Неискрена рака за помош

631

Овие сегашни најави за враќање на масата за преговори многумина ги оценија како последна лебедова песна на српските архијереи, која е израз на немоќ да го спречат процесот што веќе го почнала Вселенската патријаршија. А токму таа е вистинската и единствена адреса каде што може да се реши македонското црковно прашање

Велат дека давеникот се фаќа за сламка. Така некако може во една реченица да се протолкува ставот на српските владици изнесен пред неколку дена дека сакаат да го обноват дијалогот со Македонската православна црква-Охридска архиепископија. Со години во минатото одбиваа да седнат и да разговараат со македонските архијереи, поставуваа разни услови, а сега наеднаш без никакви условувања велат: „Ајде, браќа, да се договориме како понатаму“. Просто човек да се подзамисли што ли се случува кај Српската православна црква да настапи со ваква љубезност, без да го бара некој тоа од неа. Уште повеќе, пак, симптоматично е што ваквата одлука на СПЦ доаѓа во ист период кога и Вселенската патријаршија го стави македонското црковно прашање на дневен ред за разгледување и решавање.
Одлуките што на последниот Собор ги донесе СПЦ, а се однесуваат на можно возобновување на разговорите со МПЦ, покажуваат дека Српската црква е сериозно загрижена за можноста Вселенската патријаршија да одлучи да ја признае автокефалноста на МПЦ. Тоа за СПЦ би значело конечно губење на своето црковно влијание овде, а за МПЦ затворање на деценискиот црковен спор. Овие сегашни најави за враќање на масата за преговори многумина ги оценија како последна лебедова песна на српските архијереи, која е израз на немоќ да го спречат процесот што веќе го почнала Вселенската патријаршија. А токму таа е вистинската и единствена адреса каде што може да се реши македонското црковно прашање.

Треба да се знае дека како и да се одвива процесот за решавање на статусот на МПЦ, дали преку разговори со СПЦ, или со која било црква, на крајот, пак, Вселенската патријаршија е таа што ќе ја носи конечната одлука. Но не е исто како ќе се дојде до Вселенската патријаршија.

Од тие причини за МПЦ сега е многу важно да биде рамноправен партнер во тој процес, а не споредна страна. Со самото поднесување на барањето за апелација пред Вселенската патријаршија, МПЦ направи чекор пред СПЦ и сега е во поволна позиција таа да разговара со Вселенската патријаршија директно, а не Вселенската патријаршија да биде посредник во разговори меѓу МПЦ и СПЦ. Исто така треба да се знае дека кај СПЦ никогаш немало искрена намера да се реши овој црковен спор, ниту, пак, сега има таква намера, што треба да биде силен аргумент на страната на МПЦ.

За МПЦ сега е многу важно да биде рамноправен партнер во тој процес, а не споредна страна. Со самото поднесување на барањето за апелација пред Вселенската патријаршија, МПЦ направи чекор пред СПЦ и сега е во поволна позиција таа да разговара со Вселенската патријаршија директно, а не Вселенската патријаршија да биде посредник во разговори меѓу МПЦ и СПЦ. Исто така треба да се знае дека кај СПЦ никогаш немало искрена намера да се реши овој црковен спор, ниту, пак, сега има таква намера, што треба да биде силен аргумент на страната на МПЦ

Од друга страна, вселенскиот патријарх Вартоломеј изминативе години покажа дека има искрена намера да биде запаметен како патријарх што сериозно работел на решавање на сите отворени прашања во православниот свет што се проблем за единството на црквата. Тој е соочен со големиот отпор меѓу православните цркви, откако ја призна автокефалноста на Украинската црква. Затоа, во насока на претпазливост, да не предизвика нови потреси во православието, сега внимателно постапува со црковниот проблем со МПЦ.

Факт е дека низ историјата сите прашања што биле поврзани со самостојност и автокефалност на црквите оделе исклучиво преку Вселенската патријаршија. Таа, како што ја нарекуваат првопрестолна црква, или прва меѓу еднаквите, секогаш го имала приматот на медијатор меѓу раскараните цркви, но и краен одлучувач, носител на потписот на томосот за автокефалност на одредената црква.

Македонските владици мора да останат доследни на својата историска одлука да се изборат за признавање на автокефалноста на нашата црква преку апелациската постапка што пред една година ја поведоа пред Вселенската патријаршија, која само пред десетина дена одлучи да ја стави на дневен ред за разгледување. Секоја одлука што ќе ја донесат македонските владици, по евентуалната одлука на Српската православна црква да ги возобнови разговорите со МПЦ, треба да биде јасна и прецизна, за да излезат достојни чувари на духовноста, изворната вистина и суштината на својата национална православна црква.

МПЦ досега многупати се изјаснила дека останува на ставот дека решението на црковниот статус е само признавање на автокефалноста во суштинска смисла, зашто црковниот живот во Македонија, всушност, е континуитет од некогашната Охридска архиепископија, возобновена во лицето на МПЦ-ОА.
Тој пат треба и да го следи.

[email protected]