Невообичаените патишта на движење на уметниците

376

Пандемијата како да ги забрза работите. Го забрза свртувањето на вниманието на луѓето од градот кон бенефицијата што можат да ја добијат од допирот на земјата. Не се заштедуваат со тоа само пари за купување овошје, зеленчук и цвеќиња, туку се штеди и здравјето, се пренасочува акумулираната негативна енергија во креирање микросветови исполнети со енергија од моќта на природата, која треба, исто така, да се пренесува

Уметниците со своите невообичаени патишта на движење и создавање дела, често им отвораат на луѓето нови погледи на реалноста во која живеат. Им укажуваат на процеси што се случуваат околу нив, ја вадат есенцијата и покажуваат дека постојат и други можности за совладување на секојдневните егзистенцијални борби, надвор од вообичаените. Таков еден уметнички проект е и видеозаписот на уметницата Зорица Зафировска, насловен „Порасни ме, навади ме, погали ме“, кој како дел од истоимениот тековен проект ги забележа брзата урбанизација на градот и зголемената потреба за враќање на грижата за јавните зелени површини.
Во нејзиниот документиран запис, каде што се прикажани „градини на љубов, грижа и невнимание“, снимени на повеќе локации низ Скопје, е и урбаната градина „Бостание“ во населбата Ново Лисиче. Големо пријатно изненадување од видеозаписот, а уште поголемо на терен! Во време кога во државата сѐ уште се водат битки на различни нивоа за управувањето со јавниот простор на вистински, демократски начин, една група луѓе секојдневно одат во „Бостание“, во оваа прва општествена градина во земјава, и одгледуваат за свои потреби зеленчук, овошје, цвеќиња. Мал микрокосмос би рекле, во кој тие ги почитуваат правилата на природата и се во склад со светските тенденции за органско производство на храна, а се почитуваат наедно и меѓу себе, се дружат помагајќи си во средувањето на просторот, во одгледувањето на растенијата, во размената на семињата, на расадот, на позитивна енергија, којашто видливо придонесува оваа градина, која пред пандемијата на ковид-19 сѐ уште се градеше, да продолжи и да се развива.

Овој проект за развој на урбана општествена градина го реализира граѓанската организација „Зелената арка“, генерално со поддршка на Град Скопје. Општествени урбани градини постојат во повеќе земји во светот со години, а ги има и на Балканот. Скопското „Бостание“ е само уште еден доказ дека доколку се сака, сѐ се може! И тоа во урбаното Ново Лисиче, населбата позната и по тоа што во неа често се градат згради, се населуваат луѓе. Но големите згради и удопствата што тие ги нудат, сепак, не можат да ја покријат исконската човекова потреба за допир со земјата, со почвата, за самостојно одгледување храна. Нема ништо подобро од тоа, напоменуваат градинарите, да го јадеш тоа што самиот си го произвел. Голем дел од нив и нема претходно градинарско искуство, кое тука постепено го стекнува, копајќи, садејќи, наводнувајќи, берејќи ги плодовите од својот труд, како и преку курсеви за пермакултура. Не е ништо ново ако се каже дека работата во градината е и еден вид здрава рекреација за градските луѓе, но и можност за поголема социјализација на отворен простор. А тука може да се сретнат градинари, луѓе од различни возрасти од различни делови на градот. Доаѓаат и со велосипеди, а има и родители со деца што на самото место, помагајќи, учат како се одгледуваат растенијата. И во оваа градина, впрочем, ништо невообичаено, се слуша и музика, се разговара додека се работи, а децата може слободно да фрлаат и пластични авиончиња искачени на балите од слама. Додека копаат наведнати над парцелите во просторот од 3.000 метри, на лицата на луѓето, освен напор, се гледа задоволството што се таму.
Здружението „Зелената арка“, кое во согласност со принципите и филозофијата на пермакултурата, активно дејствува во практикувањето и промовирањето на обновливиот развој, планира и официјално во следните два месеца да ја претстави градината „Бостание“, која сѐ уште постепено се дооформува. На тој простор веќе има обезбедено електрична енергија, парцелите се наводнуваат со системот капка по капка, а меѓу другото треба да биде подигната и стаклена градина, каде што ќе се произведува расад. Веќе постојат и седум компостни станици за органски отпад, а може да се видат и млади стебла од различни овошки.

Уметниците често им отвораат на луѓето нови погледи на реалноста во која живеат. Им укажуваат на процеси што се случуваат околу нив, ја вадат есенцијата и покажуваат дека постојат и други можности за совладување на секојдневните егзистенцијални борби, надвор од вообичаените

За членовите на оваа граѓанска организација од големо значење е да се споделуваат и искуствата, како и семињата, како и храната, како и енергијата. Планирано е во „Бостание“ во следните два месеца неколку уметници да подигнат заедничко уметничко дело, проект што е финансиран од програмата за култура на Град Скопје. Тоа треба да биде уметнички придонес за уште еден сегмент од развојот на градината. Имаат искуство со ленд арт, потсетуваат од „Зелената арка“ и од одржаната ленд арт-колонија со уметници во подножјето на Кожув, во селото Серменин, во 2017 година. И за оваа колонија исто така остана да сведочи еден видеозапис.
Пандемијата и во случајот со „Бостание“ како да ги забрза работите. Го забрза свртувањето на вниманието на луѓето од градот кон бенефицијата што можат да ја добијат од допирот на земјата. Не се заштедуваат со тоа само пари за купување овошје, зеленчук и цвеќиња, туку се штеди и здравјето, се пренасочува акумулираната негативна енергија во креирање микросветови исполнети со енергија од моќта на природата, која треба исто така да се пренесува. Од „Бостание“ во Скопје да се пренесе во иднина и во други урбани центри во Македонија, во други јавни простори, каде што луѓето ќе си најдат свои нови места за работа, заработка, релаксација, дружење… И уметниците исто така.