Натпартиски автобуси

513

Како нова политичка формула на овие претседателски избори беа промовирани натпартиски кандидати. Викендов, пак, можевме да видиме и мноштво натпартиски автобуси како организирано се упатуваат кон главниот град на државата за поддршка на натпартиските кандидати

Покрај сите неодумици и сомнежи што се провлекуваат во овој постпреспански период на Македонија, во вид на дијаметрално спротивни гледишта за тоа дали со Преспанскиот договор се „зацементирани“ или „загрозени“ клучните национални обележја, во актуелнава претседателска кампања барем стана јасно дека се зачувани главните специфични навики и тактики од македонскиот (пред)изборен фолклор. Во политичките анализи и предвидувања за важноста на овие претседателски избори, главно доминира оцената дека за партиите тие претставуваат само предигра и мерење на силите за парламентарните избори – било да се тие предвремени или редовни. Секако, превентивно се потсетува на моментот дека коректноста и регуларноста на нивното спроведување, е еден од важните предуслови за добивање датум за почеток на преговори за членство во ЕУ – било да се задоцнети, или уште позадоцнети… Што се однесува до полноправното членство во НАТО – иако со помината желба, тоа сепак е во процедура… Всушност, наративите за членството во ЕУ и во НАТО одамна се неизбежен дел од македонската демократска изборна традиција, некогаш како мотивација за довербата на гласачите, но и како спроведувачи дисциплински мерки ако македонските гласачи искажат сомневање во нивните перспективи. Независно од политичката опција што се повикува на нив, мотивот на НАТО и ЕУ секогаш се доживувал како политички коректен, или според најновата терминологија – натпартиски!

Не е потребна голема математичка анализа за да се пронајде НЗС на овие претседателски избори, со оглед на тоа што сите тројца кандидати особено го нагласуваат својот натпартиски статус. Таквата своја позиција, во текот на кампањата и во меѓусебните медиумски соочувања, професорите Гордана Сиљановска-Давкова, Блерим Река и Стево Пендаровски ја аргументираа со фактот дека формално-евиденциски никој од нив не е член на некоја од политичките партии што ги поддржуваат. Терминот „натпартиски“, како најсоодветен во кампањата, всушност се утврди од партиите, кои за овие претседателски избори проценија дека веројатно никој од нивните партиски членови не може да ги доведе до победа. Натпартискиот момент дури ја потисна и онаа популарна флоскула на владејачката коалиција СДСМ – ДУИ за „консензуален кандидат“, како некаква парадигма за кандидат прифатлив за сите етнички заедници во Македонија. Во текот на кампањата беше толкувана и оспорувана квалификацијата „натпартиски“, поради фактот што партиите, кои ги поддржаа актуелните кандидати (СДСМ-ДУИ стојат зад Стево Пендаровски, коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ – Гордана Сиљановска-Давкова, а Блерим Река е поддржан од Беса и Алијанса за Албанците), всушност стојат финансиски и организациски зад целата кампања. Таквата поддршка, аналитичарите сметаат дека ги обврзува кандидатите за претседател, кога ќе бидат избрани (кој и да биде избран) да ги поддржуваат политиките на партијата што застанала зад нив на патот до претседателската позиција на државата. Иако според „описот на работата“ на претседателот на државата, се подразбира дека неговата позиција е натпартиска, обединувачка, во досегашното практикување на оваа државна функција во независна Македонија, на сите претседатели во дел од мандатот, или во текот на целиот мандат, им бил оспоруван легитимитетот на „претседател на сите граѓани“.

Со таква предисторија на функцијата – македонски претседател, очигледно дека е многу тежок предизвик за секој што ќе го освои потребниот број гласови за победа на овие претседателски избори, во текот на својот мандат навистина да го докаже својот натпартизам. Предизвикот е уште поголем, зашто се чини дека во текот на кампањата колку и да беше реторички нагласуван натпартискиот карактер на кандидатите, на секој митинг или средба со граѓани тој сѐ повеќе се повлекуваше под доминација на поддржувачите, т.е. партиите. Тоа особено беше забележливо на големите митинзи во Скопје, на кандидатите на ВМРО-ДПМНЕ и на СДСМ, во текот на изминатиот викенд, кога во главниот град беше повторена старата изборна сообраќајна традиција.

Наспроти новата реторика на кандидатите, стариот политички менталитет повторно ги изнесе на виделина митингашките автобуси, кои овој пат станаа натпартиски автобуси. Веројатно следниот чекор се – натпартиски партии!

Односно главните сообраќајници во градот беа речиси блокирани од „натпартиските“ автобуси, кои довезуваа граѓани-поддржувачи од целата земја, за да обезбедат масовност на митингот на своите фаворити. Веќе не е никаква тајна ниту за политичките наивници (ако сѐ уште постојат такви), дека таквата „автобуска логистика“ ја спроведуваат партиите. Исто така, веќе познато е и постмитингашкото сценарио, кога партиите меѓусебно се обвинуваат за подмитување со сендвичи на митингашите, кои дошле за поддршка на спротивниот кандидат и докажување дека нивните автобуси били полни со „слободномислечки поддржувачи“… И како ултимативен доказ за сопствената „слободна мисла“ ќе се повикаат на ЕУ и на НАТО.

Навистина, секогаш во македонскиот политички амбиент имало тенденции евроатлантските аспирации на земјава да бидат присвојувани како ексклузивно право на секоја партија. Се чини дека на овие претседателски избори, таа желба за докажување на својата посветеност кон ЕУ и кон НАТО, партиите ја манифестираа со промовирање на натпартизмот. Како нова политичка формула беа промовирани натпартиски кандидати, но стариот политички менталитет повторно ги изнесе на виделина митингашките автобуси, кои овој пат станаа натпартиски автобуси. Веројатно следниот чекор се – натпартиски партии!