Може ли на Балканот да се изгради Берлин

283

Тежината на моментот и на ситуацијата воопшто не оставаат простор за површност и недоследност во реализацијата на преземените обврски, а искуствата не се охрабрувачки поради што сосема оправдано звучат сугестиите финансискиот пакет поцврсто да биде врзан, па дури и условен, со одредена динамика на остварувањето на демократските вредности, воспоставувањето владеење на правото, борбата против корупцијата, консолидирањето на администрацијата… Во спротивно, парите би можеле да исчезнат или да се „пренасочат“ за некои помалку суштествени проекти, како што, на пример, се случи со парите од европските образовни фондови

Благонадежно одекна веста дека лидерите на земјите од Западен Балкан, завчера на онлајн самитот под претседавањето на Скопје и на Софија во рамките на Берлинскиот процес, ги потпишале декларациите за заедничкиот регионален пазар и за зелената и дигиталната агенда, како уште еден чекор во доближување до практиките на соработка и до стандардите на Европската Унија. Тоа се навистина грандиозни инвестициски планови, особено кога сѐ уште не се знае, а не може ни да се претпоставува колку големи последици ќе остави пандемијата врз економиите, кои во овие земји и без неа, веќе со години, главно, назадуваа.
Но уште понадежно ќе звучеше, доколку ова беше проследено и со конкретни политички поместувања во меѓудржавните односи што, дури и со загарантираната финансиска поддршка, по сѐ изгледа, е многу тешко остварлива агенда кога се знае колку, барем од овдешна перспектива гледано, се оддалечени позициите на Македонија и на Бугарија за идентитетските и историските прашања, или помеѓу Косово и Србија за статусот на најмладата балканска држава, како и тоа колку сложени механизми на одлучување се востановени во длабоко поделената дејтонска Босна и Херцеговина. Со таквата поставеност на работите, на Балканот со големи тешкотии се реализираат дури и протоколарни активности кога оваа дружина треба да се состане и да се договори за одредени прашања, а камоли да имплементира нешто толку сложено како што се заедничкиот пазар или зелената и дигиталната агенда, барем онака како што тие се замислени.

Не случајно овие иницијативи за регионалното поврзување по разни основи и на разни нивоа се обединети под заедничкото име Берлински процес, но дали и како балканските лидери го разбираат тоа и колку се подготвени да вложат во надминување на наследените и на новосоздадените проблеми и на изглед непомирливите разлики да почнат да ги претвараат во заеднички интереси?
Јасно дека покровителите на Берлинскиот процес, од кој се произлезени овие иницијативи, имаат одредени очекувања, при што акцентот постојано се става на интензивирањето на регионалната соработка. А таа, не само што во моментов е замрена поради пандемијата на коронавирусот, туку и претходно често се одвиваше со динамиката тргни-застани, токму поради своеглавите постапки на истите тие што ги потпишаа декларациите.
Ништо помалку загрижувачко е и нивното однесување на внатрешен план, поради што голем број аналитичари од регионот и надвор од него веќе изразија стравувања дека автократските практики и исклучително недемократски односи во регионот тешко дека ќе бидат елиминирани со економските вложувања. Со инвестициите, според нив, едноставно речено, не можат да се закрпат проблемите со усвојувањето на демократските вредности, владеењето на правото, сузбивањето на корупцијата и клептоманијата на највисоко ниво… Конечно, повеќе или помалку оправдано, тие стравуваат дека инвестициите би можеле да бидат сфатени како награда, па дури и поттик за очигледно лошите политички практики во овие земји.

На Балканот со големи тешкотии се реализираат дури и протоколарни активности кога оваа дружина треба да се состане и да се договори за одредени прашања, а камоли да имплементира нешто толку сложено како што се заедничкиот пазар или зелената и дигиталната агенда, барем онака како што тие се замислени. Не случајно овие иницијативи за регионално поврзување по разни основи и на разни нивоа се обединети под заедничкото име Берлински процес, но дали и како балканските лидери го разбираат тоа и колку се подготвени да вложат во надминување на наследените и на новосоздадените проблеми и на изглед непомирливите разлики да почнат да ги претвораат во заеднички интереси?

Не случајно и не без добра намера, од покровителите на процесот беше сигнализирано оти, пред сѐ, треба да се решаваат меѓудржавните проблеми и конечно да почнат да се спроведуваат реформите и да се усвојуваат европските вредности без оглед на тоа што дури и оттаму одвреме-навреме произлегуваат некои лоши примери.
Тежината на моментот и на ситуацијата воопшто не оставаат простор за површност и недоследност во реализација на преземените обврски, а искуствата не се охрабрувачки поради што сосема оправдано звучат сугестиите финансискиот пакет поцврсто да биде врзан, па дури и условен, со одредена динамика на остварувањето на демократските вредности, воспоставувањето владеење на правото, борбата против корупцијата, консолидирањето на администрацијата… Во спротивно, парите би можеле да исчезнат или да се „пренасочат“ за некои помалку суштествени проекти, како што, на пример, се случи со парите од европските образовни фондови.
Тоа веќе би ги довело во прашање и добрите намери на челниците на ЕУ и нивната способност да проценат кому можат да му ја доверат работата во услови кога ниту Унијата, ниту регионот не би смееле да си дозволат ништо помалку од радикален пресврт во однесувањето и во односите.
На пандемијата на коронавирусот, доколку се потврдат вестите за ефикасноста на вакцините, ѝ се гледа крајот, време е да ѝ се стави крај и на оваа многу подолготрајна и ништо помалку мачна и погубна транзиција, која никаде како на Балканот не ја замаглуваше толку иднината – до непрепознатливост.

[email protected]