Надлежните никако да ѕирнат во чиниите на основците

195

Нема ништо ново во однос на постапката за избор на фирма што ги храни децата во училиштата, иако родителите и за тоа реагираа, бидејќи, според нив, е недозволиво во секоја тендерска процедура да се избира онаа фирма што ќе достави најниска понуда наместо во постапката да се бара и гаранција за безбедноста и квалитетот, зашто здравјето на децата треба да е приоритет

Првото тримесечје од оваа учебна година помина, а нема ниту трага од долгоочекуваните и на големо најавувани контроли на храната што секој ден им се дава на основците во училишните мензи. На хартија има нови правила, но тие таму и останаа, иако имаше многу реакции од родители што сметаат дека децата им се хранат неквалитетно и нездраво. Нема ништо ново ниту во однос на постапката за избор на фирма што ги храни децата, иако родителите и за тоа реагираа, бидејќи, според нив, е недозволиво во секоја тендерска процедура да се избира онаа фирма што ќе достави најниска понуда наместо во постапката да се бара и гаранција за безбедноста и квалитетот, зашто здравјето на децата треба да е приоритет.

Точно пред една година на социјалните мрежи имаше многу реакции на родители во врска со храната во училиштата. Тие реагираа дека децата не им се најадени, или дека печивата имаат помала грамажа од онаа што фирмата доставувач или производител ја гарантирал, недопечени кифли, потоа имаше реакции и за тоа дека наоѓале различни парчиња од пластика или метал во храната. Исто така реагираа и за тоа дека не се почитува менито и она што е напишано во него и дека, на пример, ако децата требало за појадок да јадат палента и јогурт, им се давало крем и леб. Освен тоа, и во извештајот за храната во училиштата една од главните забелешки беше дека многу е мал внесот на нутритивно богата храна, како овошје и зеленчук во менијата, а имаше и препорака дека е потребен засилен мониторинг на исхраната кај децата.

По сите овие реакции во јавноста, тогашната министерка Рената Дескоска се заложи да се решат овие проблеми, односно беа најавени значително поголеми контроли во однос на квалитетот и безбедноста на оброците. Taa истакна и дека бизнис-интересите на градоначалниците не смеат да бидат поважни од здравјето на децата, па беа усвоени законски измени што требаше да го решат долгогодишниот проблем, кој настанувал главно поради тоа што градоначалниците при склучувањето на договорите со сопствениците на фирмите не ги почитувале одредбите од Правилникот за исхрана усвоен пред неколку години од Министерството за образование и наука. Според најавите, требаше да постои механизам што ќе врши контрола врз тоа дали се почитува тој правилник и во случај да има отстапувања, да бидат раскинати договорите со снабдувачите на храна. Беше формирана и работна група што заедно со УНИЦЕФ требаше да направи план како да се зајакне и да се зголеми контролата врз исхраната во училиштата. Сето ова, како што беше најавено, требаше да биде направено темелно, а контрола на исхраната требаше да вршат пет институции – Министерството за образование и наука, Министерството за здравство, односно Институтот за јавно здравје, Агенцијата за храна и ветеринарство, како и Државниот пазарен инспекторат. Исхраната требаше да се следи интерресорски, бидејќи Министерството за образование и наука нема ингеренции кога се работи за храната во училиштата.

Повеќе од неопходно е конечно на терен да видиме инспектори во училишните мензи. Недозволиво е и понатаму да се провлекуваат сендвичи со евтини салами и растителен кашкавал, оброци со остатоци од пластика во нив, грав без грав во чиниите. Државата преку институциите треба да нѐ убеди сите дека во практика и на терен се грижи за здравјето на младите и дека бизнис-интересите на градоначалниците не се поважни од нашите најмили

Но односот на државата кон оваа проблематика е уште еден показател дека образованието, сепак, е најнесериозно третираниот ресор. Ова е уште еден доказ дека секој министер доаѓа на оваа позиција со свои идеи, од кои дел реализира а дел не, затоа што најчесто неговиот наследник, како по правило, не се труди да истурка некоја промена што е за доброто на децата. По промените на законот во однос на исхраната, досега ниеднаш не сме слушнале министерот Арбер Адеми јавно да даде некаква изјава дека планира да го спроведува законот или, пак, да понуди некое подобро решение, ако веќе има идеја за такво нешто.

Ако проблемот со храната не се решава на терен, тогаш залудно има закон за тоа. Aко никој не контролира каква е храната во однос на безбедноста, свежината, квалитетот, тогаш попусто на хартија има правила како треба. Со новите измени на Законот за основно образование беше предвидено нутритивниот квалитет на храната и оброците да ги утврдува Институтот за јавно здравје, како и центрите за јавно здравје.

Директорот на училиштето требаше да има обврска да го следи обезбедувањето на стандардите за исхраната и оброците во основните училишта, а ако забележи неправилности веднаш, а најдоцна во рок од три дена од денот на утврдувањето на неправилностите, треба да ги извести Агенцијата за храна и ветеринарство, Државниот санитарен и здравствен инспекторат или Државниот пазарен инспекторат, во зависност од утврдената неправилност. Освен директорот, беше предвидено и советот на родители да побара вонреден инспекциски надзор дали во основното училиште оброците се во согласност со стандардите за исхраната.

Повеќе од неопходно е конечно на терен да видиме инспектори во училишните мензи. Недозволиво е и понатаму да се провлекуваат сендвичи со евтини салами и растителен кашкавал, оброци со остатоци од пластика во нив, грав без грав во чиниите. Државата преку институциите треба да нѐ убеди сите дека во практика и на терен се грижи за здравјето на младите и дека бизнис-интересите на градоначалниците не се поважни од нашите најмили.