Неверните томовци од нашето маало

383

Доволно е само да се отворат социјалните мрежи и да се прочитаат коментарите под информациите за ковид-19, особено оние што се поврзани со претстојните празнични денови и најавите за нови рестриктивни мерки. Што е тоа што ги тера луѓето на вакви размислувања? Од каде тој нагон на недоверба? Феномен или менталитет? Сите овие дилеми се одличен повод за социолошко-психолошки проучувања. Токму одговорноста на оние што ја креираат власта, но и опозицијата во земјава се клучните виновници зошто одредена група граѓани има недоверба во сѐ и за сѐ негодува, односно дава отпор дури и на вирус што коси животи

Има една приказна за двајца пријатели што се убедувале за тоа дали постои или не постои жирафата. Едниот му вели на другиот дека постои едно животно со долг врат, ама многу долг. Другиот не му верува на муабетот, па заедно одат во Зоолошката градина за да се увери. Ја гледа жирафата, ја анализира, мисли и на крај заклучува: „Е нема такво животно!“
По сличен пример и голем број македонски граѓани веќе цела година се однесуваат со пандемијата на ковид-19. Една година гледаат дека луѓе умираат, се соочуваат со тоа нивни другари, пријатели и роднини да се заразени, да имаат и компликации од вирусот, а тие зборуваат како сето тоа е измислица на западниот свет. Тие дури и самите да се заразат и не дај боже и на смртна постела да дојдат од вирусот, ќе речат, а бе, ај, од промајата ми е.
Дури ниту состојбата со преполните болници и постојаните лекарски апели за внимателност, кај нив не создаваат верба во горката реалност, во она со што се соочуваме секојдневно.
Но не се тие единствени, не се само македонскиот сој луѓе конспиратори и не се само тука кај нас. За жал, бројката е голема и ја има насекаде. Веруваат во сѐ и сешто, но не и во науката и медицината. Иста ќе биде и состојбата со вакцините, кои сега сите ги бараат, но кога ќе ги има во доволен број, токму ваквата недоверба ќе направи да има мал одзив за имунизација на населението во земјава.
Доволно е само да се отворат социјалните мрежи и да се прочитаат коментарите под информациите за ковид-19, особено оние што се поврзани со претстојните празнични денови и најавите за нови рестриктивни мерки.

Што е тоа што ги тера луѓето на вакви размислувања? Од каде тој нагон на недоверба? Феномен или менталитет? Сите овие дилеми се одличен предмет за социолошко-психолошки проучувања. Таквиот тип анализи ѝ се потребни на науката, за да допре до срцевината на проблемот. А проблем, очигледно има. И тој е некаде внатре во свеста на луѓето.
Ретко кој може да разбере како и по една година пандемија на некои луѓе треба да им се каже дека кога излегуваат од дома мора маска да понесат со себе. Логично ли е некому да треба да му кажете да измие раце кога ќе се врати дома. Не е ли тоа општа човечка и цивилизациска култура.
Но дали само народот е виновен за ваквата недоверба што ја произведува? Секако мора да има сериозна причина за ваквата состојба кај луѓето?
Со години политичарите, односно избраниците од народот не креираат политики на доверба во институциите на системот.
Да, пандемијата откри многу слабости во државниот систем, кој со години се провлекуваат низ македонското општество, а никој сериозно не се зафатил да ги решава, да ги стави во некој колосек. Тоа што никој не посветувал внимание, сега продуцира трајни последици по општото здравје.
Токму одговорноста на оние што ја креираат власта, но и опозицијата во земјава се клучните виновници зошто одредена група граѓани има недоверба во сѐ и за сѐ негодува, односно дава отпор дури и на вирус што коси животи.
Да, еден дел од луѓето не верува во ништо што произлегува од некакви „авторитети“, односно од оние што ја водат институционално земјата.
Зошто?
Затоа што низ годините граѓаните немаат примери на доследно спроведување на законите. Немаат ниту примери дека неспроведувања на законите и нивното прекршување биле доследно санкционирани.
Клучот лежи токму во (не)доследноста и (не)сериозноста на институциите, што од друга страна раѓа сомнеж во сѐ и сешто.

Од друга страна, во голема мера недовербата кај граѓаните се темели и на нивната збунетост од различните информации, кои најчесто преку социјалните мрежи стигаат до нив. Во тоа „лудило“ од информации тие не знаат во што да веруваат. Не веруваат во институциите, не веруваат во челниците на тие институции, не веруваат во информациите што се пласираат и на крајот не веруваат во вирусот… И секој си решава за сѐ сам, според своите убедувања и искуство. А тоа кога секој решава по свое, веќе личи на филмовите за Дивиот Запад.
Затоа кога станува збор за вонредни околности и во услови на пандемија заштитата на колективното, јавно здравје е одговорност на сите. Заедничката одговорност е предуслов за крајната цел, а таа веројатно и на оние што не веруваат и на оние што веруваат во опасностите од вирусот е што поскоро да се вратиме во нормалниот живот. Но тоа е можно само со здружени сили, максимална одговорност од сите, како и придржување и почитување на мерките за заштита од вирусот. За сѐ потоа има и време и простор за дебата.

[email protected]