Национално наместо екстерно тестирање

972

Во минатото имавме екстерни тестови што беа дел од образовниот систем неколку години едноподруго. Овие тестови сега е планирано да ги заменат национални тестови, за кои се ветува дека ќе имаат поинаква улога и цел. Дали конечно е пронајден вистинскиот модел за поуспешно образование или повторно се прават експерименти некаде каде што не би требало да ги има. Секоја проверка на знаењето и работењето е пожелна и потребна, но, секако, таа мора да биде во насока на поквалитетен образовен процес во целина

Непосредно пред одржувањето на референдумот минатата година, образовните власти најавија дека во Македонија ќе се спроведе ново, т.н. национално тестирање. Беше најавено дека тие тестови треба, на некој начин, да бидат замена за екстерните тестови што беа дел од образовниот систем неколку години едноподруго и кои патем, беа добра замисла што доживеа килава реализација. Ваквата информација наиде на реакции во јавноста, особено меѓу родителите и наставничката фела, бидејќи резултатите од тогашното тестирање, влегуваа во свидетелствата, влијаеја на општиот успех на учениците, а оценките влијаеја и на наставниците, бидејќи се споредуваа со оние оценки што тие им ги пишуваа на учениците во текот на учебната година. На хартија имаше предвидено и казни за оние што необјективно оценуваа, односно за оние кај кои имаше отстапувања од две и повеќе оценки, но подоцна тие беа тргнати од законот. Имаше и награди за најобјективните оценувачи, но и тие никогаш не видоа бел ден во практика. Единствена колатерална штета од тие тестови беа учениците, бидејќи оценките од екстерното влегуваа во нивните свидетелства, па макар и да беа единици, кои го рушеа просекот на оценки што го обезбедиле во текот на целата учебна година. Најмногу реакции од родители и од ученици имаше за тоа што се полагаше екстерен тест само еднаш на крајот на учебната година.

Сево ова денеска е минато. Овие тестови сега е планирано да ги заменат национални тестови, за кои се ветува дека ќе имаат поинаква улога и цел. Оценката од националниот тест нема да биде впишана во свидетелството, а со тоа нема да има влијание врз просечниот успех. Образовните власти најавија дека учениците ќе бидат тестирани двапати во текот на нивното основно образование. Едното би се спровело во четврто одделение, а другото во деветто одделение. Ваков модел веќе функционира во Словенија, па целта е да се преслика тој модел и во нашиот образовен систем. Тестирањето ќе го спроведе Државниот испитен центар, истиот оној центар што го спроведуваше екстерното тестирање. Прашањата, секако, би биле од веќе усвоениот материјал по предметите.

Ако се спроведе на тој начин што нема да има реперкусии по наставниците и по учениците, тогаш може да постои како модел што ќе ги проверува знаењата и постигањата на учениците. Ако тие резултати се користат за да се анализира состојбата, и се во насока на подобрување на образовните политики, тогаш може да постои како механизам. Сѐ додека националните тестови не се користат како средство за заплашување и родители и деца и наставници, во ред е да постојат.

Не треба да има споредување оценки, последици од нив, туку тие треба да послужат за да се види што е она што треба да се поправа. Ако на пример, на националниот тест по мајчин јазик се покаже дека децата се неписмени, тогаш во редовната настава да бидат застапени многу повеќе граматиката и правописот одошто литературата. Додуша, за да се потврди неписменост и не треба национален тест, генерациите се и онака сѐ понеписмени од година на година, што се потврдува и со редица истражувања и анализи.

Во 30 отсто од земјите на ОЕЦД се спроведува национално тестирање. И нам ни е неопходно како мера и тоа е неоспорно. Во право се експертите во областа кога велат дека ваквото тестирање треба да се сфати исто како резултат од крвна слика, кој ќе послужи да се скенира состојбата во системот на образованието. Како што и самиот вели, сите сакаме здравствената состојба да ни биде според некои стандарди од резултатите, па така и со ова тестирање.

Затоа, проверката на знаењето ќе ја покаже сликата на многу состојби во системот. Според проф. д-р Кирил Барбареев, професор на Факултетот за образовни науки во Штип, суштината е да се видат реалниот квалитет и вредноста на издадената оценка, свидетелство, диплома, сертификат, сликата за училиштето во средината, но и одговорноста на стручните служби и луѓето што ги водат училиштата, градоначалниците и самото министерство, бидејќи кај нас сѐ уште назначувањето на директорите е политичка одлука, а не стручна. Затоа овие тестови би требало да се сфатат како процес за подобар систем.

Образовните власти во државата овој пат не треба да брзаат. Треба внимателно да осмислат како би се спровело едно вакво сериозно тестирање во државата, кое би станало редовна практика и кое не би се сфатило како што не треба. Треба да се ангажираат експерти што би ги искреирале тие тестови и кои би одлучиле колку пати во текот на основното образование ќе се спроведат. Министерството за образование и наука на чело со министерот Арбер Адеми, треба да смисли паралелно и како ќе создава и како ќе ги подобрува и мери условите во училиштата. Тестирањето треба да се обмисли сериозно, да се реализира релаксирано и да не се сфаќа трагично, токму онака како што функционира во развиените држави.