувале во изработката на законскиот текст за висока раководна служба!?

Партизацијата, непотизмот и корупцијата станаа стил на живеење и на владеење на овие простори. Тие тешко можат да се искоренат поради менталитетот на партиските структури и на граѓаните, кои наместо да се спротивстават на овие појави, тие ги прифаќаат како единствен начин на својот опстанок. Досега сите обиди и најавени борби за искоренување на непотизмот завршувале со празни зборови. И новите мерки на власта за многумина граѓани претставуваат само обид за залажување на јавноста, а формирањето „независни“ комисии е само една меѓуфаза до конечниот партиски избор на лица на раководни позиции.