Најважната битка за државата

451

Во светски рамки не постои пример на држава што може да функционира и да опстане без луѓе. Затоа на извештајот на Светска банка треба да се гледа како на детонација на најголемата од сите досегашни бомби и бомбички што на некој начин се одомаќија и станаа практика во нашата Македонија. Но разорната моќ на оваа бомба со иселувањето може да ја однесе во неврат целата држава

Една стара народна песна велеше „туѓината пуста да остане“, но очигледно таа треба да добие некоја помодерна верзија или преработка како „туѓината блиска ли ни стана“, со оглед дека речиси половина милион македонски граѓани ја напуштиле земјава во потрага по подобар живот.
Светска банка во најновиот извештај отворено ни го кажа она што го знаевме сите, но одбиваме да си го признаеме, дека ќе останеме држава без луѓе.

Држава без најважниот ресурс, а тоа е човечкиот потенцијал. Тоа, несомнено, катастрофално и катаклизмично ќе се одрази врз сите сегменти од живеењето, но ќе го доведе во прашање и опстојување на државата. Зашто во светски рамки не постои пример на држава што може да функционира и да опстане без луѓе. Затоа на извештајот на Светска банка треба да се гледа како на детонација на најголемата од сите досегашни бомби и бомбички што на некој начин се одомаќија и станаа практика во нашата Македонија. Но разорната моќ на оваа бомба со иселувањето може да ја однесе во неврат целата држава.

Извештајот на Светска банка навистина одекна како бомба, а вистината е дека таа „бомба“ е фрлена пред околу 30 години, кога земјава стана самостојна, но бидејќи имаше временски темпиран детонатор, тогаш не експлодира и остана закопана под земја. За иселувањата тогаш сѐ уште само се шепотеше. Но секоја нова власт само натрупуваше нови слоеви земја, со надеж дека „бомбата“ никогаш нема да експлодира, а отчукувањата на детонаторот се слушаа сè погласно и погласно, па оние со подобар слух со време си ги спакуваа куферите и си заминаа.
Алармираа и стопанствениците, кои со години ја предупредуваа секоја власт дека ако не преземеме решителни чекори во насока на подобрување на економските состојби, ако не го реформираме економскиот модел, кој не дава резултати, ќе ги загубиме и високообразованите кадри и работниците и младината.

Додека сите се занимаваа со постојаните политички надмудрувања и повремени кризи, економијата тонеше сè подлабоко, се урнисуваа здравствениот и образовниот систем, се урниса владеењето на правото и правната држава итн. Пресуден критериум за раководна функција беше партиската книшка, на сметка на квалификациите и квалитетот. И тоа траеше со години. Непотизам, корупција, нефункционално судство, лошо здравство, образование, загадување од енормни размери се само дел од причините што им ја олеснуваат одлуката на оние што решаваа дали да заминат или да останат. Сметката на ваквите погубни и лоши политики конечно дојде за наплата. Но медалот, секако, има две страни.
За овие состојби не се одговорни само инертните, неразвојни политики во земјава, дебел придонес има, намерно или ненамерно, и Европа.

Сите многу добро се сеќаваме дека на почетокот на 1990-тите години од минатиот век, пред распадот на СФР Југославија, Бадентер оцени дека само Словенија и Македонија ги исполнуваат условите да бидат признаени како независни држави. Тогаш Словенија и Хрватска експресно беа признаени од Европа, а признавањето на Македонија остана да чека некои подобри времиња.

Нерешителноста на Европа, како и нејзината калкулантска политика, придонесе тука да се одвиваат процеси надвор од сите политички, правни и економски логики. Се влезе во транзиција врз која никој немаше контрола, се правеа сомнителни приватизации на државни компании, се грабаа акции од работниците, кои воопшто и не го разбираа акционерството… Многу големи економски гиганти згаснаа, а улиците на главниот град со години беа блокирани од разни стечајци, штрајкувачи, паталци, кои прекуноќ останаа на улица без никаква егзистенција.
Европа не реагираше ниту кога Грција наметна економско ембарго, а земјава се соочи и со санкции што мораше да ги спроведува кон тогашната СР Југославија, чија економија беше поврзана со македонската.

Сите овие состојби доведоа до колапс на домашната економија, а со тоа и на животниот стандард на граѓаните. Дополнителен удар беше и конфликтот во 2001 година, поради што беа потрошени огромни пари што требаше да бидат инвестирани во инфраструктурни проекти, а беа потрошени за оружје.
Пасивноста на Европа, или конкретно на ЕУ, директно им кумуваше на ваквите состојби во Македонија, но и на целиот Балкан. Политиката на Европа на постојано држење на Македонија во некаков инкубатор, во заложништво, под постојан притисок, уцени и закани се покажа многупати досега.
Можеби сето тоа е добро смислен европски потег, за да се привлечат што поголем број македонски инженери, доктори, информатичари, кои во западноевропските држави би работеле за пониски пари од платата што им ја бараат Германците или Французите, на пример. Но клучната поента е што со ваквиот одлив на мозоци, Македонија останува без својот најголем капитал, човечките ресурси.

Европејците знаат дека поисплатливо им е да добијат високообразована и квалификувана работна сила отколку да инвестираат во обуки на мигрантите, кои и онака имаат проблем да се приспособат на европскиот менталитет.
Додека кај себе ги „канат“ квалификуваните работници, тука, под превезот на некакви инвестиции, ги рестартираат старите комбинати со опрема од пред 70 години, загадувајќи ја околината и нудејќи им на работниците просечна македонска плата, бидејќи знаат дека за тие пари Германец или Французин нема „да го стават ни под разно“. Значи, на иселувањето и на македонскиот егзодус кумуваше и Европа со своите политики.
Тоа е вистината зошто оние половина милион си заминале од земјава, а можеби уште толку секоја вечер си легнуваат со мислата што поскоро и тие да ги спакуваат куферите.
Дури и кога сѐ е толку црно, можеби има малку надеж, но треба нешто да се направи. Полска пред влезот во ЕУ, како и непосредно по влегувањето во Унијата, се соочи со истиот проблем. Голем број млади ја напуштија државата, но тамошните власти решија да ја донесат Европа во својата земја и започнаа сериозни реформи, кои придонесоа да започнат обратни процеси, односно враќање на младите. Државата профункционира.

Тоа и нам ни е потребно. Да се остават настрана партиските подметнувања и да се стави државата на прво место. Прво, да започне бескомпромисна борба со корупцијата во сите сфери, потоа вработувањата да се прават врз основа на квалификации, а не париски заслуги, здравството да се стимулира со добри плати и капацитети за да стане ефикасно, образованието сериозно да се реформира за да почне да продуцира квалификувани кадри, а државата да овозможи услови за нормален развој на компаниите.
Реформите во економската сфера се најважни, бидејќи без тоа, сѐ друго ќе нема целосен ефект. Тука, се разбира, клучна стратегија треба да биде постигнување што повисоки стапки на пораст на БДП.
Од друга страна, и газдите треба да почнат да учат од европските колеги, односно да сфатат дека плата од 200 евра во Македонија и не е некоја плата и дека ако сакаат да задржат добри работници, ќе треба и подобро да ги платат.

На крајот, една коренита реформа на судството, за конечно сите да почувствуваат дека правото и правдата се достижни за сите.
Е, тоа се некои минимални чекори што треба да се направат за да престане овој егзодус на млади од Македонија. Во спротивно, ако останеме без луѓе, тогаш за многу кратко време ќе останеме и без држава.